1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само Судот може да дозволи меѓународен мониторинг

Катерина Блажевска9 март 2016

Никој друг, туку само Судот е тој што може да му дозволи на нашиот тим да набљудува, велат од мисијата на ОБСЕ, на прашањето за мониторирање на постапките што ќе произлезат од работата на СЈО.

https://p.dw.com/p/1I9fK
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Специјалното јавно обвинителство е продолжена рака на опозицијата“... „Изборната битка на опозицијата ќе ја води Катица“... „Што ќе најави Заев, тоа обвинителката Јанева го спроведува“... Ова се само дел од критиките кои во последниве месеци се адресираат до СЈО, а кои во јавноста предизвикуваат политички препукувања, но и бројни сомнежи околу вистинитоста и мотивацијата на ваквите тврдења. Специјалното обвинителство беше формирано со консензус меѓу четирите партии потписнички на Договорот од Пржино, а името на Катица Јанева како кандидат за прв човек на оваа институција беше единственото што се поклопило меѓу предлозите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Од Работната група тврдеа дека и двете партии ја имале Јанева на предлог-кадровската листа, а и обвинителката подоцна изјави дека своето „си-ви“ го доставила и до СДСМ и до ВМРО-ДПМНЕ. Од парламентот беше изгласана со досега невидено мнозинство во собраниската практика: со 108 гласа „за“, без „воздржани“ и без „против“. Но, веднаш по формирањето на СЈО, таа поддршка почна да се топи: прво со критики за големината на буџетот и бројноста на тимот, продолжи со пријави до обвинители кои наводно вршеле притисоци при распит, за да заврши со критики за целосна партиска зависност на таа институција.

Има ли писмо?

Со цел да се тргнат сомнежите и да се намали притисокот врз институцијата од која граѓаните имаат високи очекувања за неселективност и независност на патот до правдата, во јавноста се отвора прашањето: зошто нема меѓународен мониторинг од ОБСЕ врз постапките на СЈО? Ваквиот мониторинг се најавуваше уште во септември лани, кога се преговараше за формирање СЈО, но до денес не е побаран. И кој треба да го побара? Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) вели дека јавноста многу малку знаеше за содржината на преговорите за Законот за СЈО.

„Колку за потсетување, во текот на преговорите за Законот беше спомената можноста мисијата на ОБСЕ во Македонија да прави мониторинг на постапувањата на СЈО и постапките пред судовите. Според неофицијални информации, писмото со кое се поканува ОБСЕ да започне мониторинг мисија било подготвено од Делегацијата на ЕУ, но министерот Никола Попоски сѐ уште го нема потпишано“, вели Стојковски.

Тој посочува дека Законот за СЈО остава можност преку екстензивно толкување на членот 12, и самата специјална обвинителка да побара меѓународна правна помош за сите прашања од нејзина надлежност.

Дојче веле пред два дена побара одговор од МНР - дали е испратено писмо до ОБСЕ, со кое се бара мониторинг врз постапките што ќе произлезат од работата на СЈО. До објавувањето на текстот не добивме одговор на тоа прашање.

Од Специјалното обвинителство велат дека немаат против нивната работа да биде мониторирана.

GMF Logo OSCE
Од мисијата на ОБСЕ во Скопје не коментираат кој треба да побара, туку кој треба да дозволи мониторинг

„Немаме против да биде воспоставен меѓународен мониторинг врз нашата работа, од причина што целокупното наше постапување е во рамките на предвидените законски прописи“, изјавија кусо од СЈО за Дојче веле.

И додека се множат претпоставките дали и кој официјално треба да побара мониторинг, од мисијата на ОБСЕ во Скопје не коментираат кој треба да побара, туку кој треба да дозволи мониторинг.

„Пристапот до сесиите на судот е од витално значење за работата на мониторинг тимот на ОБСЕ во Скопје за судските процеси. Пристапот до процесите е во исклучива надлежност на судот. Ова значи дека никој друг, туку само Судот е тој што може да му дозволи на нашиот тим да набљудува, во согласност со правната рамка. Нашата Мисија набљудува два случаја што ги води Специјалното јавно обвинителство и кои се во судска постапка. Имајте предвид дека повеќето од случаите на СЈО се во фаза на истрага, што според ЗКП значи дека сѐ уште се тајни. Како што случаите ќе се материјализираат во судот, нашиот набљудувачки тим ќе биде во состојба истите да ги мониторира во целост“, велат од мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Бавна правда, брзи избори

Според професорот по уставно право, Јетон Шаивари, досегашната работа на СЈО е позитивна и солидно прифатена и од домашната јавност и надвор од земјата. Во случај на натамошни притисоци и опструкции, и тој смета дека СЈО може да се повика на меѓународна правна помош.

„Сведоци сме, дека СЈО успеа професионално да раздвижи некои работи, ако ги имаме предвид првите случаи од областа на изборниот криминал, потоа тоа што се случи во Уставниот суд, што пак е директно поврзано со последниве активности на СЈО. Тука би ги додал и разните институционални и политички опструкции спрема СЈО. Но, СЈО како автономен орган е резултат на меѓународните и европските документи за борбата против организираниот криминал и корупција од политички тип, што само по себе укажува на фактот дека СЈО ужива меѓународна и европска доверба и поддршка. Ако во блиска иднина зачестат притисоците и опструкциите од секаков тип, тогаш СЈО ќе се повика на меѓународна правна помош и соработка по прашања од негова надлежност согласно со закон и меѓународни документи, како што е пропишано со член 12 од посебниот закон од септември 2015 година“, посочува Шасивари.

Но, фокусот не е само врз актуелните притисоци и обвинувања до СЈО, туку и врз односот на судството кон предметите што ќе бидат процесуирани од тимот на Јанева. Претседателот на НСДП, Тито Петковски, на вчерашната средба со амбасадорот на САД, Џес Бејли, го актуелизирал токму тоа прашање.

„Воопшто не е проблем да се формира и специјализирано оделение во судот, кое ќе биде задолжено за процесирање на обвиненијата поднесени од страна на Специјалното јавно обвинителство“, рекол Петковски, потенцирајќи дека на сите високи функционери кои се вмешани во изборен криминал не би требало да им се овозможи повторно да се најдат на листите за пратеници на престојните избори.

Но, според правни експерти, илузорно е да се очекува дека постапките на СЈО ќе влијаат на составувањето на пратеничките листи за следните избори, бидејќи тие постапки сѐ уште се во рана фаза, далеку од евентуални судски процеси, за разлика од изборите кои веќе се на прагот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема