1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин во ковид карантин

ЖА / дпа
14 септември 2021

Рускиот претседател Владимир Путин оди во самоизолација поради повеќе случаи на инфекција со коронавирус во неговото опкружување.

https://p.dw.com/p/40Ian
Weltspiegel 21.04.2021 | Putins Rede an die Nation
Фотографија: SPUTNIK via REUTERS

Рускиот претседател Владимир Путин самиот е апсолутно здрав, изјавил денеска неговиот портпарол Дмитри Песков за агенцијата Интерфакс. Но, 68-годишниот претседател, кој е вакциниран со вакцината Спутник V, „извесно време“ ќе се воздржи од лични средби и на конференции ќе учествува само онлајн, соопшти Кремљ.

Вчера Путин имаше средба со сирискиот претседател Башар ал Асад во Москва, но според Песков, таа се одржала пред шефот на руската држава да донесе одлука за превентивна самоизолација, а здравјето на Асад не е загрозено. Вчера Путин беше присутен и на воена вежба, заедно со министерот за одбрана, Сергеј Шојгу.

Кремљ не соопштува кој е инфициран со коронавирус од околината на Путин, но истакнува дека случајот нема да има последици врз работата на претседателот, единствено што тој нема да посетува никакви манифестации. Се очекува претседателот да остане во карантин околу една недела. Самоизолацијата на Путин се случува  неколку дена пред парламентарните избори – од петок до сабота ќе се гласа за новиот состав на Думата, а се очкеуваше Путин лично да го даде својот глас на гласачко место. 

Прошетка во Русија и вакцинирање

Откажано е и патувањето на рускиот претседател во Таџикистан, на средба на Организацијата на Договорот за колективна безбедност, наместо тоа тој ќе се обрати преку видео врска. Во Душанбе е закажан и состанок на Шангајската организација за заемна соработка, на која една од клучните теми е ситуацијата во Авганистан.

Руските власти денеска објавија 17.800 регистрирани нови инфекции со коронавирус во рок од 24 часа во земјата, што е многу помалку во однос на пример во јули. Но, бројот на смртни случаи и натаму е висок, во еден ден имало 781. Истовремено, бројот на вакцинираниостанува релативно низок, според најновите официјални наводи, 39 милиони лица добиле комплетна имунизација против коронавирус, што е 26 проценти од населението – Русија има околу 146 милиони жители.