1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руско-украинскиот конфликт и борбата меѓу „доброто и злото“

15 февруари 2022

Западниот свет мора да прифати дека политичка интрепретација на категориите „државен суверенитет и безбедност” само од нивен дискурс, повеќе не е можна опција. Пишува Марјан Ѓорчев

https://p.dw.com/p/470vo
Ukraine Krise | Proteste in Kiew
Демонстрации во Киев против можниот напад од РусијаФотографија: Efrem Lukatsky/AP Photo/picture alliance

„Владеење на правото” е кованица којашто се употребува во совремието, како релевантна категорија за сѐ што е поврзано со правото и правдата, граѓанските слободи, правото на самоопределување и малцинските прaшања, правосудниот систем, криминалот и корупцијата на национален и меѓународен план, правата на децата со попречености, право на истополови бракови... Толку е широк дијапазонот на таа волшебна кованица, што поглавјата 23 и 24 од европскиот закон, не можат да ги нормираат сите комплексни содржини, произлезени како современи манифестации на фундаменталните човекови права. Од било кој агол анализирани, овие две поглавја се нераскинливо поврзани, со меѓународната позиција и суверенитетот на секоја одделна држава.

Правото не е само објективна категорија, туку е и научна дисциплина. Етиката е исто така научна дисциплина, но е субјективна категорија. Разликата е во тоа што, правото се состои од пишани нормативни акти, кои утврдуваат што е дозволено, а што не е дозволено во едно општествено уредување. Етиката нѐ учи, како треба и како не треба да постапуваме во животот. Од една до друга општествено-економска формација, правните норми се променливи. Така, во времето на светлите моменти на човештвото, Ернесто Че Гевара беше симбол на борба за човекови права и слободи, на сите граѓани на светот. 

Во времето на владеење на темните хемисфери во човечкото совремие, Че Гевара е диктатор, терорист и синоним на злото. Во прашање е само како човештвото се однесува кон одделни етапи во развојот на општествените системи, во контекст на империјализмот како иманентен феномен и системски продукт. Етичките норми се непишани, обичајни правила и стандарди, но, тие се универзални по својата содржина. На пример, можно ли е да се толкуваат различно категориите добро и зло?!  Не е важно дали филозофските премиси се на Сократ, Платон, Зенон од Китија, Сартр... Доброто е секогаш добро, а злото си е секогаш зло. 

Особено е значајна политичката интерпретација на „владеењето на правото” од страна на лидерите во современиот меѓународен светски поредок. Ова, од причини што „владеењето на правото” е изворна супстанција на „државниот суверенитет”. Дијалогот што го водат меѓу себе светските лидери, не е во името на демократијата, затоа што во ниту една од големите светски велесили, не владее народот. Во САД владее плутократски пост-модернистички капиталистички систем, во Русија е на сцена авторитарен-олигархиски капиталистички систем, а со Н.Р. Кина управува еднопартиска технократска, комунистичка елита. За несреќата да биде уште поголема, судирот меѓу светските воени велесили, не е веќе ниту од геополитичка природа. Судирот се пренесува во сферата на нивните вредносни системи, односно се претставува како борба помеѓу доброто и злото!  Западниот свет тврди дека Русија е демонот, а НР Кина - црвениот змеј, што го загрозуваат светскиот мир и безбедноста на граѓаните на светот. Русија и НР Кина, пак,тврдат дека САД и неговите западни сојузници ги мистифицираат нивните демократски вредности, коишто дефакто се злото на планетата земја. Како и да е, сите три земји истакнуваат дека нивниот вредносен систем е најдобар. Притоа, нудат заштита на државниот суверенитет во Советот за безбедност на ООН, за сите држави коишто ја избираат „нивната" страна. 

Комплексни односи 

Се поставува реторично прашање: Дали „меките разноцветни револуции”, „арапската пролет” и извозот на „западниот демократски модел”, го нарушуваа или гo зајакнуваа суверенитетот на државите, во коишто беа изведени тие операции? Новопрокламираните демократски вредности, не им помогнаа на тие држави да ги избегнат несреќите што се надвиснаа над нивните граѓани. Израел ја окупира Голанската висорманина и со тоа го наруши суверенитетот и територијалниот интегритет на државата Сирија. Турција окупираше, исто така голем дел од североисточната сириска провинција. САД и В.Британија извршија инвазија врз Ирак, без да докажат на која основа ја уништија таа држава и го вратија животот на Ирачаните педесет години наназад. В.Британија во заштита на „своите Малвински острови” оддалечени над 10.000 км. од територијата под контрола на нејзиното величество, докажа дека колонијалната британска свест е сѐ уште витална. 

Марјан Ѓорчев Македонија
Марјан Ѓорчев е поранешен пратеник и министер на ВМРО-ДПМНЕ и екс-амбасадор во Бугарија Фотографија: Petr Stojanovski/DW

После сите погоре споменати прекршувања на државниот суверенитет на меѓународен план, како одеднаш украинскиот суверенитет е клучна точка за одбрана на западните вредности? Или во прашање е сепак само интересот на САД и НАТО, да ја оправдаат „Mајданската револуција”од 2014 година и насилното инсталирање на прозападниот режим во Украина, со помош на боксерските ракавици на Кличко? Целта на таа операција беше реализација на НАТО-плановите, за воено опкружување на Русија. 

Односот меѓу руската и украинската држава е исклучително комплексен. Најпрво, во украинската држава живеат повеќе од десет милиони Руси. Во Русија пак живеат повеќе од два милиони Украинци. Непобитен факт е недозволената анексија на полуостровот Крим од страна на Русија. На што се должи таа анексија? Пред сѐ, во прашање е стратегиската безбедносна димензија на руската црноморска флота, но своја улога има  и огромниот процент на руско население, коешто живее на Крим. Впрочем, САД извршија без дозвола од ООН, воздушен напад на суверената држава СЦГ, во заштита на српските граѓани со албанско потекло и со тоа, ја поткрепија сецесијата на Косово од СЦГ. Тоа беше верифицирано со референдум на косовските граѓани, за независност на Косово. Ние, Македонците, ја признавме независноста на Косово, а јас ја поддржувам таа државна одлука, затоа што е праведна. Зошто тогаш би го менувал ставот, во однос на Кримскиот референдум на украински граѓани со руска самосвест? 

Моралниот кодекс на Западот 

Дали замешателството на западните разузнавачки служби во делегитимирањето на прорускиот режим во Киев во 2014 година, е полегитимно од руската инвазија на Крим? Можеби е само поелегантно изведено. Затоа пак, инвазијата на САД во Ирак, Либија и Сирија, во ништо не се разликува од инвазијата на Русија на Крим. Дали за своите недозволени инвазии, според меѓународното право, САД, В.Британија,  Франција, Германија и Канада беа санкционирани? Не. Дали Израел беше санкциониран за окупацијата на Голанската висорманина? Не. Дали Турција беше санкционирана за истите дејствија на сириската територија? Не. Па, кој е моралниот кодекс на западниот свет да воведува санкции само кон Русија, за применетата идентична стратегија? 

Теоријата дека западната демократија е единствениот еталон, за праведно општествено уредување, е во најмала рака проблематична. Да, тој вид на демократија е најдобар облик на општествено уредување - за богатите, за модерните капиталисти. Меѓутоа, ѓаволски тешко е да се објасни зошто САД педесет години економски ја блокираат Куба. Зошто ги поддржуваат режираните протести во Хонгконг? Зошто го помагаат хибридниот тајвански режим, кога добро знаат дека тој остров е кинески остров, окупиран од трупите на Чанг Кај Шек? Зошто се мешаат во меѓународно признатите кинески територијални води, во Јужнокинеското Море? Зошто се обидуваат од петни жили да го срушат народниот режим, воспоставен од Хуго Чавез во Венецуела? Одговорот е едноставен. Затоа што САД не признаваат можност за постоење на друг облик на општествено уредување.

Во таа смисла, не го признаваат ни суверенитетот на тие држави и спремни се, во секој момент, да го нарушат. Можеби е тоа страв од конкуренција со други вредносни системи, можеби е само обид, да се продолжи со непречена експлоатација на светското природно богатство. Заклучокот е: „Или ќе живееме согласно западниот вредносен систем или ќе мора да исчезнеме”.  

Ukrainekonflikt | Militärübung Russland
Руски војници на вежби во регионот на Кемерово, Русија на 2 февруари 2022 годинаФотографија: Russian Defense Ministry/AP Photo/picture alliance

Говорот на Ши Џинпинг по повод 95-годишнината на Кинеската комунистичка партија, најави дека по 2030 година ќе има нов светски поредок, во којшто главната улога ќе ја има сојузот на Кина и Русија. Тоа е причината зошто Владимир Путин се охрабри да преземе воени дејствија на територијата на Крим и во Сирија. Истовремено, тоа е обид Русија да ги натера САД, НАТО и ЕУ да ги почитуваат договорените „узанси“ за „неделивост на категориите сувереност и безбедност” во Истанбул 1999 година и во Естонија 2010 година. Русија јасно истакнува дека бара почит и гаранции за својата национална сигурност, исто како што НАТО алијансата  го бара истото за своите земји-членки. Руската подготвеност  да преговара за немешањето во внатрешните работи на секоја земја-членка на ЕУ и НАТО е очигледна. Но, Русија по цена на конфликт, нема да дозволи јакнење на борбената готовност на земјите од тие сојузи, коишто граничат со Русија и ја загрозуваат нејзината национална  безбедност. 

Патот кон решение 

Деескалацијата на воените активности меѓу НАТО и Русија е можна само ако НАТО престане да инсталира воени бази, да го зголемува бројот на своите борбени единици, механизирани орудија и стратегиски ракетни проектили. Со тој потег, НАТО ги јакне воените потенцијали на своите земји-членки коишто граничат со Русија, на штета на руската национална безбедност. Руската страна треба да понуди гаранции, за почитување на нивниот суверенитет и територијален интегритет. Таквата формула за деескалација, има нужда од нова спогодба за разоружување на ракетите со мал и среден дострел до 500 км од двете страни на европската граница меѓу НАТО и Русија. Истовремено, клучно би било и дефинирање на принципите на економска соработка, пред сѐ, помеѓу ЕУ, САД  и Русија, како и повлекување на економските санкции од Запад. 

Во контекст на билатералните прашања меѓу Русија и Украина, нужно е почитување на договорените точки од Минските преговори, за правата на руското малцинство во Украина. Симетрично, руската страна  ќе мора да даде одговор за статусот на украинското малцинство во Русија. Правото на самоопределување оди „рака под рака”, со почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, со исклучок на Крим. Таквиот принципиелен договор, е можна руско-западна политичка интерпретација на „државниот суверенитет”. Таа интерпретација ќе биде применлива и за други европски земји, како што се Естонија и Латвија. Во тие земји живее голем процент руско население и Русија со право бара почитување на нивните човекови права по европски стандарди. 

Живот со конфликт во украинското погранично село Хранитне

Сосема е извесно дека ЕУ, САД и НАТО ќе мора да го променат начинот на политичка активност, базирана само на нивна еднострана волја. Таквиот пристап е можен и делотворен за Македонија, Босна, Молдавија... Но, кога е во прашање регулирање на односите со руската држава, поткрепена во Советот за безбедност на ООН и од НР Кина, тогаш мора да се промени начинот на преговори. Времето на еднополарниот западен свет, неповратно измина. Живееме во мултиполарен свет на различни општествени системи, а тоа подразбира и различни вредносни категории. Западниот свет мора да прифати дека политичка интрепретација на категориите „државен суверенитет и безбедност” само од нивен дискурс, веќе не е можна опција. Треба да се преговара. Силата на НАТО и САД на воен план, е израмнета со силата на Русија и НР Кина. Во тој контекст, изјавата на министерот за одбрана на В. Британија, дека на Русија „треба да ѝ се нареди да молкне” е класична провокација. Таквите бабаитски изјави, само ќе предизвикаат целиот европски континент многу скоро да биде претворен во купишта радиоактивна пепел. А толку би сакал да не сум во право.   

Ставовите и мислењата изразени во овој текст се исклучиво на авторот, и на ниту еден начин не го изразуваат и не го претставуваат ставот на македонската редакција на Дојче Веле.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема