1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите мигранти во САД може да здивнат

Анамарија Зигрист
8 декември 2020

Американскиот претседател Трамп се бореше против програмата за заштита на т.н. „сонувачи“ од стапувањето на функцијата. Сега судот одлучи - мерките за заштита на децата на илегалните доселеници мора да продолжат.

https://p.dw.com/p/3mNxQ
USA - Proteste DACA
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/R. Tivony

Владата на американскиот претседателДоналд Трамп е принудена да ја активира повторно програмата за заштита на околу 700.000 млади мигранти во САД. Министерството за внатрешни работи соопшти дека барањата поврзани со т.н. ДАЦА-програма (Deferred Action for Childhood Arrivals) ќе почнат веднаш да се примаат. Министерството размислува да побара поништување на судската наредба, но сѐ додека е таа во сила, ќе биде и спроведувана.

Сојузен суд во петокот донесе одлука дека мерките за заштита на мигрантите мора повторно да се активираат. Поранешниот американски претседател Барак Обама ја воведе програмата со декрет во 2012 година, со цел да се заштитат од протерување т.н. „сонувачи“, односно децата на луѓето кои илегално се доселиле во САД. Повеќето „сонувачи“ го поминале речиси целиот свој живот во САД, но го имаат државјанството на своите родители. Околу 700.000 опфатени со ДАЦА-програмата добиваат заштита од протерување која се обновува секои две години и која овозможува и работа во земјата.

USA Washington | Demonstration vor dem obersten Gerichtshof zum erhalt des DACA Programms
Децата на илегални доселеници го поминале речиси целиот свој живот во САДФотографија: Getty Images/D. Angerer

Владата на Доналд Трамп прво се обиде сосема да ја укине програмата, но беше стопирана во мај од страна на Врховниот суд. Потоа министерот за внатрешни работи Чед Вулф го запре примањето нови барања, но и на барањата за продолжување на статусот на заштитени лица. Голем број лица стравуваа дека ќе бидат протерани од САД.