Пјонгчанг- Олимпијадата нема да го спаси светот
9 февруари 2018„О спорту, ти си мир!“. Така започнува деветтата строфа од Одата на спортот на Пјер де Кубертен. „Ти создаваш среќни врски меѓу луѓето поврзувајќи ги во почит кон силата која е контролирана, организирана и самодисциплинирана“.
Користејќи псевдоним, Де Кубертен, основачот на модерниот олимпизам, ја пријави својата поема на натпреварот на Летните олимписки игри во Стокхолм во 1912 година, освојувајќи злато во категоријата литература.
Идејата на Кубертен за приближување на луѓето преку спортот е копирана во Олимписката повелба, која наведува дека Меѓународниот олимписки комитет е обврзан да „го стави спортот на услуга на хармоничниот развој на човештвото, со цел промоција на мирно општество“.
Тоа се големи очекувања од спортот. Всушност, преголеми.
Мали чекори
„Се надеваме дека зимската Олимпијада ќе ја отвори вратата за подобра иднина на корејскиот полуостров“, рече претседателот на МОК, Томас Бах пред отворањето на Игрите. „Олимпијадата овозможи нов почеток“.
Освојувачот на златниот медал во мечување на Олимпијадата во 1976 година алудираше на присуството на 22 спортисти од Северна Кореја на Игрите, заедничкиот влез на корејскиот тим на отворањето и заедничкиот корејски женски тим во хокеј. Во овие случаи, спортот помогна да се изградат мали мостови- но ништо повеќе.
Корејскиот конфликт останува буре барут. Било каква провокација од Пјонгјанг, или непромислен твит на претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе ја уништи надежта.
Спортот не (секогаш) е гарант за мир
Спортот е универзален јазик кој се зборува и е разбран преку националните и културните граници, и оттука има потенцијал да посредува. Но исто така има и ограничувања како модел за мир и, всушност, честопати се користи како платформа за национализам. Некои нации, како Русија со нејзиниот допинг систем (но не и единствен) прават се за да постигнат успех со кој може да се гордее нацијата.
Спортот предизвикувал и воени конфликти како што е „фудбалската војна“ од 1969 година меѓу Хондурас и Ел Салвадор. На квалификацискиот меч за пласман на Светското првенство му претходеа немири во кои гинеа луѓе, што пак доведе до воен судир кој траеше 100 часови и ги однесе животите на повеќе од 2.000 луѓе.
Не смееме да го оптоваруваме спортот со лажна надеж. Зимските игри во Пјонгчанг нема да го спасат светот, но може да се надеваме дека ќе ни понудат возбудлив, фер натпревар, повеќе емоционални моменти и можеби- кус период на мир. Тоа само по себе ќе биде значаен успех.