Кога верувањето е посилно од науката
17 април 2021Пандемијата на коронавирус во цел свет ги продлабочува општествените јазови и предизвикува конфликти: колку е опасна короната? Кои мерки за сузбивање на пандемијата се нужни или сразмерни, кои се преувеличени?
Не мала улога во овие дебати игра и верата. Точно е дека најголем дел од религиските групи во светот сериозно ги сфаќаат опасностите од коронавирусот и внимаваат на ограничувањата за сузбивање на пандемијата.
Но, верски и претставници на одредени групи постојано учествуваат во ширење лажни информации околу коронавирусот. Додека едни не сакаат да се откажат од верските обреди и манифестации, други дури сметаат дека нивната вера или спиритуалност ги прави имуни. Нудиме неколку примери:
Православната црква: Лажиче причесна со корона
Во православието одделни владици и манастири не сакаат да ги приспособат литургиските традиции на пандемиски услови. Како посебно проблематична се покажа на пример причесната со лажиче, кај која едно и исто лажиче стасува во устата на сите кои се причестуваат. Како аргумент за задржување на праксата се наведува дека при примањето на светата причест не можат да се пренесат никакви заразни болести. Но, во текот на пандемијата на одделни места беше воведена практика за употреба на лажици за една употреба.
Драматична динамика во Југоисточна Европа разви убедувањето дека верата штити од коронавирус. Во ноември 2020 година 90-годишниот патријарх на Српската православна црква, Иринеј, ја водеше погребната литургија за 82-годишниот црногорски-поморски митрополит Амфилохие, починат од коронавирус. Илјадници присутни, според медиумите, не запазувале никакви правила за заштита од вирус. Кратко потоа патријархот Иринеј почина – од корона.
Неговиот погреб и повеќечасовната посмртна литургија во Белград ја раководеше митрополитот Хризостом, привремен претседавач со СПЦ, и тој заболе кратко потоа од Ковид-19, но за среќа наскоро и оздраве.
Евангелисти: Божји благослов наместо вакцина
Евангелистите, многу моќни во САД и одделни други земји, конзервативна, верна кон Библијата струја во христијанството, на почетокот ја интерпретираа пандемијата како знак на гневот на Господ. Влијателниот американски проповедник и близок човек на Доналд Трамп, Ралф Дролингер, лани тврдеше дека Бог го испратил вирусот зашто е гневен на човештвото поради хомосексуалноста и заштитата на човековата средина. Според евангелистичките тврдолинијаши, за спас од злото е потребно враќање кон „вистинската“ вера.
Таа, кај не малку луѓе, е надмоќна над научните сознанија. Бројот на луѓе кои не носат заштитни маски и не сакаат да се вакцинираат кај евангелистите е посебно висок, како што докажува и студија на Институтот за истражување на религиите во САД. Тие, меѓу другото, веруваат дека Бог и верата им пружа доволна заштита од вирусот.
Повеќе на темата:
Религијата во доба на коронавирус
Уште еден српски митрополит заразен со коронавирусот
Зошто американските евангелисти толку многу се противат на вакцините?
Во САД, но и во Бразил и Јужна Кореја, протестантските и евангелистички слободни цркви станаа корона-жаришта. Без оглед на тоа што вирусот во Бразил моментно одзема повеќе стотици човечки животи дневно, во Бразил повторно е разгорена жолчна дебата околу отворање на црквите. Еден судија минатата недела дозволи богослужби, спротивно на досегашните пресуди на Врховниот суд.
Покрај евангелистичките великодостојници, и самиот бразилски претседател Жаир Болсонаро постојано инсистира на отворање на црквите во пандемијата, што не е чудно, зашто овој десен популист во милјето на евангелистите ги има своите најверни поддржувачи, слично како и поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Ултраортодоксни Евреи: Побожноста посилна од страв од вирусот
Во Израел во меѓувреме бројот на инфицирани драстично се намали, со оглед што повеќе од половината од сите Израелци примија две дози вакцина против коронавирус. Но, до јануари постојано се разгоруваа жаришта во ултраортодоксните квартови, каде жителите не се придржуваа кон пропишаните мерки. Кај секуларните Израелци тоа наидуваше на незадоволство, додека државата главно беше воздржана. Причина – за премиерот Бенјамин Нетанјаху беше важна поддршката на ултраортодоксните партии.
Ширењето на вирусот меѓу ултраортодоксните експертите го објаснуваат со животот на многучлени фамилии на тесен простор и стилот на живот со бројни заеднички активности. Одделни прповедници тврдат дека верските обреди штитат од коронавирус, а свештените лица кај ултраортодоксните верници во Израел имаат енормен авторитет, со оглед што пристапот до информации, на пример преку интернет или телевизија, кај нив често е силно ограничен.
Езотерика: Медитација и лековити билки против корона?
Лажни вести и заговорнички митови на тема коронавирус постојат исто толку долго колку и самиот вирус, посебно во германското јазично подрачје во нивно ширење учествуваат приврзениците на езотериката. Тие се присутни на анти-корона протестите, одбиваат заштитни мерки и вакцинирање. Езотеричарите се група со посебен поглед на светот, кај кои силна улога играат окултизмот, мистицизмот (мистично учење за таинственото, натприродното во природата и човекот) и други сфаќања и практики за самоспознавање и самореализирање. Лепезата на практики вклучува и хомеопатија, хороскопи, претскажување.
Актери од оваа сцена меѓу другото веруваат дека човек може да заболи само ако „целосниот организам“ го сака тоа, на пример поради „кармичка вина“, односно лоши дела или карактеристики од поранешен живот. Инаку, веруваат многумина од ова милје, сопствените, природни заштитни и самоисцелителни сили на телото се доволни за да се справат со вирусот.