1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: „Под маса“ главен преговарач за името бил Мијалков!

Катерина Блажевска16 мај 2015

Груевски лажел кога тврдел дека не се пазари за уставното име на земјата. Разговарал и за идентитетските прашања, а сето тоа го правеле заткулисно, обвини лидерот на СДСМ.

https://p.dw.com/p/1FQm0
Фотографија: Petr Stojanovski

„Вистинските преговарачи за промена на името на државата, не биле официјалните преговарачи на Македонија во ОН, Никола Димитров или Зоран Јолевски. Не бил ни тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, а не бил директно дури ни Никола Груевски. За уставното име на Република Македонија, преговарал Сашо Мијалков под маса, во тајни простории, со познатиот грчки бизнисмен и бизнис партнер на Никола Груевски, човекот кој преговараше за продажбата на рафинеријата ОКТА, а кој според сите информации е и заштитeниот сведок на власта кој го местеше Љубе Бошкоски дека го продал името на државата. Тој човек е Емануел Малелис, познат како Маноли“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес конференција и објави неколку аудио-снимки како доказ за пазарењето на власта со уставното име.

Во еден од разговорите, преговарачот Зоран Јолевски на министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, наводно му го пренесува впечатокот дека медијаторот Метју Нимиц се чувствува исклучен од процесот: „Сакам да покажам дека процесот е жив“, му рекол Нимиц на Јолевски. Во друг, троен разговор, премиерот Груевски го информира Милошоски дека „е дојден човекот“ и прецизира дека станува збор за лицето што е „вистински Грк, а не мешавина“. Потоа го консултира за какво сложено име да се разговара. Преку интерфон, во разговорот е вклучен, наводно и Мијалков. Милошоски, наводно, предлага пред името Република Македонија да стои политичка рефренца - независна или суверена, а по името, Грците во заграда да додадат нешто плус.

„Меѓу варијантите 'Горна Република Македонија' и ’Независна Република Македонија’, а потоа во заграда ’Горна’ или ’Северна’, јас би одел на втората варијанта. Сложено име, посложено- здравје“, вели Милошоски.

„Или Вардар во заградата“, додава Груевски.

Милошоски наводно предлага Мијалков „да игра и со една друга работа“: „Ако покажат Грците повеќе разбирање за нашите позиции, спорот се решава, а тужбата (во Хаг н.з) се повлекува“.

Во последниот од презентираните разговори, Груевски на пратеничката Силвана Бонева, наводно и‘ објаснува дека македонската страна го прифатила понудениот предлог на медијаторот.

„Го мислевме неколку дена и го прифативме. Од таму два месеци нема одговор. Се правдаат со светската криза“, вели Груевски.

Заев истакна дека ова се само мал дел од разговорите кои сведочат за подземни пазарања од името, а голем дел нема да бидат објавени поради суптилноста на преговарачкиот процес.

„Никола Груевски лажел кога тврдел дека не се пазари за уставното име на земјата. Не е точно дека не разговарал и за идентитетските прашања. Сето ова го правеле заткулисно“, рече Заев.

Запрашан дали ќе продолжи со објавувањето на аудио-снимки, лидерот на СДСМ одговори дека „бомбите“ ќе паузираат се‘ додека траат протестите.

„За случајот „Монструм“ ветивме и секако дека ќе бидат објавени сознанијата, но поради чувствителноста на моментот, не ги објавивме пред големиот протест“, нагласи тој.

На прашањето дали очекува инциденти, Заев одговори: „Денеска добив информација дека ВМРО-ДПМНЕ добил приклучок за струја на истото место каде што и ние ќе протестираме, пред Владата на Република Македонија. А ние остануваме до крај и ние не си одиме од таму додека Груевски не поднесе оставка“.