Руските спортисти под неутрално знаме на Олимпијада
12 декември 2017Руските спортисти смеат да патуваат на Зимската олимпијада во Јужна Кореја и да настапуваат под неутрално знаме, одлучи денеска во Москва Олимпискиот собор, во својство на највисок орган на Олимпиското движење во Русија. Со тоа е отворен патот за учество во спортски натпревар на оние руски спортисти на кои досега не им е изречена забрана или не постојат докази дека се вовлечени во допинг-скандалот.
Решението било донесено едногласно, јави новинската агенција Тасс. Поради скандалот со систематски државен допинг во Русија, Меѓународниот олимписки комитет (МОК) го суспендираше учеството на Русија како нација во Пјеончанг. На руските спортисти, за кои се смета дека се „чисти“, им е оставена опцијата да стартуваат под олимпиското знаме. Одлуката на МОК предизвика контроверзни реакции во политиката, спортот и јавноста, во Русија кај дел од луѓето владее разочарување. МОК од другастрана беше критикуван за преблаг однос кон Русија во скандалот со допинг. Рускиот претседател Владимир Путин им остави слободен избор на националните спортисти за учество на Олимпијадата од 9. до 25. февруари 2018. година.