1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крајот на Варшавскиот пакт

Розалија Романиец / Е.М. Фиданоска1 јули 2016

Пред 25 години се распадна Варшавскиот пакт. Неколку години подоцна западната граница на НАТО се помести кон исток. Политичките консеквенции се чувствуваат до денес.

https://p.dw.com/p/1JHB2
Војници позираат во различни униформи пред знамињата на седумте членки на Варшавскиот пактФотографија: picture-alliance/dpa

Михаил Горбачов придонесе многу за крајот на Варшавскиот пакт, но не сакаше да го гледа размотувањето на клопчето одблиску. Кога на 1 јули 1991 година во Прага се сретнаа претставниците на државите од Источниот блок, Горбачов го испрати својот заменик. Генади Јанајев мораше да слуша како тогашниот чешки претседател и поранешен дисидент Вацлав Хавел констатираше: „Денеска престана да постои Варшавскиот пакт.“ Сите аплаудираа, освен Јанајев.

ГДР вели збогум

Источниот блок постоеше 36 години. Беше основан во мај 1995 година, со потпишувањето на Договорот за пријателство, соработка и заемна помош од страна на седум земји - Советскиот сојуз, Германската Демократска Република (ГДР), Чехословачка, Унгарија, Романија, Бугарија и Полска. Тоа беше официјална рекација на приклучувањето на Сојузна Република Германија на НАТО. Но, брзо се покажа дека Варшавскиот пакт не е само одбранбен сојуз, туку требаше да помогне за обезбедување на советската политичка контрола на Истокот. Задушувањето на унгарското востание во 1956 година и на Прашката пролет во 1968 година од страна на Варшавскиот пакт се најпознатите примери за тоа.

Во 1980-тите почна пресвртот. Дојдоа Солидарност и Перестројка, потоа паднаа Железната завеса и Берлинскиот ѕид, а набрзо потоа почнаа разговори за германското обединување. „ Требаше да разјасниме многу работи, како на пример дали обединета Германија може да биде членка на НАТО или не и кога ќе се повлечат Советите“, се потсетува Хорст Телчик. Поранешниот советник на канцеларот Хелмут Кол нагласува дека покрај кредитите, компромис со Горбачов овозможиле пред сѐ безбедносно-политичките ветувања за Москва. Дел од нив е и откажувањето од оружје за масовно уништување или од стационирање на НАТО-трупи во источните германски покраини.

Warschauer Pakt
Рекламен плакат за Варшавскиот пактФотографија: Deutsches Historisches Museum

Во септември 1990 година, непосредно пред германското обединување, ГДР излезе од Варшавскиот пакт. Околу 360.000 припадници на народната армија за неколку дена станаа војници на НАТО. Исто толку Совети ја напуштија источна Германија до 1994 година, за што Бон на Москва тогаш ѝ плати речиси 4 милијарди германски марки.

Синџиреста реакција

Повторното обединување го овозможи подоцнежното проширување на НАТО, смета германско-американскиот историчар Конрад Јарауш. Кога ГДР го напушти Источниот пакт Горбачов сѐ уште веруваше во сосема поинакви сценарија. Долгото непријателство меѓу Истокот и Западот беше прогласено за завршено. „Горбачов тогаш зборуваше за 'нашиот заеднички дом' и уверуваше дека Советскиот сојуз е подготвен да го растури Варшавскиот пакт ако настане нова безбендосна структура во Европа“, се сеќава Тимидер Луджев, поранешен бугарски министер за одбрана (1991-1992).

Нецела половина година потоа земјите членки на Источниот блок во Будимпешта ја претворија институцијата од воена во политичка. Советите ја бојкотираа средбата. По три месеци, на 1 јули 1991 година во Прага, беше прогласен крај на политичката превласт на Советскиот сојуз, на самит кој Горбачов не сакаше да го доживее лично.

Прекршени ветувања?

Тој тогаш се надеваше на нова безбедносна структура во Европа која би се создала брзо. Но, НАТО го преживеа растурањето на својот источен пандан и набрзо почна да се зголемува. Поранешните членки на Источниот блок сакаа брзо да ги променат страните и да се најдат под заштита на НАТО.

Russland Truppenparade des Warschauer Paktes in Moskau 1985
Воена моќ - парада на трупи на Варшавскиот пакт во Москва во 1985 годинаФотографија: picture-alliance/Tass

Рускиот политиколог Александер Галкин, во тоа време дел од советничкиот тим на Горбачов, се сеќава дека САД тогаш ја уверувале Москва дека НАТО нема намера да се шири кон Исток. „Денес усните договори се од мала полза“, додава тој.

Горбачов од Западот никогаш не побара уверување дека нема да има проширување на НАТО кон исток, тврди наспроти тоа германскиот историчар Хајнрих-Аугуст Винклер. „За тоа денес се води интензивна дебата“, вели тој и подвлекува дека тогаш станувало збор пред сѐ за условите за германското обединување, додека проширувањето на НАТО не било предмет на дискусија. „Легендата дека имало ветување оти нема да се случи проширување кон исток, историски може спокојно да се стави настрана“, вели Винклер.

Копнеж по заштита

Откако ГДР го напушти Варшавскиот пакт, Чехословачка и Унгарија изразија желба за влез во НАТО. Вашингтон беше изненаден и од една бугарска иницијатива. Група бугарски универзитетски професори, меѓу кои и подоцнежниот министер за надворешни работи Соломон Паси, уште во 1990 година активно се залагаа за растурање на Варшавскиот пакт. Тоа, внатрешнополитички, беше жешка тема која предизвика огорченост кај бугарските функционери. И на Запад не се радуваа сите.

Полска, каде на почетокот на 1990-тите сѐ уште беа стационирани околу 60.000 советски војници, исто така сакаше брзо да се вклучи во западните структури, но тоа не се кажуваше гласно. „Во 1991 година членство во НАТО ни се чинеше нереално“, рече подоцна поранешниот министер за надворешни работи Кшиштоф Скубишевски. „На разговорите со генераниот секретар на НАТО Манфред Вернер јасно ја нагласив желбата за заштита од страна на НАТО, без притоа да го отворам прашањето за членство“, се сеќава овој дипломат.

NATO Hauptquartier in Brüssel
Речиси сите поранешни членки на Варшавскиот пакт денес се членки на НАТОФотографија: DW/B. Riegert

Со распадот на Варшавскиот пакт на средината до 1991 година и распадот на СССР кој потоа следуваше, процесот доби нова динамика. Прво се настојуваше да бидат примени оние кои граничеа со НАТО. Во 1999 година членки на сојузот станаа Полска, Чешка и Унгарија, додека Бугарија и други држави мораа да чекаат уште пет години, до 2004-та.

На самитот на НАТО во Варшава кој треба да се одржи наскоро, веројатно зад затворени врати ќе има навраќање на настаните од пред 25 години. Четврт век по крајот на Студената војна алијансата сака да го нагласи своето присуство на источниот бедем, и тоа токму онаму каде што некогаш Источна Европа го потпиша Договорот за пријателство, соработка и заемна помош - во Варшава.