1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Река народ се ближи кон Скопје

Катерина Блажевска17 мај 2015

Пред граѓаните кои од денеска ќе бараат оставка од Владата, ќе зборуваат и голем број интелектуалци, претставници на пленуми и невладини организации, а музички настап ќе имаат домашни групи.

https://p.dw.com/p/1FQw0
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Граѓани, членови и поддржувачи на опозициски партии, активисти на невладини организации и здруженија, членови на студентски и други пленуми и голем број јавни личности ќе бидат дел од најавениот мирен, граѓански, натпартиски и антивладин протест кој ќе започне денеска во 14 часот пред зградата на Владата на Република Македонија, а со најава дека ќе трае се‘ додека Груевски не поднесе оставка.

Токму во предвечерјето на протестот, Груевски соопшти дека нема да поднесе оставка, бидејќи мандатот го добил од граѓаните на регуларни, фер и демократски избори пред само една година.

„Оставка немам намера да поднесам, ниту да прифатам преодна влада. Имам обврска да се справам со ова што го прави Заев и да најдам решение Македонија да оди напред. И ќе оди напред. Би било кукавички чин да се повлечам. Ќе се соочам со нападот кон нас и заедно со народот ќе покажеме дека Македонија не може да биде нападната на ваков начин. Македонија покажува и ќе покаже цврстина“, изјави Груевски за ТВ „Сител“.

Mazedonischer Premierminister Nikola Gruevski
Премиерот Груевски повторно отфрли оставка и формирање преодна владаФотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

Поддршка од европските социјалисти

Додека траат протестите, пред присутните граѓани на „Илинденска“ број 2, денеска и во наредните денови ќе се обратат многу јавни личности од земјава и странство, интелектуалци и политичари. Како што најавуваат од СДСМ, пред граѓаните кои во еден глас ќе бараат оставка од Владата, во име на здружената опозиција и граѓанска коалиција денеска ќе се обрати лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, а свое обраќање ќе имаат и поранешниот бугарски премиер Сергеј Станишев и Кнут Флекенштајн, потпретседател на групата социјалисти во Европскиот парламент. Како говорници се најавени и голем број интелектуалци, претставници на пленуми и невладини организации. Помеѓу нивните обраќања, музички настап ќе имаат новинарскиот бенд „Рипортерс“ и други домашни групи.

Но, претставниците на европските социјалисти нема да бидат само на бината. „Во знак на поддршка за народот во нивната битка за демократија и за транспарентно владеење“, како што нагласија во соопштението, европските социјалисти кои се втора по големина политичка група во Европскиот парламент, денеска во Скопје стигнуваат со делегација која ќе биде меѓу граѓаните на протестот. На протестот ќе биде и Ричард Ховит, еден од посредниците во дијалогот што се води помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Брисел, но во својство на набљудувач. „Со оглед на длабоките поделби и нашите напори тие да бидат надминати со добра волја, лично сакам да видам дали се почитува целосно правото на мирен демократски протест и да ги слушнам гласовите на оние кои велат дека се исклучени во моментов од демократската дебата“, рече Ховит. Во неформалната мониторинг мисија од Европскиот парламент, ќе бидат и неколку европратеници од Германија, Шведска и Финска, а најавено е дека ќе пристигнат и поранешниот амбасадор на ЕУ во Скопје, Ерван Фуере и поранешената холандска амбасадорка, Симоне Филипини.

Големи притисоци

Засега, владее впечатокот дека на странците ќе им биде полесно да стигнат на протестната дестинација, отколку на граѓаните на Македонија од внатрешноста. Продолжуваат притисоците врз граѓаните да не излегуваат на протестите против Владата, соопшти невладината организација „Цивил“. Од таму тврдат дека со злоупотреба на администрацијата и полицијата, власта на сите начини се обидува да ги попречи протестите, со што го крши човековото право на мирен протест и слободата на изразување.

Mazedonischer Oppositionsführer Zoran Zaev
Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави протести до оставка на ГруевскиФотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

„Конфекциските погони во Штип прогласиле работен ден во недела, на 17 мај, со што ги кршат работничките права. Странскиот инвеститор 'Дрекслер-Мајер' прогласил работен ден во недела, а според некои извори, тие што ќе работат в недела, ќе можат да одмараат в понеделник, кога се закажани контрапротестите организирани од власта. Истото се случува и во Штип. Од 36 автобуси со кои требало да се превезуваат учесници на протестите од Битола, за 28 е откажан договорот. Слична е ситуацијата и во Прилеп и во Велес. Од околу три илјади лица од Велес, кои се пријавиле за учество на протестите во Скопје, само над 1.000 ќе може да го остварат тоа право преку средствата за јавен превоз, бидејќи голем број автобуси во Велес се платени да не возат во недела. Граѓани од Кичево се жалат дека им се вршат притисоци 'од врата на врата'. За овие состојби и притисоци се подготвува детален извештај кој ќе биде доставен до јавноста и до меѓународните институции и дипломатски претставништва“, соопшти „Цивил“.

Освен оние кои се под притисок, некои и сами се откажаа од учество во протестот. Движењето „Беса“, кое претходно го поддржа антивладиниот протест, вчера ја смени одлука поради незадоволство од тоа што лидерот на СДСМ во „бомбите“ ги поштедил функционерите од ДУИ.

„Од објавените прислушувања од страна на г. Заев, се покажа дека за СДСМ владата е само ВМРО-ДПМНЕ, а не и ДУИ. За нас криминална влада не е само ВМРО-ДПМНЕ, туку и ДУИ. Без да изјават јавно дека и тие се исто така за ДУИ да падне од власта, сметаме дека ние нема што да бараме во таквиот протест. Централниот совет на движењето 'Беса' му се обраќа на неговото членство, но и на целото албанско население во Македонија, со следниов став: 'Беса' нема да учествува во протестите на 17 Мај!“, соопшти Движењето.

Власта ја смени локацијата

Стравувањата за „блиска средба“ меѓу учесниците на антивладиниот и провладиниот собир кој беше закажан за утре на истата локација, се обиде да ги намали премиерот Груевски, во синоќешното гостување на вестите на ТВ „Сител“.

„Ние ќе направиме промена на локацијата за да не дојде до инцидент“, изјави Груевски, откако на вчерашната прес-конференција Заев соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ добила приклучок за струја на истото место каде што ќе протестира СДСМ. Притоа, премиерот потсети дека Заев веќе еднаш се обидел со насилство да направи преземање на власта, на 5-ти мај, кога полицијата жестоко била нападната од демонстранти на СДСМ, но не успеале во нивната намера.

„Оттука, нормално е да се сомневаме дека можат да го повторат тоа и нормално е да сме целосно подготвени да се одговори соодветно и да се пресретне такво сценарио, односно да имаме реакција која нормално ќе биде во рамките на демократските принципи, Уставот и законите“, истакна премиерот.

Атмосферата на можни ескалации делумно беше подгреана и од соседството, кога пред неколку дена бугарскиот премиер Бојко Борисов најави дека поради состојбите во Македонија, Бугарија распоредува војска на границата.

„Недела, 17 мај, е клучен датум за Македонија, кога се подготвува митингот. Војската на границата е присутна за да се подготви, ако не дај Боже, работите во Македонија тргнат на лошо. Таму има околу 90.000 државјани со бугарски пасоши и тие може да се вратат во Бугарија, но при една хуманитарна криза треба да бидеме подготвени за тоа“, рече Борисов.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во повеќе наврати потенцираше дека протестот на 17 мај ќе биде мирен и ненасилен. Тој најави повеќе мерки кои треба да ја гарантираат таквата атмосфера и апелираше до сите учесници да рефлектираат слика за демократска, мирољубива и ненасилна - за поинаква Македонија.

„Го повикувам целиот наш народ. Ако не може да се качи во автобус, да најде начин како да дојде во центарот на главниот град, пред Владата. Ова ќе биде мирен и ненасилен протест. Да не ја пропуштаат граѓаните оваа историска шанса, да бидат таму каде што ќе бидеме сите, од сите етнички заедници, каде што ќе ги испратиме сите пораки од настанот, кој ќе се памети и за кој зборува и во наредните години. Ве канам сите, гордо и достоинствено, пред Владата на Република Македонија“, повика Заев.