Светската трговија доживува бум и без СТО
15 декември 2017На светската економија во моментов ѝ оди извонредно. „За првпат по години, речиси сите поголеми економии се во пораст", се вели во „Економската прогноза“ на Институтот за светска економија во германскиот град Кил (ИфВ). Експертите очекуваат дека глобалната економија ќе порасне за 3,7 проценти во 2017 година. За наредната година тие предвидуваат повисок раст од 3,8 отсто.
Како што расте светската економија, така повеќе стоки ќе се разменуваат во глобалната трговија. За 2018 година, ИфВ предвидува зголемување на обемот на светската трговија од четири проценти по сличниот раст оваа година.
Тоа би можело да биде уште подобро, вели Ролф Лангхамер, поранешен потпретседател на Институтот за светска економија. „Либерализацијата на трговијата би можела да значи поттик за глобалната трговија, особено во земјоделството и кај услугите". Но, Светската трговска организација нема да може да го стори тоа. Причината има име: Доналд Трамп. „За него, мултилатералните договори се апсолутно отровни и ги отфрла бидејќи мисли дека со нив САД се доведени во полоша положба", вели Лангхамер.
Повеќе на темата:
-ТПП продолжува и без Американците
-Меркел во потрага по сојузници за слободната трговија
-Дали Европа може да профитира од протекционизмот на Трамп?
Најважниот член бојкотира
Ова исто така важи и за СТО. Уште на самитот на Г20 во Хамбург, Трамп успеа во намерата „СТО како главен столб на слободната трговија" да биде избришана од завршната декларација. САД не само што не ги номинираа своите двајца постојани претставници, туку и го блокираат назначувањето на нови членови на слободните места во Арбитражниот суд на СТО. Со други зборови, Светската трговска организација е бојкотирана од страна на најважниот член. Таа во догледно време нема да може да биде делотворна. Ова исто така објаснува и зошто на министерската конференција на СТО во Буенос Аирес не можеше да биде постигната согласност за намалување на субвенциите за нелегалниот риболов или за започнување разговори за регулативата за е-трговија.
Меѓутоа, намалувањето на значењето на СТО беше веќе очигледно уште пред Доналд Трамп, вели Ролф Лангхамер. Така на пример, Доха- рундата која започнаа во 2001 година, и со која во светскиот трговски систем требаше подобро да бидат интегрирани земјите во развој , беше прогласена за пропадната во 2015 година. Покрај тоа, СТО со години страда од „растечка нејаснотија во дефинирањето на целите", рече економистот. „Тој согласно духот на времето се потчини на конфликтот на цели", конфликтот помеѓу либерализацијата на трговијата од една страна и еколошките и социјалните стандарди од друга страна. Така, Светската трговска организација се повеќе се развива во техничко советодавно тело.
Повеќе правно отколку економско прашање
Или инстанца за правно ситничарење. Така, СТО мора да одлучи дали Кина автоматски ќе добие статус на пазарна економија по 15 години членство. Пекинг инсистира на тоа и ја тужеше ЕУ. Барем за оваа точка, постои трансатлантско единство. И САД и ЕУ досега одбија да ја препознаат кинеската економија како пазарна економија. Бидејќи тоа ќе ги отежни постапките за антидампинг. Во заедничката изјава на маргините на министерската конференција, САД, ЕУ и Јапонија се спротивставија на нелојалната конкуренција, вклучувајќи ги и субвенциите за државните претпријатија и изнудениот трансфер на технологии. Иако „Кина" не е директно именувана, сепак секој знае за кого е наменета декларацијата.
Во Кина, американскиот претседател го гледа главниот непријател во светската трговија. Во изборната кампања, тој ја обвини СТО за давање легитимитет на кинескиот меркантилизам. Тој се закани дека ќе воведе 45 процентни царини за увоз од Кина и ќе се повлече од СТО и НАФТА (Северноамерикански договор за слободна трговија).
Толку далеку (засега) Трамп не отиде. Неговиот однос кон Кинезите е противречен. За НАФТА во моментов повторно се преговара со Канада и со Мексико. Повторното воведување на царини и трговски бариери ќе го намали годишниот приход по глава на жител за 125 долари, предвидува една студија од Институтот Ифо од Минхен. Широка американска протекционистичка политика и реакциите на трговските партнери ќе им донесат Американците на многу поголеми загуби во приходите.
Во еден ваков случај, предвидувањата за светската трговија и светската економија ќе треба да се ревидираат надолу. Тоа ќе биде крај на актуелниот бум.