Путин: Внимателно следиме што се случува во Македонија
24 мај 2017„Внимателно следиме што се случува во вашата земја. Ви посакуваме успех и се надеваме дека внатрешната политичка состојба во Македонија ќе се развива во согласност со Уставот и демократските начела. Убеден сум дека вашето искуство, влијание и авторитет ќе придонесат кон тоа“, му порача Владимир Путин на македонскиот претседател Иванов на средбата во Москва.
Путин, како што се наведува во официјалното соооштение на Кремљ, на Иванов му ја честита наградата „Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори“, која синоќа на свечена церемонија во московскиот храм „Христос Спасител“ му ја врачи патријархот на Руската православна црква, Кирил. Рускиот претседател рече дека денеска и во Русија е свечен ден поради одбележувањето на Денот на сесловенската писменост која, како што рече, „ни дојде од македонската земја“.
Иванов се заблагодарил за наградата и за приемот кај рускиот претседател.
„Нашиот народ вели дека човекот не умира кога ќе биде закопан, туку кога ќе биде заборавен. Ова е нашето заедничко сеќавање на светите просветители Кирил и Методиј“, рече Иванов.