1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Употребната вредност на старо-новата честитка од Москва

25 мај 2021

Дали е случајно што руската „честитка“ од пред 4 години, се репризира во време на најсензитивниот период во македонско-бугарските односи?

https://p.dw.com/p/3tttS
Symbolbild Moskau
Фотографија: picture-alliance/dpa/Y. Kochetov

Русија вчера ѝ го честиташе 24 -ти мај на Македонија со истите зборови кои пред 4 години предизвикаа бура во Бугарија. На средбата Иванов-Путин што на 24-ти мај 2017 година се одржа во Кремљ, рускиот претседател изјави: „Денес во Русија е свечен ден, Денот на словенската писменост, а писменоста е дојдена кај нас токму од македонските земји“.

Овие зборови предизвикаа еуфорија во Македонија, но и бурни реакции во Бугарија, па портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, следниот ден даде објаснување на „што точно мислеле“.

„Никој во Русија не се обидува да го одрекува придонесот на Првото бугарско царство во работата за создавање на словенската писменост – тоа би противречело на историските факти. Во наведениов случај се работи за‘македонските земји' како за географски поим. Уште во времето на Римската империја регионот каде потоа се родиле и работеле Св. Кирил и Методиј се именувал како Македонија. Тука сѐ треба да биде максимално јасно и разбирливо“, рече Захарова.

Четири години подоцна, руската амбасада во Скопје на Твитер повторно го честиташе празникот, пренесувајќи ист цитат на Путин.

„Му го честитаме на братскиот македонски народ Денот на Светите Кирил и Методиј, кој се слави како државен празник. ‘Денеска во Русија е свечен ден – Денот на словенската писменост, а писменоста дојде кај нас токму од македонската земја' - Владимир Путин", беше наведено пораката.

Дали е случајно што оваа „честитка“ се репризира во време на најсензитивниот период во македонско-бугарските односи? Сигурно не. Според домашни реакции на честитката, очигледно е дека многумина неупатени или со кратко памтење на епизодата од пред четири години, навистина поверувале дека од руска страна ѝ е укажана чест на македонската држава, а не на географскиот поим Македонија. Оние кои имаат некаква дилема за ова прашање, нека ја слушнат видео-пораката што на Бугарите им ја упати руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова.

„Несомнено, улогата на Бугарија во формирањето и ширењето на словенската писменост, јазик и култура е непроценлива и неспорна. Познатиот руски научник Дмитриј Лихачов пишуваше: ‘Бугарија им го дала на источните Словени високиот слој на јазикот, столбот на духовноста, го збогатил нашиот јазик, му вдахнал морална сила и способност да ги возвишува мислите, концептите и замислите. Тоа е јазикот на кој се доверувале највисоките мисли, на кои се молеле и се пишувале свечени зборови. Тој за сето време бил покрај рускиот народ и духовно го збогатувал’“, порача меѓу другото Митрофанова.

Да живеевме во некое друго време, можеби ќе ни требаше повеќе време да дознаеме како Москва му го честитала 24-ти мај на Скопје, а како на Софија. Денес ги следиме вестите во реално време. Нема време за смислување пријателски изговори и оправдувања. Во случајов нема ни простор. Има само руска причина и цел, за кои можеме само да претпоставуваме, имајќи ги предвид последиците од пред четири години.  

И бидејќи таа приказна е еднаш прочитана, на што се темелат руските очекувања дека со придавката „македонски (земја/земји)“ повторно ќе приредат соодветен празничен подарок за македонската држава, и тоа откако веќе еднаш тој „подарок“ беше искомпромитиран? Освен, ако целта не била повторно да се измешаат лончињата во еден чувствителен момент за односите меѓу Скопје и Софија, во кој „големата мечка“ ќе реши како политички да дозира на празнично/историскиот тас на едната или другата страна.

Го видовме дозирањето. Во однос на Македонија, јасно е дека тоа е најниската политичка цена за Москва, по која таа сакала да испорача честитка. Користењето географски израз не е случајно, бидејќи има манипулативен простор ем да остави лажен впечаток за укажана чест, ем од друга страна да тврди дека тоа е само политички коректен израз – и ништо повеќе.

Пријателството и почитувањето меѓу две земји подразбира многу повеќе од добро смислени покритија за итроманства со пресметани ефекти, во кои придавката „македонски" во контекст на празникот ќе се третира само географски.

Со азбуката што денес ја користиме може да се напишат и вистини и невистини, и убави зборови, и зборови на омаловажување. Секој сам избира за каква порака ќе ги искористи буквите, но да не заборава дека тие ќе останат да сведочат за времето и „делата“.