Реформа на наш начин: Од вревата не се слушаат аргументите
18 декември 2020„Ништо не се укинува, се разговара за концепт“, повторуваат секој ден Министерството за образование и наука (МОН), но бесполезно. Вревата е толку гласна, што најмалку од сѐ, може да се слушнат аргументите. Најавите дека МОН размислува за реформи во основното образование, во јавноста завршија со доминантен рефрен дека „се укинува историјата како посебен предмет“, и тоа беше ставено во актуелен контекст, на бугарските барања за промени во македонските учебниците по историја. Сега е тешко дискусијата да се врати на ниво, во кое ќе се слушаат и разменуваат аргументи, а исполитизирани заклучоци.
-повеќе на темата:
Ѓоргиев за ДВ: Има простор за подобрување и во македонските и во бугарските учебници
„Во овој момент, пред јавната расправа се зборува и презентира Концепт. При изработката на наставните програми, ќе бидат вклучени универзитетски професори и наставници од соодветните области“, велат од МОН.
Температурата ја кренаа најавите дека се размислува предметите биологија, хемија, физика и физичка географија да се спојат во еден предмет - природни науки, а историја, граѓанско образование и дел од географија во – општествени науки, по углед на наставните планови, кои според МОН, успешно функционираат во речиси сите земји во Европа, Америка, Австралија, односно во наставниот план на меѓународната ИБ програма. МОН очекува таквите програми на ученикот да му дадат целосна слика за одреден настан или тема, што се постигнува со интердисциплинарен и интегриран пристап, односно со поврзување на информациите од повеќе предмети. Забелешката е дека досегашниот модел на настава ги учи нашите ученици само на факти и не им овозможува да ги поврзуваат информациите и знаењата од различните дисциплини што ги изучуваат во основното образование.
Историјата е хуманистичка дисциплина
Петар Атанасов, поранешен-заменик министер за образование и наука, кој лани во јуни се повече од функцијата, смета дека е направен обид да се поместат работите, и да се направи чекор напред во креирањето на посовремени наставни програми.
„Може да се видат вклучени некои од елементите за кои со години наназад зборуваме дека се потребни и дека се слаби точки на нашиот образовен систем. Работите од страна на креаторите на образованието конечно се разгледуваат во една развојна функција и малку пофлексибилно во споредба со претходниот застарен модел. Ми се допаѓа интегрирањето на предмети и содржини, особено во сродните научни подрачја, како природните науки. Добро е намалувањето на бројот на предмети од 13-14 на 10, конкретно во повисоките години во основното образование. Добро е што се истакнува личниот и социјалниот развој на учениците. Продолжениот престој во училиште треба да се искористи за децата тама да учат заедно со наставниците. За поздравување е што ќе започне похрабро и дигитализацијата како процес", смета Атанасов.
-повеќе на темата::
Основците ќе учат историја во рамки на општествените науки
Но, и тој има забелешки што предметот историја ќе се интегрира во „општествени науки“.
„Веројатно е грешка или избрзано интегрирањето на историјата во рамките на друг предмет, особено во оваа фаза од развој на државата и борбата за идентитетот. Историјата е хуманистичка дисциплина, но не е општествена наука. Уште посложено е прашањето за идеолошките елементи на нашите општествени науки. Одредени демократски вредности може евентуално да се усвојуваат преку предметот мајчин јазик, но во некоја следна фаза од реформата. Децата треба да се компетентни и да се снаоѓаат пред се во сродните научни области или предмети, јасно изразени и изградени“, укажува Атанасов.
Како ќе се „создаде“ новиот наставник?
Според повеќе истражувања, според извештајот на ОЕЦД за земјава, но и според резултатите од меѓународните студии, досега постигнувањата и знаењата на македонските ученици се меѓу најниските на листата на учесници во тие студии. МОН се обидува да ја смени таквата состојба преку реформа во наставните програми, но Атанасов посочува дека подобрувањето на резултатите зависи и од други фактори.
„Ако се гледа предлогот од концепциска гледна точка, не гледам решенија за контролата на квалитетот во рамките на училиштето. Не се објаснува како Бирото за развој на образованието ќе ја ‘контролира' или покрива реформата или тоа повторно ќе му се препушти на Државниот просветен инспекторат. Нема решение за промени внатре во институциите заради одржливост на реформите. Не видов решение за тоа како ќе се ‘создаде' новиот наставник/наставничка. Затоа што и досега во образованиот систем работеа илјадници наставници, кои поради различни причини не даваа доволно квалитетен производ. Голем процент од наставниците во основното, не би поминале построга евалуација. Во гимназиите ситуацијата е многу подобра. Во високото образование имаме автономни механизми за контрола на квалитет“, посочува Атансов.
-повеќе на темата:
Македонските ученици добија „единица“ по природни науки“ и „двојка“ по математика
Сепак, потенцира дека е важно системот да се менува и да се движи, затоа што се потребни многу промени за еден ден да се постигне повисоко ниво на образование.
„Направен е првиот чекор. Допрва треба да зборуваме за интегрирани содржини како што се медиумската писменост, финансиска писменост, училишните претпријатија итн. Постојат многу успешни проекти од каде може да се црпат сознанија и искуства“, вели тој.
И кога се повлече од функцијата, тој укажуваше дека главните приоритети во образованието треба да бидат подигнување на квалитетот на сите нивоа во образованието, создавање поквалитетна понуда за целото општество, не само за економијата, вложување во креативните потенцијали на наставниците, но, пред сè, на учениците. За тоа да се постигне, посочи дека најпрвин треба да се промени филозофијата на целото образование: „Еден закон или еден проект не може да ги дадат очекуваните резултати. Пристапот мора да биде холистички".