Кој е виновен за родилката во Струга?
12 март 2021Случајот со родилката во Струга, на која и биле извадени три органи, не престанува да ја бранува јавноста. Семејството бара одговори и одговорност за случајот, а надлежните институции изминатиов период не соопштија детали зошто на родилката Јилдз Веапоска, по породувањето од страна на директорот на струшката болница, Мухамед Асани и биле извадени матка, бубрег и јајник.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска ја повика Лекарската комора да реагира и да побара одговорност од директорот на струшката болница, Мухамед Асани. Таа потенцира дека во ДКСК не се расправало за предметот околу постапувањето на докторот во струшката болница, заради тоа што Обвинителството отворило предмет за постапувањето на докторот. Лекарската комора, вели Ивановска, е таа што треба да утврди дали има или нема одговорност кај докторот бидејќи таа е телото што ги издава лиценците.
Одговорност
„Мене навистина не ми е јасно како може некој да влезе во болница, да биде се во ред и да излезе без три органи. Ова како граѓанин си го поставувам како прашање. Кога ја добива лиценцата еден доктор, значи дека тој е одговорен, образован, професионалец и професионално ќе си ја заврши својата работа и дека на некој начин треба да ја гарантира безбедноста на пациентите на овој начин се губи довербата и во белите мантили“, рече Ивановска во „Утрински брифинг“.
Денеска на прес-конференција се огласи и Лекарската комора, која пред неколку дена излезе со извештај во којшто не е пронајден пропуст кај лекарот. Претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова вели дека извештајот на Комисијата за стручен надзор не влијае за понатамошна одлука за страните во процесот да покренат постапки пред надлежните судски органи. „Доколку комисијата за стручен надзор констатира пропусти во процедурата односно во стручното постапување тоа не значи дека е утврдена лекарска грешка. Лекарска грешка утврдуваат судски вештаци кои се ангажирани од суд кога целиот тој процес оди во судска процедура“, вели таа. Стаделова додава дека размислуваат да побараат законски измени за зголемување на нивните надлежности.
Обвинувања
Министерството за здравство пред неколку дена соопшти дека „лекарската екипа инволвирана во лекувањето и третманот на пациентката соодветно и навремено реагирала при првите знаци на влошување на општата здравствена состојба на пациентката и ги искористила сите расположливи ресурси на болницата за адекватно згрижување на пациентката во услови на животно-загрозувачка состојба“.
Родилката Јилдз Веапоска за Телма тврди дека и биле извадени здрави органи повикувајќи се на Извештајот од Институтот за патологија. Веапоска тврди оти без да бидат прашани таа и нејзиниот сопруг, д-р Мухамед Асани ги испратил бубрегот и матката на анализа на Патологија. „Органите се вадени на 31 август и зошто се пуштени на 4 септември. Што чекале тие толку денови. Се сомневам дека чекале 5 дена да поминат оние критични часови за тоа дали ќе умреш или ќе живееш. Органите се здрави и прави. Нека излезат и нека кажат зошто се извадени тие органи здрави, ако нема лекарска грешка“, вели Веапоска.
За работата на докторот Асани се води постапка и во обвинителството во Струга, откако Државниот здравствен и санитарен инспекторат поднесе кривична пријава за дивата ординација која што ја имал дома.