1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел се надева на конкретни резултати во спорот за името

БГ
9 јануари 2018

Во Брисел со внимание се следи развојот на ситуацијата околу спорот за името меѓу Скопје и Атина. Се очекуваат конкретни резултати, но и чекори од македонска страна кои досега не биле сторени, јавува порталот Еурактив.

https://p.dw.com/p/2qXzo
Symbolbild Europa Fahne unscharf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Европската комисија со внимание ги следи и ги поздравува позитивни контакти меѓу Скопје и Атина во врска со спорот за името, вели портпаролот на ЕК Маргаритис Шинас, алудирајќи и на најавените нови средби закажани за овој месец. Претставник на ЕК за порталот Еурактив вели дека егзекутивата на ЕУ досега се држела настрана од спорот меѓу Македонија и Грција затоа што процесот е под медијаторство на Обединетите нации. Но, добрите соседски односи и решение на спорот кое би било прифатливо за двете страни ги смета за важни. Германската страница на Еурактив цитира и неименуван извор од ЕК кој вели дека се очекуваат и нови, конкретни чекори од македонска страна кои досега отсуствувале. 

Повеќе на темата: 

Заев очекува решение за спорот за името до јули

Името не се решава само со оптимизам

Во Брисел вчера беа претставени приоритетите на бугарското претседателство со ЕУ. Западниот Балкан, како што беше и претходно најавено, ќе биде еден од главните приоритети на Софија во следните шест месеци. Бугарскиот амбасадор во Брисел, Димитар Цончев оцени дека постојат реални надежи дека Македонија ќе добие позитивна препорака за почеток на преговори за членство за време на бугарското претседателство. Таквата препорака би можела да се очекува во редовниот извештај на ЕК за напредокот на земјата кој ќе биде објавен во април годинава. Токму напредокот во разговорите со Грција околу спорот за името, според Цончев, би можел да го отвори патот кон добивање на позитивна препорака.

Во февруари годинава Европската комисија ќе ја објави новата стратегија за Западниот Балкан, во која попрецизно треба да бидат наведени датумите во процесот на проширување.

Цончев вели дека од шесте западнобалкански држави во тој процес најдалеку засега се отидени Србија и Црна Гора, а зад нив се Албанија и Македонија. 

Во интервју за домашните медиуми, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас вчера изјави дека ставот на неговата земја во преговорите е за сложено име за севкупна употреба, кое може, но и не мора да биде со географска одредница. Коѕијас денеска во Атина се среќава со македонскиот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи.