Пресудата за навреда на Ердоган не е правосилна
25 август 2017Лицето Е.А. е осудено на парична казна од 24.600 денари (околу 400 евра). Доколку не ги плати, ќе мора да одлежи затворска казна. Од Кривичниот суд за Макфакс велат дека пресудата не е правосилна, а донесена е врз основа на член 181 од Кривичниот законик. Тој предвидува парична казна за оној кој „со намера за исмејување јавно ќе изложи на подбив странска држава, нејзино знаме, грб или химна или шеф на држава или дипломатски претставник на странска држава во Република Македонија“.
Ердоган против Бемерман
Тужба за навреда турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред нешто повеќе од една година поднесе и против германскиот сатиричар Јан Бемерман. Имено, Бемерман на 31 март 2016. во сатиричната телевизиска емисија „Нео Магазин Ројал" рецитираше песна, која тој и лично ја окарактеризира како „навредлива критика", а која е полна со лични навреди и други силни изрази. Бемерман самиот, меѓутоа, од почетокот рече дека такво нешто во Германија не е дозволено. Песната има предисторија: Турција го викна на разговор германскиот амбасадор во Анкара откако една значително побезопасна сатирична песна беше емитувана во телевизискиот магазин „Екстра 3" на телевизијата НДР, а која за предмет ја имаше состојбата со човековите права во Турција. Бемерман потоа, како што тврди самиот, сакал на Ердоган да му покаже кога границите на слободата на сатирата во Германија се навистина пречекорени.
Ердоган побара кривично гонење на новинарот, што во една правна држава е прашање на судовите. Меѓутоа, во овој случај и политиката играше своја улога. Стануваше збор за - во меѓувреме укинатиот - параграф 103 од Кривичниот закон, со кој се регулираа случаи на „навреда на органи и претставници на странски држави". Во него стоеше дека „оној кој навредува странски лидер се казнува со затворска казна во траење до три години". Предуслов за обвинителството да покрене постапка беше согласност да даде владата.
Членот 103 е укинат
Германската канцеларка Ангела Меркел на средината од април 2016. во Берлин соопшти дека во случајот на сатиричарот Јан Бемерман владата дала дозвола за кривична постапка, но додаде:
„Тоа е само дозвола за правна проверка и не владата, туку обвинителствата и судовите ќе го имаат последниот збор. Токму во таква и во никаква друга смисла и рамки сојузната влада дава дозвола во конкретниот случај на водителот Јан Бемерман. Освен тоа, сакам да ве информирам дека независно од оваа конкретна постапка, сојузната влада е на мислење дека параграфот 103 од Кривичниот закон како казнена норма за заштита на личната чест е во иднина излишен. Затоа ќе поднесеме предлог за негово укинување.“
Тоа беше и сторено. На 7 јули годинава Бундесратот донесе одлука за укинување на членот 103. Измените на законот ќе стапат во сила на 1 јануари 2018 година.
Судовите и натаму се занимаваат со тужбата на Ердоган
Случајот Ердоган против Бемерман, пак, и натаму е предмет со кој се занимаваат судовите. Откако покраинскиот суд во Хамбург во февруари годинава делумно ја прифати тужбата на турскиот претседател и на Бемерман му забрани да повторува 18 од вкупно 24 стихови од песната, поради тоа што тие „ја навредуваат честа“, двете страни се жалеа на пресудата. Прв, во март 2017, жалба поднесе сатиричарот Бемерман, кој нагласи дека не прифаќа ограничувања на своите основни права. „Едно уметничко дело не може да се сецира на делови“, изјави тогаш неговиот адвокат Кристијан Шерц.
На 12 јули годинава жалба преку својот адвокат поднесе и турскиот претседал Ердоган, кој бара целосна забрана на песната.