Рација во Германскиот фудбалски сојуз
7 октомври 2020Обвинителството Франкфурт изврши претрес на канцелариите на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ), како и на приватни станови на одговорни лица во сојузот поради сомневање за затајување данок. Во акцијата спроведена во германските покраини Хесен, Баварија, Северна Рајна Вестфалија, Долна Саксонија и Рајнланд Пфалц учествуваа околу 200 службеници, соопшти Обвинителството.
Станува збор за приходи од натпревари на фудбалската репрезентација на домашен терен од 2014 и 2015 година. Иследниците соопштија дека истрагата се води „против шестмина поранешни, односно актуелни одговорни лица во ДФБ“: „Тие се товарат дека приходите од рекламите поставени долж игралиштето на натпреварите на фудбалската репрезентација на домашен терен од 2014 и 2015 година, ги пријавиле свесно погрешно како приходи од инвестициски менаџмент.“ Со тоа, ДФБ избегнал данок во висина од околу 4,7 милиони евра.
Обвинителството не ги соопштума имињата на осомничените. Претседател на најголемиот спортски сојуз во светот тогаш беше Волфганг Нирзбах, кој поднесе оставка поради се’ уште нерасчистениот скандал со организацијата на Светското фудбалско првенство во 2006 година. „Според досегашниот тек на истрагата, постои сомневање дека лицата знаеле за ваквата даночна неправилност, но свесно се одлучиле за неа, со цел на ДФБ да му овозможат голема даночна предност“, соопшти обвинителката Надја Низен.
ДФБ се’ уште се бори со последиците одскандалот со СП во 2006 година. Обвинителството Франкфурт се’ уште води постапка за затајување данок. Станува збор за дубиозна сума од 6,7 милиони евра, која тогашниот шеф на Организацискиот комитет на СП, Франц Бекенабуер, ја добил како позајмица во 2002 година од, во меѓувреме починатиот, бизнисмен Роберт Луис Драјфус. ДФБ оваа сума во април 2005 година и’ ја префрлил на ФИФА како придонес за гала-вечер која никогаш не се одржала.