С. Македонија со висока смртност од Ковид-19
23 април 2021Северна Македонија заедно со Босна и Херцеговина, Бугарија, Полска и Словачка се наоѓа високо на листата во регионот по бројот на смртни случаи на милион жители. Изминатите седум дена во С. Македонија се регистрирани 4.507 нови случаи од коишто 234 ја изгубиле битката со Ковид-19. Иако стапката на смртност е во опаѓање во споредба со изминатиот период, сепак во земјата се регистрирани 112 смртни случаи на милион жители, што според статистиката на Worldometers, ја рангира високо на листата на земји со најголема смртност од коронавирус. Во текот на април дневната бројка на починати надмина над 50 лица.
-повеќе на темата: Зголемена смртност и сѐ повеќе заразени од Ковид-19 во С. Македонија
Лекарите сметаат дека зголемената смртност е резултат на мутираниот британски сој кој станува доминантен во земјата, брзо се шири и остава фатални последици врз здравјето на пациентите. Но, покрај агресивноста на вирусот, битен фактор е што многумина задоцнето бараат лекарска помош, но голема улога игра и имунолошкиот систем кај заразените со Ковид-19. „Одбранбениот систем е како една армија што се бори против надворешните непријатели кај секој организам. Како што некаде имате силни армии во земјите, во други држави имате слаби армии и исто е и со организмите. Возраста е исто така отежнувачки фактор, како и коморбидитетите. Смртноста во ковид-центрите на интерните клиники е 25 проценти и тука зборуваме за хоспитални установи. Во европски рамки тоа значи од 22 до 30%, што значи дека сме негде во средина во однос на другите земји. Сепак главен фактор е имуниот систем кај лицата кои се заразуваат“, изјави неодамна директорот на пулмологија, д-р Дејан Докиќ во телевизиско гостување.
Прашањето околу високата смртност стана повторно актуелно деновиве откако Министерството за здравство информираше дека се пријавени вкупно 47 починати лица, од кои 15 починале во текот на март во една приватна клиника, но дека се пријавени дури во средата. Приватните болници податоците за починати од Ковид-19 ги праќаат до Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на дневна или на неделна основа.
„Од наша страна нема задоцнето објавување на податоци на починати пациенти по компликации од Ковид-19“, велат од Министерството за здравство за порталот сдк.мк. Според нив, се случува понекогаш за починат пациент да се добие резултат од позитивен брис ден-два по смртта и тогаш да се пријави тој пациент во базата на починати.
Смртноста во регионот
Северна Македонија и во јануари годинава, според статистиката на новинската агенција Франс Прес, беше петта во светот според смртноста од Ковид-19 на 100,000 жители. Друштво и правеа уште четири европски држави.
Според најновите објавени податоци, пак, во изминатите седум дена, поголем број на смртни случаи имало во Унгарија - 158 случаи на милион жители и во Босна и Херцеговина. За нијанса помала смртност од С. Македонија има во Бугарија со 108, Полска со 94 и Словачка со 93 смртни случаи на милион жители. Хрватска е на седмо место со 72 смртни случаи.
-повеќе на темата: С. Македонија меѓу првите пет во светот по смртност од Ковид-19
Европските земји имаат 11 проценти помалку заразени и 10 проценти помалку мртви во изминатите седум дена од претходно. Особено значителен пад има во источноевропските земји - Полска, Чешка, Унгарија. Во Словенија е забележан пад од 31 процент на нови случаи и починати, додека во Северна Македонија исто има намалување на бројките за 29 проценти. Во однос на другите земји од регионот, помалку заразени и починати има и во Црна Гора за 23 проценти, за 16 проценти во Србија и за 5 проценти во БиХ. Хрватска е прва меѓу 47 европски земји, според бројот на новозаразени на милион жители во изминатите седум дена, со 3782 случаи.
Највеќе починати на почетокот на април
Од почетокот на пандемијата во С. Македонија се регистрирани 4.478 смртни случаи. Најголем број на починати имаше на почетокот на април кога дневно беа пријавувани над 50 смртни случаи. Најголем број од заразените коишто ја изгубиле битката со опасниот вирус се на возраст над 60 години. Во однос на полот, регистрирани се 2.787 смртен случаи кај лица од машки и 1.691 кај лица од женски пол. Регистрирани се 5 смртни случаи кај бремени жени и 29 смртни случаи кај здравствени работници до 4.01.2021.
-повеќе на темата: Британска мутација внесе немир во С. Македонија
Според неделниот извештај на македонскиот Институтот за јавно здравје, во периодот од 12 до 18 април регистрирани сe 5.199 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 24,3% во однос на минатата недела. Пријавени се 206 смртни случаи од 26 градови, 25,4% помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 175 лицa биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години, по 5 лица од возрасните групи од 40-49 и 30-39 години и еден од 20-29 години.
Министерот за здравство Венко Филипче по редовниот состанок со директорите на ковид центрите информираше дека состојбата со вирусот се смирува. „Епидемиолошката крива спласнува, а тоа го гледаме по бројот на новодијагностицирани случаи, веќе повеќе денови по ред се намалуваат. Спласнува притисокот врз болниците, иако не се целосно ослободени голем број на одделенија, бидејќи карактеристично за овој бран е влошувањата кај пациентите да настапуваат малку покасно, па оттука циклусот на ослободување на болничките капацитети доаѓа 2-3 недели подоцна. Апелирам на максимална внимателност и во периодот кој ни претстои“, апелира Филипче.
Од бројката на новозаразени и починати зависи дали идната недела ќе бидат ублажени или укинати рестриктивните мерки коишто се на сила. Во пресрет на празниците надлежните воведоа полициски час од 20 часот до 5 часот изутрина, а затворени се и угостителските објекти, теретаните и фитнес центрите.