Проблемите на Клинтон остануваат
6 јули 2016Тоа за Хилари Клинтон требаше да биде ден на ослободување. Ден на кој ФБИ по повеќемесечна истрага конечно соопшти дека американската сојузна полиција на Министерството за правда не му препорачува да ја тужи поранешната министерка за надворешни работи. Директорот на ФБИ Џејмс Коми на крајот на невообичаено долгата изјава дојде токму до овој заклучок, но Клинтон нема толку лесно да се ослободи од аферата во текот на кампањата. Затоа што, луѓето ќе се сеќаваат на неговата остра критика, а Клинтон од противниците со право во месеците до изборите ќе биде постојано напаѓана.
Особено опасна за нејзе може да биде констатацијата на истражната комисија на ФБИ дека Клинтон и нејзиниот тим постапувале „екстремно безгрижно“ и „секој кој е на одговорна позиција би требало да знае дека не смее да испраќа чувствителни имејлови од различни приватни имејл-адреси“. Зашто, со тоа се ослабнува наводно нејзиниот најголем плус во однос на Доналд Трамп, а тоа е нејзиното искуство. Каква полза од сето искуство, ако на крајот се постапува загрижувачки безгрижно?
Дали за Клинтон важат други правила?
За противниците на Клинтон, пак, уште поголема тежина има веројатно фактот дека Клинтонови играат во основа според свои правила и постојано се извлекуваат неказнети. За многумина токму тоа е доказ за тоа колку неправеден е политички Вашингтон. Доналд Трамп, со својот типичен победнички инстинкт, ова чувство во првата реакција го формулираше вака: „Други се казнети за многу помалку. Многу, многу нефер.“
Стратезите веројатно мислеле дека е многу умно претседателот Обама на денот на соопштувањето на извештајот на ФБИ да застане на страната на Хилари Клинтон во нејзината кампања. Меѓутоа може да се случи токму спротивното. Сликите на двајцата за многумина може да станат доказ за тесна соработка на моќниците во Вашингтон - од ФБИ преку Министерството за правда сѐ до претседателот. И да се помисли дека само вистински, независен, храбар и силен аутсајдер може да излезе на крај со коруптивниот систем. Доналд Трамп, барем онака како што самиот замислува, е единствениот кому ваков опис му одговара.