Комисија ќе го испитува случајот со родилката
16 март 2021„Никој нема да биде поштеден од одговорност“, порача денеска министерот за здравство, Венко Филипче, кој формираше комисија којашто ќе треба да го испита случајот со родилката од Дебар, на која при породувањето во Струга ѝ биле извадени три органи.
„Денеска формирав петчлена комисија да изврши стручен надзор во Општата болница во Струга, поврзано со лекувањето на пациентката од Дебар. Од членовите на Комисијата барам да утврдат дали имало неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствена заштита на пацинетката“, информираше Филипче.
Комисијата е составена од професори и лекари од неколку Универзитетски клиники во Скопје, правник од Министерството за здравство и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Се бара темелна истрага
Претходно и Платформата за родова еднаквост, во која членуваат 24 невладини организации, побара да бидат спроведени темелни истраги за случајот со родилката Јилдиз Веаповска од Дебар, на која ѝ биле извадени органи во Струга и за дивата домашна ординација на гинекологот Мухамед Асани, кој е и директор на струшката болница. Невладините организации бараат тој да биде разрешен.
„Спроведување детална истрага во врска со наведените искази за постапувањето во нерегистрираната ординација на докторот Мухамед Асани, негово разрешување од позицијата директор на болницата и забрана за извршување на лекарската дејност сè додека случајот не добие судска разрешница. Јавното обвинителство да спроведе темелна истрага, да ги утврди пропустите и да побара одговорност за понудената здравствена заштита на пациентката во периодот пред породувањето, текот на породувањето и постпарталната грижа“, се наведува во барањата.
Во врска со стручниот надзор кој го изврши Лекарската комора во врска со родилката, при кој не била утврдена лекарска грешка, невладините организации бараат Комората јавно да ги објави имињата на лекарите што биле дел од Комисијата за стручен надзор и да ја извести јавноста со детални информации според кои Лекарската комора не утврдила лекарски пропусти, вклучително и за причините зошто се отстранети органите кај пациентката. Тие бараат и да се утврди дали има одговорност на Лекарската комора поради непрофесионално работење и штитење на здравствен работник кој работи нелегално.
-повеќе на темата: Пинг-понг меѓу институциите: кој е виновен за родилката во Струга?
„Министерството за здравство да преземе одговорност во врска со случајот и да го испита случајот преку дополнителна внатрешна истрага која ќе биде непристрасна и политички неутрална со цел да ја информира јавноста за она што се случило“, посочија од Платформата за родова еднаквост.
И претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска минатата недела ја повика Лекарската комора да реагира и да побара одговорност од директорот на струшката болница Мухамед Асани. Лекарската комора, вели Ивановска, е таа што треба да утврди дали има или нема одговорност кај докторот, бидејќи таа е телото што ги издава лиценците.
Родилката Јилдиз Веапоска за телевизија Телма тврди дека ѝ биле извадени здрави органи повикувајќи се на Извештајот од Институтот за патологија. Веапоска вели дека без да бидат прашани таа и нејзиниот сопруг, д-р Мухамед Асани ги испратил бубрегот и матката на анализа на Патологија. За работата на докторот Асани се води постапка и во обвинителството во Струга, откако Државниот здравствен и санитарен инспекторат поднесе кривична пријава за дивата ординација којашто ја имал дома.