Хит листа на европската култура
Филмови, градби, уметници: Европската листа го рангира културниот живот на Европа. Германскиот Гете институт за таа цел анкетираше 22.000 луѓе во 30 земји.
Демократија, Да Винчи, Дон Кихот
Што ги поврзува Европејците? Кој е најголемиот уметник на континентот и која црква е најдобрата? Германскиот институт Гете ги постави овие прашања и така ја состави својата „Европска листа“. За проектот институтот спроведе анкета на 24 јазици во цела Европа. Најголем интерес на онлајн-анкетата предизвикаа поимите: демократија, Дон Кихот и Да Винчи. Ви пренесуваме дел од резултатите...
Поврзување преку културата
„Културата“ е она што ги поврзува Европјаните - ова го рекоа најголемиот дел од анкетираните. Поимите „заедница“ и „слобода на патувањето“ исто така се најдоа на врвот на листата. Најголем европски придонес за светската култура, според испитаниците, е демократијата. Така власта на народот се најде за малку пред класичната музика и откривањето на печатницата.
Поглед однадвор
Во истражувањето не учествуваа само Европејци, туку и 294 Египќани. Тие посебно се интересираат за Германија. 63 проценти од испитаниците навеле дека доколку би морале да се одлучат за една европска земја, би ја одбрале Германија за да живеат извесен период. Германија претставува иднината на Европа повеќе од која и да е друга држава, сметаат 81 процент од анкетираните.
Ајфеловата кула
За прашањето: Која е најзначајната градба на Европа? повеќето испитаници имаат слично мислење: Ајфеловата кула во Париз е на врвот на листата со 25 проценти. Сепак овој избор зависеше од националноста на анкетираните. За мнозинството Грци најважен е Акропол, додека за Италијанците - Колосеумот. Необично е тоа што Французите се одлучија за Бранденбуршката порта во Берлин.
Животот е убав!
Селекцијата на европските филмови се покажа како најтешка. Првото место го зазема италијанскиот филм „Животот е убав“ - трагикомедија за едно еврејско семејство во Втората светска војна. На второ место е германскиот филм „Животот на другиот“. И овој филм исто така се занимава со историјата, со шпионирањето во поранешната ГДР.
Создавачот на „Мона Лиза“
Во категоријата „најзначаен уметник“, анкетираните Европејци беа поединствени: Со 25 проценти Леонардо да Винчи (1452-1519) е на првото место. Да Винчи беше сликар, вајар, архитект и инжинер. Тој ја наслика „Мона Лиза“ една од најпознатите слики во светот. Денес сликата на дамата со таинствена насмевка е изложена во парискиот музеј Лувр.
Последниот витез Дон Кихот
Најпознатиот лик во европската литература доаѓа од Шпанија. Тоа е антихеројот Дон Кихот. Писателот Мигел де Сервантес ја објави пародијата за последниот витез во 1605 година. Во целиот свет има споменици за јунакот, како овој на фотографијата. Но тој не се пласираше насекаде на прво место. Испитаниците од Балтикот ја фаворизираа нивната хероина од детството: Пипи долгиот чорап.
Најважната политичарка
Во категоријата „најважен политичар“ имаше изненадување: Не беше избран некој државник од минатото, туку германската канцеларка Ангела Меркел со 18 проценти. По неа следуваат Британецот Винстон Черчил, кој ја одбрани Велика Британија во Втората светска војна од Адолф Хитлер. На трето место е поранешниот германски канцелар Вили Брант, кој во 70-тите се залагаше за помирување во Европа.
Печатениот збор
Најзначаен европски изум е откривањето на печатењето, сметаат најголем дел од испитаниците. Првата машина за печатење ја пронајде германскиот златар Јоханес Гутенберг во средината на 15. век. На второ место е пронаоѓањето на парната машина во Велика Британија, а на трето место пронаоѓањето на автомобилот во Германија.
Најголемиот спортист
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ со десет проценти е избран за најголем спортист на Европа. Од 4. јули 2011 до 8. јули 2012 тој беше број 1 на АТП листата. 72 проценти од Србите - учесници во анкетата го избраа Ѓоковиќ. Германецот, рекордер во Ф1 Михаел Шумахер со седум проценти е втор. На трето место се пласираше швајцарскиот тенисер Роже Федерер.
Шпагети, пица, вино
Италијанската кујна е избрана за најдобра во Европа - така оценија 42 проценти од учесниците во анкетата. Сепак на анкетираните од некои земји дома им е повкусно и затоа ја одбраа домашната кујна: португалската, шпанската, француската и грчката. На второ место во вкупната оценка се најде француската кујна.
Вистински Европјани
Колку Европа е важна за секој поединец? Во тешки времиња за еврото и економската криза одговорите се охрабрувачки. 43 проценти од испитаниците се сметаат за вистински Европејци. Најубедени се Французите со 74 проценти. Но и повеќето учеснции Португалци, Данци, Холанѓани, Унгарци и речиси половината Германци го споделуваат ова мислење.
Чашата е до половина полна или празна?
Што се однесува до иднината на Европа, континентот е поделен. Литванците, Бугарите, Србите и големиот дел Германци на неа гледаат позитивно. Испитаниците во земјите погодени од кризата гледаат поинаку. Така мнозинството Шпанци ова прашање го одговорија со „така-така“ или „лошо“. Најпесимистични се Унгарците.
Дискусија за Европа
„Европската листа“ не е репрезентативно истражување. Бертолд Франке, директор на Гете институтот во Брисел ја објаснува интенцијата: „Таа ни овозможува да расправаме за европскиот културен идентитет на нов, поинаков начин“. Во наредниот период, интелектуалци како писателот Умберто Еко ќе расправаат за резултатите во различни медиуми и на интернет страницата на „Европската листа“.