1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја се заканува со „силен превентивен удар“

ЕМФ /агенции
20 април 2017

Севернокорејското раководство денеска им се закани на САД со „силен превентивен удар“ и тврди дека земјата е подготвена за секаков вид американски напад.

https://p.dw.com/p/2bbKV
Nordkorea Militärparade in Pjöngjang
Фотографија: Reuters/D. Sagolj

Севернокорејскиот државен весник „Родонг Синмун“ денеска објави став на раководството во Пјонгјанг, во кое, меѓу другото, се вели: „Доколку изведеме силен превентивен удар, со него не само што ќе бидат елиминирани инвазиските трупи на американските империјалисти во Јужна Кореја и околината, туку во прав ќе ја претвори и континентална САД.“

Меѓународно изолираната северна Кореја со тоа повторно им се закани на Јапонија, Јужна Кореја и САД со уништување со нуклеарно оружје. Раководството на земјата ги игнорира опомените од својот единствен сојузник - Кина. Северна Кореја, според сопствени наводи, создала ракета која може да стигне до САД. Експертите, меѓутоа, се уверени дека ќе мине уште време додека земјата не почне да располага со неопходна технологија за такво нешто.

Американскиот претседател Доналд Трамп има заземено остар курс кон раководството во Пјонгјанг. Минатата недела тој изјави дека со носачот на авиони „Карл Винсон“ испратил „армада“ како предупредување до Северна Кореја. Меѓутоа, по ваквата изјава следуваше збрка околу вистинската цел на воената единица. Според наводи на американската армија, носачот на авиони прво учествувал во кратка вежба со австралиските воени сили, а сега, како што е наредено, е на пат кон западниот Пацифик. Во моментов, САД одржуваат редовни годишни маневри со јужнокорејските воени сили. Ваквите вежби од страна на Северна Кореја редовно се означуваат како подготовки за инвазија.

Nordkorea provoziert mit weiterem Raketentest
Фотографија: Getty Images/AFP/Str.

Северна Кореја во неделата повторно тестираше ракета, меѓутоа обидот беше неуспешен.

Во Советот за безбедност Русија вчера блокираше осуда на Северна Кореја. Москва, според сопствени наводи, инсистирала на формулација која ќе предвидува и решение на конфликтот преку дијалог. Таква формулација, како што се вели, немало во последната предлог резолуција.