1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Риека и Голвеј - градови на културата со шарм

Рајна Бројер
11 јануари 2020

Меланхоличен дух, оригинална атмиосфера - Риека во Хрватска и Голвеј во Ирска се „Европска престолнина на културата“ за 2020 година.

https://p.dw.com/p/3VgTo
Bildkombo Kulturhauptstädte 2020 | Galway und Rijeka

Риека на туристите досега не беше посебно вредна за да ѝ посветат внимание. Повеќето од нив само ќе поминеа набрзина покрај овој град на пат за Опатија или Истра, или подолу, кон Далмација. Зашто во Риека практично нема некаква голема плажа со лежалки и шарени чадори за сонце. Но, на овој град и не му е потребно нешто такво, неговиот шарм почива на сосема други нешта.

Риека е поврзница на централна и југоисточна Европа. Пристанишниот град е мешавина од средновековни тврдини, раскошни палати од времето на Австро-Унгарија, пазари во стилот на сецесија (југендстил), социјалистички новоградби и напуштени фабрики кои чезнеат да бидат разбудени од својот сон. И, кому тогаш му е потребна некаква плажа?

Kroatien Rijeka | Kulturhauptstadt 2020
Риека е потолерантен и поотворен град од многу други градови во ХрватскаФотографија: picture-alliance/dpa/Rijeka 2020 European Capital of Culture/B. Vukosav

До Првата светска војна Риека ѝ припаѓала на Хабсбуршката монархија, а од 1924 до 1945 година поголемиот дел од градот ѝ припаѓал на Италија. Следува времето на Југославија, во кое Риека се издигна во град за пример, со бродоградилишпта, рафинерија и фабрики. Бројот на жители се зголеми од 25.000 на 200.000, но по распадот на Југославија многу фабрики ги затворија своите порти, а нивните погони се претворија во сцени од Апокалипсата. Многумина останаа без работа, преостанаа уште само услужните дејности, или - преселба за да се преживее. Денес во Риека живеат уште 130.000 луѓе.

Убавина и ново во старото

Риека од ЕУ доби поддршка од 40 милиони евра за 2020 година. Но, за разлика од други престолнини на културата, градот на Кварнер нема намера да гради нови згради. Риека сака да го зачува старото и од тоа да направи ново: „Напуштените фабрики се дел од идентитетот на градот, тие имаат своја приказна. Затоа одлучивме да не ги уриваме, туку да ги преобликуваме“, објаснува Ирена Крегар Шегота, раководителка на одделот за комуникации на Риека 2020.

Како што е на пример поранешната фабрика „Рикард Бенчиќ“ во улица „Крешимирова“ - на ареал од 27.000 квадратни метри свој дом ќе најдат четири нови културни институции.

Fiume Gabriele d'Annunzio | Szene am Hafen von Fiume
Риека е град кој носи белег од многу култури и традиции (фото: Риека во времето околу 1900 година)Фотографија: picture-alliance/IMAGNO/Sammlung Hubmann

И бродот Галеб, некогаш товарен, па воен, а на крајот јахта на Тито, се претвора во музеј. Туристите се многу заинтересирани за тој брод, некои жители на Риека и не многу: „Некои тој брод го поистоветуваат само со Тито и со Југославија и се недоверливи кон она како ќе го прикажеме тоа поглавје од нашата историја. Но, наша цел е да се прикаже целата историја на тој брод, која е почната многу пред Тито и која е исклучително интересна. Освен тоа, веруваме дека бродот како музеј ќе стане омилена туристичка атракција и со тоа ќе може да стане добар извор на приходи во градот“, вели Ирена Крегар Шегота.

Galeb, früheres Schiff von Tito, Jugoslawien
Бродот Галеб, некогаш товарен, па воен, а на крајот јахта на Тито, се претвора во музејФотографија: picture-alliance/AP Photo/Tanjug

Отворен, толерантен и мултикултурен

Риечката културна сцена привлекува многу слободни уметници и љубители на слободата. Риека отсекогаш била на глас како динамичен и прогресивен град. Таа се фали дека е место на раѓање на хрватскиот панк со групи како што е Параф. „Пристаниште на различности“ е парола која Риека ја зеде за своите активности како престолнина на културата. Пристаништето е врата кон светот низ која се дојдени многу националности, култури и вери. Сите тие ја прават Риека посебен град. Во инаку повеќе конзервативната Хрватска, Риека е потолерантна, поотворена и послободна.

Rijeka Fischmarkt Kroatien
Пазарот за риби во РиекаФотографија: DW/D.Romac

Тука без какви било инциденти се одржува и ЛГБТ-фестивалот Smoqua, што не е случај во сите градови на Хрватска, каде јакнат силите на десницата. „Риека е толерантен град во кој разноликоста не само што се прифаќа, туку така и се живее. Ние сме и прв град во Хрватска кој стана дел од мрежата на Европскиот совет - Intercultural Cities. Затоа и се одлучивме за паролата 'Пристаниште на различности'. Таа парола ја поставуваме и како прашање за Европа - во која мера е Европа подготвена да ги прифати различностите?“, прашува Ирена Крегар Шегота.

Повеќе:Европа е култура

Голвеј: „Како Барселона, само со дожд“

Еден  пат во прв план, ридови во позадина и еден јарец кој скептично гледа во камерата - така на интернет се претставува градот Голвеј. Чиста природа! За култура мора да се пребарува по екранот, но се наоѓа: музика, танц, литература, поезија. За секого по нешто.

Galway Irland
Голвеј - чиста природа!Фотографија: picture-alliance/dpa/The Irish Image Collection

Мало универзитетско местенце со одвај околу 80.000 жители на западниот брег на Ирска, на работ на Европа и со поглед кон Атлантикот. „Следната станица е Америка“, вели креативната директорка Хелен Мериџ претставувајќи ја културната програма. Голвеј е на глас како престолнина на традиционалната ирска музика. На секој агол свират улични свирачи и тоа наспроти лошото време. „Голвеј е како Барселона во време на дожд, зашто тука дожд врне 240 дена во годината“, објаснува Хелен Мериџ. А, кој не може да излезе на крај со вечниот дожд, најдобро нека намине во првиот паб. Таму секогаш се собира шарено друштво и секогаш е ведро, со локални пијалоци и музика, што значи доброто расположение е загарантирано.

Irland Galway Kulturhauptstadt 2020
Во пабовите во Голвеј е гарантирано добро расположениеФотографија: picture-alliance/dpa/Tourism Ireland

Голвеј се наоѓа на околу 160 километри оддалеченост од британска Северна Ирска. Тоа ги буричка духовите, зашто на крајот на јануари Велика Британија треба да излезе од ЕУ и многумина стравуваат од повторно разгорување на северноирскиот конфликт, кој на тоа подрачје од Европа однесе илајдници животи, а повредени се десетици илјади луѓе. „Фестивалот доаѓа во вистински момент, зашто културата ни е попотребна од кога и да е досега“, вели ирскиот амбасадор во Лондон, Адријан О'Нил. Зашто, културата може да ја промени и состојбата на духот.

Irland Touristenattraktion Galway
Во Голвеј врне во просек 240 дена во годината, но тоа не го поматува расположениетоФотографија: picture-alliance/dpa/F. Baumgart

Големи се надежите дека титулата Европска престолнина на културата ќе помогне за попуштање на тензијата на островот со оглед на Брегзит. Подготовките се почнати одамна, а Хелен Мериџ точно знае какво ќе биде времето на свеченоста на отворањето - ќе паѓа, се разбира, дожд и ќе дува силен ветер. „Но, забавата ќе биде извонредна“, уверена е креативната директорка. Значи, заборавете на временската прогноза. Таа во Голвеј и онака не е многу важна.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема