Пристигна германското вештачење за пожарот во Тетово
17 јануари 2022По повеќемесечна истрага пристигна вештачењето на германските експерти за причините за пожарот во модуларната болница во Тетово, кој се случи на 8 септември 2021 година, при што загинаа 14 лица, а повеќемина беа повредени. На седум страници се изнесени сознанијата и заклучоците на експертите од Германија, кои што извршија увид на местото на пожарот.
Експертскиот тим од Бундескриминаламт или Сојузната криминалистичка полиција (БКА) чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој по увидот во Тетово, изминативе месеци во своите лаборатории вршеше вештачење на земените примероци. Германскиот извештај е последната коцка од мозаикот на истрагата, на којшто се чекаше неколку месеци, а треба да даде одговор како за само неколку минути изгоре целата болница.
Првиот човек на тетовското обвинителство, Бесир Алиу за ДВ вели е издадена наредба за превод на извештајот, по што ќе бидат обелоденети делови од него.
„Доколку од вештачењето на германските експерти не произлезе некоја финеса за да се спроведат дополнителни активности, можеме да кажеме дека досега истрагата е 99,9 проценти завршена“, вели Алиу.
Наредби
Тетовскиот обвинител Алиу, кој е делот од петмината обвинители коишто беа вклучени во истрагата, објаснува дека извештајот пристигнал во петокот, по што е издадена наредба за негов превод од германски јазик. Со оглед на тоа дека има еден лиценциран судски преведувач од германски јазик во Тетово, се очекува документот да биде готов за неколку дена. Дополнително, по дипломатска пошта, треба да пристигне и УСБ со снимки направени со дрон на местото на трагедијата, како и оригиналниот извештај. Пред затворањето на истрагата, обвинителите ќе треба да реферираат за предметот пред посебната комисија формирана од државното Јавно обвинителство, во однос на сите активности коишто биле преземени изминатиот период.
Текот на истрагата
Изминативе месеци тетовското обвинителство сослушуваше долга листа на над 50-тина сведоци, по што е комплетиран материјал од неколку илјади страници за трагедијата во Тетово. Досега се обезбедени и видео-снимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи.
Десетина сведоци сами се пријавија во тетовското обвинителство за да раскажат што се случувало ноќта на 8 септември кога само за неколку минути изгоре модуларната болница, во која се лекуваа ковид-пациенти. Станува збор за лица кои вечерта биле присутни во ковид центарот - дел од нив се лекувале, а останатите биле придружба на своите блиски заразени со ковид. Сите тие сведочеле за миговите кога настанал пожарот и нивниот обид да се спасат бегајќи низ прозор. Тие беа сослушани во својство на „лица што даваат потребни известувања“.
Комплетирани две домашни вештачења
Обемната документација содржи и два извештаи - оној којшто го изготви крим-техника од МВР, како и вештачењето од Технолошкиот факултет за градбата. Извештајот на МВР посочи дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.
Вториот важен извештај е од Технолошкиот факултет за градбата кој се фокусираше на изградбата на модуларната болница, која изгоре за само неколку минути. Вештачењето било фокусирано конкретно на два материјали коишто беа спорни во јавноста по избувнувањето на несреќата, кога беше обелоденето дека модуларниот објект е граден со ПИР место со ПУР пена.
Дојче веле ја објави проектната листа за модуларната болница во Тетово во која беа наведени надлежностите на централната и локалната власт, како и на првите луѓе на тетовската Клиника.
Министерството за труд и социјална политика заедно со претставници на Светска банка го спроведувале, а локалните власти и директори требало да го контролираат квалитетот и функционалноста на модуларните болници, покажуваат документите до кои дојде Дојче веле. Во план била лесна, брза и монтажна изградба на објекти по принципот клуч на рака. Притоа се користеле ПУР материјали, кои според експертите, не нудат доволна заштита при пожари.
-повеќе на темата: Што знаеме досега за трагедијата во Тетово: Повеќе прашања од одговори
Во јавноста се поставија многу дилеми за пожарот во болницата кои се однесуваат на квалитетот на објектот, неговото менаџирање и надлежностите. Министерството за здравство, пак, тврдеше дека сите 19 модуларни ковид-болници во државата, вклучително и тетовската, која изгоре во страотен пожар, се типски објекти, градени по највисоки стандарди. Според нив, пропусти во изградбата нема.
Русковска чека МВР да и достави документи
По катастрофалниот пожар, обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска даде наредба Бирото за јавни набавки да ѝ ја достави целокупната документација за јавните набавки за сите модуларни болници во државата. Но, и по четири месеци нема ништо конкретно од проверката на тендерската документација. Руковска за ДВ вели чекаат од МВР да им бидат доставени документи коишто биле побарани.