1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин не е загрижен за иднината на Трамп

ЖА / агенции
17 декември 2020

Рускиот претседател Владимир Путин очекува решавање на дел од проблемите во односите со САД со доаѓањето на новата влада на Џо Бајден. Тој одрече руска одговорност во труењето на Алексеј Навални.

https://p.dw.com/p/3mrlm
Russland Moskau | Pressekonferenz Vladimir Putin
Фотографија: Grigory Sysoev/Sputnik/dpa/picture alliance

Односите меѓу Москва и Вашингтон за време на мандатот на американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, станаа „заложник" на американската внатрешна политика, изјави Владимир Путин на редовната конференција на крајот на годината, која овојпат поради пандемијата на коронавирус беше вируелна. Тој се надева на нивно подобрување, со оглед што поранешниот вицепретседател Бајден е искусен како во внатрешната, така и во надворешната политика, истакна Путин.

Рускиот претседател на својот новоизбран американски колега за победата на изборите на 3 ноември му честиташе доста подоцнаод останатите шефови на држави и влади, со образложение дека го чека објавувањето на официјалниот изборен резултат.

Бајден пак вети порешителен однос кон Русија. Москва беше обвинета за вмешување во претседателските избори во САД во 2016 година. На денешната прес-конференција, Путин овие обвинувања ги нарече „шпекулации чија цел е наштетување на односите меѓу двете земји", како и доведување во прашање на легитимитетот на Доналд Трамп.

Во однос на професионалната иднина на американскиот претседател во заминување, Путин не е загрижен. Трамп ужива широка поддршка во општеството и Путин нема впечаток дека поранешниот градежен претприемач има намера да се повлече од политиката.

Бајден ќе биде четвртиот американски претседател кој се вселува во Белата куќа откако Путин првпат беше избран за шеф на руската држава во 2000 година. Летоска на референдум Русите го отворија патот за уставни измени кои на Путин му овозможуваат теоретски да остане на власт до 2036 година.

Без оглед што го имам одобрението на народот, не знам дали повторно ќе се кандидирам во 2024 година, рече денеска Путин.

Тој ги отфрли како неточни и тврдењата за учество на агенти на руските тајни служби во труењето на лидерот на руската опозиција, Алексеј Навални. Доколку тие биле инволвирани, „ќе ја завршеле работата до крај“. Путин не го спомена Навални по име, го нарекуваше „пациентот од клиниката во Берлин“, тврдејќи дека бил под надзор од руски служби поради поддршката која ја добивал од американските тајни служби. 

Навални по атентатот со отров беше префрлен на лекување во берлинската болница Шарите каде се опорави по неколку недели поминати на одделението за интензивна нега.