Разговори за името и во куќата на ридот
11 јануари 2018Консултациите и разговорите за името очигледно влегуваат во поделикатна фаза, која бара дискреција и мир, далеку од љубопитните новинари и „окото“ на камерите. Индиција за тоа е денешната средба меѓу македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров и неговиот грчки колега, Никос Коѕијас, која ќе се одржи на непозната локација. Во соопштението на македонското МНР само се наведува дека „разговорите ќе се фокусираат на прашања од билатерален интерес, како и на понатамошно зајакнување на мерките за градење доверба“, но не посочува каде ќе се сретнат двајцата министри. Идентично соопштение дистрибуираше и грчкото МНР. Дипломатски извори за Дојче веле потврдуваат дека „средбата ќе се одржи во Грција“, а дел од грчките медиуми шпекулираат дека место на средбата е Солун.
Премолчената локација не е единствениот елемент што ја заинтригира јавноста, бидејќи само еден ден претходно од Атина се врати вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој исто така се сретна со шефот на грчката дипломатија. А Димитров заминува за Грција на денот кога во Скопје се одржува вториот состанок на Европската служба за надворешни работи со политичките директори на земјите од Западен Балкан, на кој ќе се разговара за европската перспектива на шесте земји, усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и актуелната ситуација во регионот.
Решение до април
Дали се ова клучни консултации меѓу Димитров и Коѕијас, шест дена пред новата рунда разговори во Њујорк (17-ти јануари) меѓу двајцата преговарачи, на која од медијаториот Нимиц, неофицијално, се очекува и конкретен предлог за компромисно решение на спорот за името? Во интерес на разговорите, вклучените во процесот засега не откриваат никакви детали. Но, можеби „креативното решение“ и нема да зависи само од посредникот на ОН. Грчкиот весник „Катимерини“ објавува дека по средбата со Коѕијас, Османи изјавил дека покрај Нимиц, предлози за именување можат да бидат поднесени од двете страни, ако имаат.
„Уште поинтересен беше и ставот што го изнесе господинот Османи, кој посочи дека времето е пократко отколку што изгледа. Тој смета дека ако прашањето не биде решено до април, тогаш нема смисла за продолжување на разговорите. Ова во голема мера е во согласност со домашните размислувања, бидејќи по договорот, исто така, треба да има период на комуникација и политичка консултација во секоја земја“, пишува „Катимерини“.
Повеќе на темата:
- Европската комисија се надева на „конкретни“ резултати во спорот за името
- Заев очекува решение за спорот за името до јули
- Коѕијас сака решение во спорот за името годинава
Според дипломатски извори, вообичаено е пред важни разговори да се сретнат фронтмените на дипломатиите и да направат консултации.
„И не е невообичаено во текот на процесот да има и средби на неименувани локации, па дури и средби за кои јавноста не мора да биде информирана, заради намалување на јавниот притисок, некогаш и заради итност, а со цел процесот да заврши со успех“, велат нашите соговорници.
Тајни неформални средби
Но, како што дознаваме, средби во дискреција (за имињата на учесниците и местото на разговорите) досега се одржале во разни формати во Британија и Германија. Една од нив, на експертско ниво, се одржала лани во ноември на Центарот за студии на Југоисточна Европа на Универзитетот Оксфорд (SEESOX) во Велика Британија, а за неа се дозна по анализата што заеднички ја објавија двајца од учесниците - Калипсо Николаидис од Грција, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Оксфорд и Ветон Љатифи од Македонија, професор по меѓународни односи на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, под наслов „Решавање на македонскиот спор за името: Изгледи за трансформативно заемно признавање“. За овие „тајни состаноци“ неодамна пишуваше и грчкиот „Прото тема“, „не како обид за 'паралелна дипломатија', туку за да се изгради доверба меѓу двете страни и да се бара заедничка основа на која може да се изгради решение“. Весникот наведува дека од грчка страна учесници биле двајца поранешни амбасадори кои во минатото биле инволвирани во преговорите за името, како и неколку универзитетски професори.
„Деталите за овој состанок не беа познати. Сепак, текстот кој се појави подоцна, на 12 декември, фрли малку повеќе светлина врз она што се разговарало зад тешките порти на познатиот британски универзитет (...) Наодите во текстот 'имаат смисла' и со јавните изјави на Ципрас и Заев и со новите методологии на разговорите“, оценува „Прото тема“.
Како што дознава ДВ, средби со комбиниран политичко-експертски формат се одржуваат и во Берлин, под покровителство на Фондацијата „Бергхоф“ (во превод имотот на ридот, или куќата на ридот, н.з.). На последната, одржана во почетокот на декември, учествувале исклучиво гости од Македонија - министри, пратеници и универзитетски професори. На средбите се разговарало за актуелни политички прашања, а ставовите на учесниците се лакмус за насоките во кои моќните политички центри - стратегиски пријатели на Македонија, треба да помогнат во надминувањето на одредени препреки.
Под притисок на митинзи
Засега не е јасно дали и колку ставовите од ваквите сесии се вградени во преговарачките позиции, (од правен, политички и лингвистички аспект). Грција во моментов е фокусирана на амортизирање на искрите во Светиот Синод на Грчката Црква, која рече „не“ за зборот Македонија во името на северниот сосед, а тоа е став и на голем број грчки организации кои се мобилизираат за голем митинг на 21-ви јануари во Солун и на други места, но и меѓу иселеничките организации, главно од другата страна на Атлантикот.
„Ваквата состојба се чини дека ја загрижува владата, која се плаши од можноста за социјални немири за проблемот со името. Владиниот поглед сега е наочен кон митингот најавен во Солун на 21-ви јануари. Иако архиепископот беше јасен и се спротивстави на мобилизацијата за протести, никој не може да гарантира дека другите архиереи ќе го следат истиот став“, пишува „Прото тема“.
Медимите го пренесуваат и ставот на партијата „Потами“, дека надворешната политика не е работа на црквата: „Земјата скапо ги плати нереалистичните позиции во минатото и популизмот за прашањето за името на ПЈРМ. Грчката црква игра, и мора да игра важна улога, но во својата област, а спроведувањето на надворешната политика е одговорност на владата“.