1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширувањето на НАТО и моралниот крах на Русија

Константин Егерт
13 март 2019

За Кремљ, проширувањето на НАТО на исток е болен симбол на неговиот морален крах и потсетник дека советскиот режим им беше одвратен на сите „братски“ народи кои едвај дочекаа можност да избегаат што подалеку од него.

https://p.dw.com/p/3EvBZ
Sergey Elkin Karikatur
Фотографија: Sergey Elkin

Пред 30 години во мода беше следниот виц: „Што треба да се стави на грбот на Советскиот сојуз? Одговор: Купидон. Зошто? Бидејќи Советскиот сојуз е како Купидон- целосно соголен, но вооружен до заби и вечно досадува со својата љубов“.
Зошто денес се сетив на тој виц? Затоа што пред точно 20 години во малото градче Индепенденс во САД се случи еден од најважните настани во повоената историја. Таму започна погребот на Договорот од Јалта, со кој во 1945 година, Централна и Источна Европа му беа дадени на Сталин. Во родниот град на поранешниот американски претседател Хари Труман, бившите социјалистички држави Полска, Чешка и Унгарија ги потпишаа документите за влез во НАТО. Симболичното бегство од советскиот Купидон стана историски факт.
Во 2004-та, договорот на Сталин, Рузвелт и Черчил конечно беше закопан. Тогаш во НАТО влегоа трите балтички држави. Оттогаш, дел од територијата на бившиот СССР влезе во составот на НАТО. Москва навистина започна да се спротивставува на проширувањето уште од средината на 1990-те години, но во 1997 и таа склучи договор со НАТО кој и овозможи во следните 17 години да води дијалог и дури и да соработува со Алијансата во разни сфери. Операцијата на НАТО против Србија во 1999 година и руско-грузиската војна од 2008 година ја нарушуваа таа соработка, но таа сеедно продолжи бидејќи на Кремљ му беше јасно дека добрите односи со најсилниот воен сојуз во историјата на човештвото се и во интерес на Русија. Дури анексијата на Крим целосно ги наруши тие односи и и стави крај на соработката.

von Eggert Konstantin Kommentarbild App
Константин Егерт е коментатор на руската редакција на ДВ

Погреб за советскиот Купидон

Дваесет години по приемот на поранешни држави од Варшавскиот пакт во НАТО, односите меѓу Русија и НАТО се полоши од било кога. Притоа, Кремљ посилно од било кога се спротивставува на проширувањето на НАТО, како што покажа и примерот на Црна Гора во есента 2016 година.
За постсоветскиот врв во Русија, проширувањето на НАТО е симбол на победата на Западот, и пред се на САД, во Студената војна. Но тоа е и показател колку љубениот советски режим на денешен Кремљ им бил одвратен на ткн. „братски народи“, кои при првата можност избегаа далеку од него. Рускиот врв, наследник на тој советски Купидон, се обидува да се убеди себеси и рускиот народ, дека Полска, Литванија или Црна Гора биле принудени со сила да влезат во НАТО. Обичниот руски човек, измамен од руската телевизиска пропаганда, може и да мисли така. Но, дури и во ерата на Доналд Трамп тоа звучи неубедливо и смешно.
Длабоко во себе, и Путин и Лавров и Шојгу сфаќаат дека „опашката“ пред влезот на НАТО во Брисел е последица на моралниот крах на Советскиот сојуз и неспособноста на Русија да се одвои од постстоцијалистичкото наследство. Целосно сум убеден во тоа. А тоа што, во редот за членство во НАТО стојат и Украина и Грузија, е уште една звучна шлаканица за руското раководство и доказ за тоа дека, дури и 30 години по распадот на СССР, Русија не успеа да стане атрактивна земја за своите соседи.
На фонот на засилените амбиции на Кина која се почесто ја гледа Москва како помлад партнер и успешно ја истуркува од Централна Азија и Јужен Кавказ, упорноста на руското раководство да се бори против НАТО делува, во најмала рака, чудно. Полските тенкови никогаш нема да влезат во Смоленск, ниту германски десантни единици ќе се обидат да го преземат Калининград.
Крајно време е Кремљ да престане да го влече за нос сопствениот народ и да размислува за реалните, а не за наводните интереси на Русија. Крајно време е да биде погребан советскиот Купидон- исто како што пред 20 години беше погребан Договорот од Јалта.

Konferenz von Jalta 1945
Винстон Черчил, Френклин Рузвелт и Јосиф Сталин во ЈалтаФотографија: gemeinfrei