1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија ја напаѓа ЕУ

ЕМФ / дв
17 декември 2018

На две недели пред преземањето на претседателството со ЕУ, Романија зазема курс на конфронтација со Брисел. Романската влада категорично бара повеќе респект.

https://p.dw.com/p/3AF4t
Rumänien Vasilica Viorica Dancila
Виорика Данчила и Ливиу Драгнеа бараат од ЕУ повеќе респектФотографија: Getty Images/AFP/O. Ganea

Романската премиерка Виорика Данчила и шефот на владејачките социјалдемократи (ПСД), Ливиу Драгнеа, ја обвинија Европската унија за дискриминација на нивната земја. Данчила се брани од критиките на Брисел и од ПСД бара „ваквите напади веќе да не се прифаќаат“. Драгнеа изјави дека неговата земја инсистира на „правото да застапува сопствени ставови“.

Владата во Букурешт добива многу критики од Брисел. ЕУ ја обвинува романската влада дека не прави доволно против корупцијата. Освен тоа, ЕУ стравува дека реформите на владата ќе ѝ наштетат на независноста на правосудството во земјата.

Повеќе: 

Романија: „Баксузот“ има јасни имиња

Доста беше корупција!

Критиките на ЕУ се должат „единствено само на тоа што Романија е источноевропска земја“, тврди Данчила. На партиски конгрес на ПСД таа изјави дека е „уверена про-Европејка, но бара земјата да биде почитувана“.

Лидерот на ПСД, Драгнеа нагласи дека „Романија нема да прифати да биде третирана како земја членка од втора класа“. Според него, други земји на ЕУ се „многу покорумпирани“ од Романија, но се помалку критикувани.

Романија, која од први јануари го презема претседателството со ЕУ, уште од приклучувањето кон Унијата во 2007 година, заедно со Бугарија редовно е предмет на оценки за борбата против корупцијата и организираниот криминал. Во својот најнов извештај, Европската комисија оцени дека се бележи развој во погрешен правец и дека со тоа се урнисува напредокот постигнат на тоа поле.