1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој има поголеми штети од случајот Навални?

Константин Егерт
9 септември 2020

Заздравувањето на Алексеј Навални ќе трае долго. Но, последиците од она што канцеларката Ангела Меркел го нарече атентат, се веројатно уште потешки и потрајни, смета Константин Егерт.

https://p.dw.com/p/3iC75
Anti-Putin-Demonstration in Moskau - Nawalny Festnahme
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Руското општество всушност е тоа што требаше прво да реагира на злосторството врз Алексеј Навални. Но, би било сосема нереалистично да се очекува десетици ијади луѓе да излезат пред портите на Кремљ со скандирање „Нема да заборавиме, нема да простиме", како што е вообичаено на протестите против Путин.

Руската јавност најверојатно ќе остане еднакво рамнодушна на судбината на Навални исто како и кон борбата на „братскиот" белоруски народ за своите граѓански права. Русите се зафатени со пандемијата на коронавирус, стравуваат за своите работни места и иднината на своите семејства. Многумина едноставно се исплашени, зашто она што го снајде опозицискиот лидер, се чини служеше и како предупредување до сите активисти: „Ова се случува ако човек ѝ застане на власта на патот!"

Повеќе од обичен блогер"

Стравот во Русија и натаму е решавачки политички инструмент. Но за многумина, првенствено млади и политички свесни луѓе, труењето ќе претставува пресвртница, политичко будење, момент во кој е уништена секоја надеж во регулирана промена.

Ова е и критички момент за приврзаниците на Навални. Тие веројатно ќе ја продолжат неговата борба против корумпираните функционери во земјата, вклучувајќи го и најтесниот круг околу Владимир Путин.

Повеќе:

Се заострува судирот помеѓу Берлин и Москва поради Навални

Случај Навални: Меркел го дисциплинира Путин

Новичок: Советскиот отров за елиминација на неистомисленици

Циничниот бизнис со здравјето на Навални

Навални е многу повеќе од само еден „блогер", како што радо го нарекува пропагандата на Кремљ. Тој е политичар кој мора да биде сериозно сфатен, кој формулираше алтернативна политичка и економска агенда за Русија. Дури доколку тој само привремено се повлече од политичката сцена, тоа е удар за сите критичари на Кремљ, ќе биде тешко да се најде замена за Навални.

Прашање е колку одлучни и организирани се неговите поддржувачи. Нивната неспособност да најдат широка поддршка во народот, е традиционална слабост на сите руски опозициски движења, почнувајќи од „декабристите", бунтот од 1825 година.

Крај на постсоветскиот менталитет

Дали овојпат ќе биде поинаку? Дали Русија во изминатите 30 години вистински се промени, во најслободното и време на најголема благосостојба во нејзината преку илјадагодишна историја? Кога ќе се погледнат настаните во Белорусија и во Украина, станува јасно дека постсоветскиот менталитет отстапува место на нова свест. Порано или подоцна тоа ќе се случи и кај Русите, но можеби не уште сега.

Поделеност во ЕУ во однос на Русија

Ситуацијата е предизвик за Германија, за Европската унија и Западот во целост. Ангела Меркел спозна дека мора да ги надмине вообичаените изјави за загриженост на кои Кремљ е навикнат од Берлин и другите престолнини од ЕУ, таа знае дека нејзината изјава од минатата недела сама по себе не е доволна.

Путин е свесен за поделеноста во ЕУ во однос на Русија. Постојат оние кои веруваат дека по Грузија, Крим, Донбас, соборувањето на авионот на лет МХ17, убиството на Борис Немцов и интервенцијата во Сирија, во прашање може да дојде само најтврда линија кон Москва. Вакви ставови имаат првенствено централноевропските и балтичките земји.

Но, ги има и оние кои веруваат дека земајќи ги предвид сите околности, неопходно е „приврзување“ на Русија. Зашто, без нејзино учество не е можно решавање на конфликтот во Сирија, помирување во Либија, спасување на атомскиот договор со Иран и.т.н.

von Eggert Konstantin Kommentarbild App
Константин Егерт е независен руски новинар

Гласот на Берлин, покрај оној на Париз, се смета за најсилните и највлијателните во втората група. Само пред неколку дена Меркел изјави дека гасоводот „Северен тек 2“, главниот проект на Газпром во Европа, треба да биде довршен без оглед на актуелниот развој на настаните.

Санкции нож со две острици

Путин во тоа секогаш гледаше доказ дека Германците и ЕУ во целост, без оглед на целата политичко-воена непредвидливост на Кремљ, се слаби. И дека пред сѐ се зависни од гасот на Газпром. Фактот што ЕУ, со исклучок на Летонија, Литванија и Естонија уште не ги спроведува ни најавените санкции против режимот на Лукашенко, го зацврстува убедувањето на Путин дека непопустливоста и силата се вистинските инструменти во односот кон ЕУ.

Никој не верува во суштина со објективна и транспарентна истрага на труењето на Навални од страна на Москва. Клучното прашање меѓутоа е колку решително реагираат Германија и нејзините ЕУ- и НАТО-сојузници.

Протерување на одреден број руски офицери на тајната служба од дипломатски причини, како по обидот направен во 2018 година по нападот со отров врз рускиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка, веројатно ќе го убеди Кремљ дека за неколку месеци сѐ ќе биде по старо. 

Поостри санкции, на пример стопирање на „Северен тек 2“, кај Русија пак би разбудиле жед за одмазда. Доколку Западот посегне по цврсти мерки, од Москва можат да се очекуваат нови ескалации и креирање тензии.

Во можните последици спаѓа и напуштање на Минскиот договор за Украина, демонстративен знак на поддршка кон Лукашенко во борбата против неговиот сопствен народ, како и масовно апсење на следбеници на Навални во Русија. Сето тоа во служба на целта – кај Европејците да се разбудат чувства на вина и тие да бидат принудени на обновување на дијалог.

Со преземањето одговорност за судбината на Навални, германската влада си презеде врз себе и морален товар. Тој е толку тежок, што ќе биде речиси неможно повторно да се отфрли без трајни последици.