Преблага казна за Русија?
6 декември 2017Дали е одлуката на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), по сознанијата за масовен допинг во рускиот спорт, праведна или не? Прво, може да се тврди дека сите учесници на овој начин си го зачуваа образот: „чистите“ руски спортисти сепак смеат, според овој компромис, да учествуваат на Зимските олимписки игри, а и чуварите на прописите во Лозана покажаа држење на сите конци во рацете. Никој нема да помине неказнет ако сака да лаже. Тоа што Русите смеат да настапат во Пјеончанг само под неутралнно, олимписко знаме, е срамота за огромното царство. А тоа што паричната казна од 15 милиони е наменета за борба против допингтот, е порака дека МОК очигледно се труди да го поддржи чесното спортско натпреварување.
Истовремено, одлуката на највисоките „Господари на прстените“, кои се откажаа од целосна суспензија на Русија, сепак е недоволна сатисфакција за сите оние спортисти кои помеѓу 2011. и 2015. година се придржувале кон сите прописи, трудејќи се на фер и чист начин да освојат олимписки медал, посебно за оние излажани од победниците-допингувани Руси. Не помага изразеното жалење од претседателот на МОК, Томас Бах, и неговата желба одлуката да претставува подвлекување линија под „катастрофалната епизода“ во олимпискиот спорт.
Приликата е пропуштена! Единствено примерена би била остра казна- значи исклучување на целата руска репрезентација. За оној кој со свесна намера, како што направија Русите, на чистите спортисти им подметна нога или на некои други им удри придвижувачка клоца за да освојат медали, тоа е единствено можната казна. За жал, МОК не гледа токму таква измама, решавајќи се за првенствено симболична казна: нема да се чуе химната на Русија, нема да се вее бело-сино-црвеното знаме. Без оглед што Русија мамеше на невиден начин, со државно управуван систем на допинг, и покрај ридот докази, руските функционери сето тоа го продолжуваат и одрекуваат, а цела низа национални агенции за борба против допингот бара суспензија на комплетниот руски тим. Рускиот скандал со допингот останува без решавачки последици, со исклучок на 25 досега суспендирани одделни спортисти и доживотно протераниот бивш министер за спорт, Витали Мутко.
Потклекнување пред Путин?
Руско откажување од најавениот бојкот и дозвола спортистите да настапат во Јужна Кореја под неутрално знаме, прилично би мирисало на „дил“ меѓу МОК и Москва. А дали вие верувате дека оваа одлука е единствено спортски мотивирана и така се избегнало целосно исклучување на Русија?
Мнозинството руски олигарси, кои вложуваат свои милиони во спортот, на чело на своите компании се пред сѐ поради милоста на Путин. Со своите парични влогови некои од нив стигнаа и до високи позиции во меѓународните спортски организации. И на рускиот претседател спортот му е исклучително важен, го користи за реклама на земјата, а секако и на самиот себе си. Разбирливо е што Бах и МОК не сакаат тотално понижување на таков моќен партнер (и на неговите следбеници) и влез во ризик од нивна евентуална целосна загуба.
Томас Бах во 2021. година би требало да биде реизбран на функцијата. И оваа, од аспект на МОК во суштина исклучително остра казна, за претседателот Бах беше движење по работ на сечилото. Овој Германец веќе има доволно критичари и сигурно не сака против себе да ги сврти и Русите. Зашто, кога би дошло до целосно разијдување помеѓу МОК и Русија, кои земји би сакале да организираат Олимписки игри ако тоа не се автократските држави во сферата на Путиновата моќ? Конечно, не може секоја втора Олимпијада да се одржува во Кина. Оттаму (и покрај оваа одлука), следи дека тој мора да склучува сојузи и со црниот ѓавол, ако сака да остане претседател на МОК и по 2021. година. А јас не би ја исклучил можноста во некој од следните избори за домаќин на Олимписките игри, тоа да биде - Русија.