1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Можно подобрување и во македонските и во бугарските учебници

16 декември 2020

Би бил задоволен ако работата на Комисијата резултира со нови учебници по историја, не затоа што тоа го бара Бугарија, туку затоа што навистина има потреба од нивно подобрување, вели Ѓоргиев

https://p.dw.com/p/3mmiL
Dragi Gjorgiev - Historiker und Präsident der Mazedonisch-Bulgarischen Geschichtskommission
Фотографија: Privat

Работата на македонскиот тим од заедничката Комисија за историски и образовни прашања, подолг период е во фокусот и под критики од бугарски политичари и од историчари од бугарскиот тим, кои обвинуваат за неефикасност, опструкции и бавност во работата. Со претседателот на македонскиот тим во заедничката Комисија, Драги Ѓоргиев, разговаравме за ваквите критики кои особено се засилија по последната средба на историчарите од двете земји, но и за гласините на домашен терен, според кои, во прашање може да биде доведен сегашниот состав на македонскиот тим во Комисијата. 

ДВ: Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изнесе гласини дека наводно се врши компромитација врз членови на Комисијата, со цел да бидат заменети со други, кои ќе можат да преговарат во полза на барања на Заев. Се случува ли такво нешто?

-Во овој момент немам такви информации, ниту до мене дошле такви сигнали. Но, Комисијата е владино тело и не можам да претпоставам како во иднина ќе се одвиваат работите, но во моментов такво нешто не се случува.

ДВ: Вашиот бугарски колега Ангел Димитров обвини дека македонскиот дел од Комисијата не го прифаќа билатералниот Договор, во делот кој ја формулира работата на Комисијата, односно дека се прават опструкции и замена на тези" и отфрлање на дефиницијата „заедничка историја“.

-За жал веќе подолго време обвинувањата се дел од секоја изјава на нашите бугарски колеги и тоа веќе прераснува во една практика која континуирано ја нарушува меѓусебната доверба. Доколку не се постигне прогрес во работата вината целосно се префрла на македонската страна, што само покажува еден исклучив пристап со однапред определена цел: наметнување на еден наратив врз друг. Притоа отсуствува пристап во согласност со позитивните европски искуства, кој ќе овозможи рамноправна дискусија со обид да се разбере соговорникот од другата страна. За жал синтагмата „заедничка историја“, која не е дефинирана во самиот Договор, се претвори во една главните пречки во работата на Комисијата, пред сѐ, поради едностраното толкување, дека всушност таа означува историја на еден народ, односно на бугарскиот, започнувајќи од IX век па сѐ до 1944 година. Се разбира, таквото толкување е неодржливо и неприфатливо, и затоа е потребна отворена дискусија со цел да се разјасни нејзиното толкување и значење. Нејзиното разбирање и толкување не може да биде надвор од рамките на современите пристапи за проучувањето на минатото.

ДВ: Дали ви прави проблем во работата, тоа што политичари од двете земји го употребуваат терминот заедничка историја"?

-Лично немам проблем во однос на тоа. Тој термин може да се употребува, не само во однос на минатото на Македонија и Бугарија, туку во однос и на други народи на Балканот и пошироко. Многу народи во одредени историски периоди имаат заеднички и испреплетени истории со своите најблиски соседи. Таков пример имаме со народите во рамките на поранешната СФРЈ, кои имаат заедничка историја повеќе од четири децении, но се разбира во политичка, социјална, економска, културолошка смисла. Таков пример е и актуелната ЕУ.

ДВ: Во кој период може да се каже дека Македонија и Бугарија имаат заедничка историја?

-Периодот на османлиска доминација може да се смета за период на заедничка историја на многу народи кои влегуваа во состав на Османлиската Империја. Според мене елементи на заедничка историја може да се најдат и во периодот кога Бугарија како кнежевство (1878 г.) се одвојува од османлиската држава, а Македонија останува во османлиските граници. Функционирањето на бугарски институции (егзархиски школи и цркви) на територијата на османлиска Македонија во кои работеле и преку кои дејствувале македонски револуционери, влијанието на бугарското национално револуционерно движење, и не само на бугарското врз македонското, помошта на бугарската држава на македонското население, на пример, во поилинденскиот период, револуционерната организација и слично, даваат простор за користење на оваа синтагма. Но, ќе повторам, синтагмата „заедничка историја“ треба да се користи како концепт кој ги отсликува историските процеси, меѓусебните контакти и влијанија меѓу нациите и други групи и заедници и со кои навистина ќе ги приближиме нашите наративи и сфаќања за минатото, а не да ја користиме за  вулгарна политичка алатка за докажување на „историски вистини“ и давање легитимност на митологизирани претстави за нашето минато преку призмата на сегашноста.

ДВ: Во кои случаи или контексти има несогласувања од бугарска страна за употреба на придавката „македонски“, како што рековте по последната средба на Комисијата?

-Бугарските колеги селективно ги користат Преспанскиот договор и Договорот меѓу РМакедонија и Бугарија од 1999 година. Така, кога станува збор за тела и органи основани од државата, како што е нашата Комисија, повикувајќи се на Преспанскиот договор, тие не ги прифаќаат формулациите „македонските колеги од Комисијата“, туку „колегите од Комисијата на РСМ“. Или, во однос на учебниците кои се финансирани од државата, наместо „македонски учебници“ се инсистира на „учебници на РСМ“, и слично. Од друга страна, пак, во однос на македонскиот јазик го игнорираат Преспанскиот договор, и се повикуваат на Договорот од 1999 година каде тој е „македонски јазик во согласност со Уставот“ или „официјален јазик на РСМ“. Ваквата практика во работата на Комисијата е воведена некаде од октомври 2019 година, додека претходно немаше никакви проблеми околу тоа.

ДВ: Дали противењето се однесува и во однос на термини „македонска борба“, „македонско востание“?

-Иако постои тенденција за избегнување на придавката во однос на историската терминологија, тоа не е возможно. Се разбира, придавката останува присутна и кога во записникот директно се пренесуваат исказите на дискутантите.

Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Членовите на македонско - бугарската Комисија за историски и образовни прашања на седница во Скопје Фотографија: Government of North Macedonia

ДВ: Кои беа другите причини за изостанок на резултати на последната средба?

-На последната средба работевме во пристојна академска атмосфера, како и секогаш досега. Главниот проблем остануваат големите разлики во пристапот кон толкувањето на историските процеси, настани и личностии секако, пристапот кон сфаќањето и правењето на препораки за учебниците. Присутна е тенденцијата бугарските забелешки кон македонските учебници да бидат конкретизирани во духот на нивниот наратив и тој да биде наметнат како единствен. Тоа особено дојде до израз во дебатата за Цар Самуил, наспроти нашиот пристап на мултиперспективност, кој овозможува на учениците да развијат критичко мислење. Се разбира, тоа важи за настани каде мултиперспективноста може да се примени.

ДВ: Каква е нашата перцепција за цар Самуил? Вашиот бугарски колега од Комисијата, Иван Илчев, објави анализа „Што всушност пишува во македонските учебници“, каде дава критики за содржините во нашите учебници во однос на Цар Самуил, глаголицата, Кирил и Методиј...

-Не би можел во рамките на овој ограничен простор да дадам одговор на темите поставени во прашањето, но би сакал да истакнам дека и во македонските и во бугарските историски учебници има простор за подобрување. Јас би бил задоволен доколку работата на Комисијата резултира со правење на нови учебници по историја во нашата држава, не затоа што тоа го бара Бугарија, туку затоа што навистина има потреба од нивно подобрување.

ДВ: Претходно, во несогласувањата се најде и Григор Прличев. Кои беа причините за тоа?

-Комисијата усогласи текст за заедничко чествување на Григор Прличев, и ние предложивме во тоа чествување, доколку е можно, да биде вклучена и Грција. Бугарските колеги не се согласуваа со тоа, но ја оставија можноста за такво нешто доколку се добие одговор од Грција. Со оглед на тоа што идејата за трипартитно чествување пропадна, ние предложивме да се искористи истиот текст без делот за грчко учество. За жал бугарските колеги не го прифатија тоа и инсистираат на целосна ревизија на веќе усогласениот текст за Прличев. 

ДВ: Сметате ли дека ќе може да работите, ако и натаму се повторуваат истите причини поради кои досега не се согласувате?

-Без оглед на сите несогласувања, прекинувањето на разговорите само уште повеќе ќе ги зголеми длабоките недоразбирања. Поради тоа сметам дека разговорите треба да продолжат. Всушност, дебатите кои се отворија во двете општества за теми, за кои до пред неколку години воопшто не се зборуваше, и во кои се вклучија и други експерти и интелектуалци, се еден од позитивните резултати од работата на Комисијата. Без оглед што понекогаш тие се исполнети со силни емоции и страсти, мислам дека тоа е добро за двете општества.