1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Со заострени санкции и дипломатија

СН/ агенции
27 април 2017

Американскиот претседател ги покани сите 100 сенатори во Белата куќа, за да ги информира за неговиот иден курс кон комунистичкиот режим во Пјонгјанг. Грубо кажано станува збор за - морков и стап.

https://p.dw.com/p/2bz4J
USA Donald Trump und Mike Pence
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Американската администрација во конфликтот со Северна Кореја планира да го зголеми дипломатскиот притисок и да ги заостри меѓународните санкции. Притоа има намера да ги вклучи сојузниците и партнерите во регионот, се вели во соопштението на Белата куќа по невообичаените консултации со целиот состав на Сенатот во Белата куќа. Во него уште се вели дека Вашингтон се стреми кон стабилност во регионот и мировно решение за запирање на спорните севернокорејски атомски и ракетни програми- и исто така е отворен за разговори. Со тоа, администрацијата на Трамп, од една страна најави подготвеност да ги исцрпи сите дипломатски средства, а од друга страна го предупреди комунистичкото раководство во Пјонгјанг дека и натаму ги држи отворени сите опции за решавање на конфликтот. Северна Кореја, оценето е, претставува закана за националната безбедност. 

100 сенатори, Трамп, двајца министри, шефот на тајната служба, началникот на генералштабот

Конфликтот во последно време се заостри. Претседателот Доналд Трамп најави дека ќе постапува поостро во спорот околу атомската програма на Северна Кореја и не исклучи ниту воен напад. Тој испрати носач на авиони придружуван од повеќе воени бродови како и една атомска подморница во регионот. Покрај тоа САД напредуваат со распоредувањето на противракетниот одбранбен систем ТХААД во Јужна Кореја. Истовремено Трамп побара од Кина, уште посилно да влијае врз Северна Кореја, за да ја „заузда“ изолираната земја.

Nordkorea Militärparade in Pjöngjang
Фотографија: Reuters/S. Sagolj

На средбата без преседан во Белата Куќа, Трамп ги прими сите 100 американски сенатори. На разговорите учествуваа уште и министерот за надворешни работи Реџ Тилерсон, министерот за одбрана Џим Матис, шефот на тајните служби Ден Коутс и началникот на генералштабот на вооружените сили на САД, Џозеф Данфорд. Заедно со нив четворица подоцна потпретседателот на САД, Мајк Пенс подоцна за текот на разговорите во Белата куќа ги извести пратениците во Претставничкиот дом на Конгресот.  Сенаторите и конгресмените по средбите даваа воздржани изјави за кажаното на состаноците, а некои се жалеа дека недостасува јасна стратегија. На прашањето на новинарите, дали владата има една таква стратегија, претседавачот со комитетот за вооружените сили на Сенатор, Џон Меккејн изјави: „ Тие развиваат стратегија“.

Шефот на Стејт департментот, Тилерсон во петок патува за Њујорк каде што треба да води седница на Советот за безбедност на ОН, на која ќе се расправа за Северна Кореја. Комунистичката земја од 2006 година спроведе вкупно пет атомски теста, од кои дури два во минатата година. Истовремено раководството во Пјонгјанг работи на развојот на ракети со голем дострел, кои можат да носат нуклеарни боеви глави и да ги погодат САД.