1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит во Трст: Нема причина за тапкање по рамо

13 јули 2017

Претставниците на ЕУ-државите во Трст повторно прогледуваа низ прсти и повремено замижуваа. Ако Европа не сака да го загуби своето позитивно зрачење на Балкан, мора да премине кон поинаков однос, смета Аделхајд Фајлке.

https://p.dw.com/p/2gSYQ
Italien Balkankonferenz in Triest
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Fabi

ЕУ овојпат вистински придаде нешто: ќе има повеќе пари и одредени конкретни проекти од областа на инфраструктурата и комуникациите. Повторно гласно и јасно се обновува и прочуената пристапна перспектива. Но, по самитот за Западен Балкан во Трст имаше малку причини за општо тапкање по рамо. Зашто, проблемите кои ги имаат овие земји, самите и меѓусебно, се премногу големи за да можат да се совладаат со договорените средства.

Проблемите не само што се огромни, туку се и фундаментални, така што ни во веќе четвртата година од т.н. Берлински процес, не може во доволна мера да се стигне до нивните корени. Таа е причина што напредоците се толку мали, а отрезнувањето толку големо, зашто тековните процеси во секој момент може повторно да бидат блокирани или прекинати.

Растечки авторитаризам во сенката на ЕУ

Привлечната сила на ЕУ, во која се полагаат толку надежи, одамна не е доволна сама по себе. Политичарите од земјите од Западен Балкан за помошта и испружената рака никако не се заблагодаруваат со почитување на европските вредности и демократски принципи. Напротив, во изминативе години кај многумина балкански политичари се етаблираше опасна небрежност, која кај ЕУ-партнерот често наидуваше на преголемо разбирање за наводните внатрешнополитички принуди, што главно води кон тоа на власт да се одржуваат политичари со сѐ поавторитарен стил на владеење.

Нагласено развојно-економски оринетираната програма на Берлинскиот процес следи стратегија под мотото „Промени преку трговија“, со уверување дека економскиот просперитет води кон либерално и плурално општество. Важно би било овие економски, инфраструктурни и програми за дигитализација да имаат широко дејство кај населението, а не да јакнат само неколкумина олигарси.

Големото внимание, што Балкан го ужива во моментов, не се должи толку на не баш охрабрувачките развои од Берлинскиот процес, колку на континуираните кризи со латентно насилство и идеолошка и етничка експлозивност. Продолжената економска стагнација и политичкиот клиентелизам се причината што кај големи делови од општествата постои мешавина од сиромаштија, резигнација и идеолошко вжештување со националистичка или верска радикализација, што е исклучително опасно.

Feilcke Adelheid Kommentarbild App
Аделхајд Фајлке

Некој постојано блокира

Најважното конкретно постигнување од самитот во Трст е потпишувањето на Договорот за транспорт. Но, малиот успех, Србија и Косово првпат да стават потпис на заеднички договор, падна во сенка поради тоа што БиХ не стави потпис. Зошто? Тврдоглавата, кон силна независност стремечка Република Српска, ја блокираше федералната влада, водена од принципиелно внатрешнополитичко блокирачко однесување. Она што во федерацијата Босна и Херцеговина води до постојани компликации, во балкански рамки во секој момент може да доведе до реторичко вжештување и блокади меѓу државите: на пример Србија не го признава Косово, ЕУ-членката Грција со години ја блокира Македонија поради спорот околу името и.т.н.

Но, Берлинскиот процес на овие конфликтно обременети прашања, поради погрешна обѕирност, не им пристапува одлучно. Исто така, нема доволен притисок врз политичките лидери во земјите за придржување кон принципите на правна држава и плурализам. Претставниците на цивилното општество, кои се состанаа паралелно со самитот во Трст, со право побараа од ЕУ појасен став и посилно вклучување и на другите општествени сили, а не само на политиката.

Пожелни се правила на играта!

Политичката стабилност на Балкан значи и наша политичка стабилност, изјави германската канцеларка Ангела Меркел во Трст. Но, постои опасност ЕУ, премногу непромислено, да дозволи, оваа стабилност да биде гарантирана само од моќни елити, а за сметка на тоа да го жртвува во минатите години макотрпно настанатиот плурализам во цивилното општество и медиумите. Сѐ додека ЕУ поседува дел од привлечната сила и интензивно се инволвира во прогресивните процеси, треба појасно да инсистира и на демократски правила на игра. Зашто, само тие можат да обезбедат економски напредок и животна перспектива за луѓето во нивните татковини. А во моментов, токму од тие причини од земјите заминуваат илјадници, првенствено млади и добро образовани луѓе.