Пресудата за Младиќ: Дали Србија е спремна да признае?
9 јуни 2021Ратко Младиќ, српски генерал и командант на Војската на босанските Срби, добро ѝ е познат на светската јавност, не само поради злосторствата за кои е осуден, туку и по 16-годишното криење под патронат на демократските власти во Србија на претседателите Коштуница и Тадиќ. Сега Меѓународниот суд за воени злосторства во бивша Југославија ја потврди пресудата и го прогласи за виновен во десет од единаесет точки на обвинението, меѓу кои се геноцид, злосторство против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување.
Без оглед што работата на Хашкиот трибунал е од исклучително значење за регионот, зашто утврди факти кои се неспорни, сепак пропушти да ги докаже врските на Младиќ со Белград, односно со претседателот на Србија, Слободан Милошевиќ, шефовите на државна безбедност на Србија, Јовица Станишиќ и Френки Стаматовиќ, потоа со лидерот на Српската радикална партија Војислав Шешељ и лидерот на Доброволната гарда, Жељко Ражњатовиќ Аркан, зашто сите тие имиња се наведени во обвинението против Милошевиќ.
Србија ги негира сите пресуди на Хашкиот трибунал
Во пресудата за Душко Тадиќ, првата личност на која ѝ беше судено во Хаг, утврдено е дека станува збор за меѓународен судир. Хашкиот суд избегна да потврди дека Србија водеше војна во БиХ, како што избегна добро документираниот геноцид во уште шест општини, извршен на самиот почеток на војната во 1992 година, да го вклучи во пресудата, посебно кај Ратко Младиќ.
Србија, како што е познато, ги негира сите пресуди на Хашкиот трибунал кои се однесуваат на Срби, квалификувајќи ги за антисрпски и многу селективно ги користи оние пресуди кои се однесуваат на воени злосторници од други народи. Со оглед дека не е обвинета за здружен злосторски потфат, Србија одбива било каква одговорност и тврди дека во Босна се водела „ослободителна војна на Србите“, како и дека исламскиот фундаментализам е одговорен за распадот на Југославија. Од тоа се разви наратив кои Србите ги прикажува исклучиво како жртви кои светот ги стигматизира, меѓу другото и поради блискоста со Русија.
Геноцидот во Сребреница, дел од српската стратегија
Геноцидот во Сребреница и во источна Босна беше дел од српската стратегија која Сребреница, заедно со Жепа и Горажде, ги сметаше за „муслимански коридор“ (т.н. “зелена трансверзала“) која ги поврзува Сараево и Турција преку Санџак, Албанија и Косово. Според нивното толкување, тоа било своевидна опасност за цела Европа, па затоа Сребреница била на мета на Ратко Младиќ уште од 1992 година. Таа интерпретација уште е актуелна во Србија.
Со настаните во Босна е доведен во прашање кредибилитетот на прокламираните демократски и морални вредности на западните земји, а Сребреница беше точка која го дискредитираше светот, зашто меѓународните сили, кои ја штитеа Сребреница како заштитена зона на ОН, едноставно овој град им го предадоа на српските сили предводени од Ратко Младиќ. Од морална гледна точка, Сребреница беше пресврт во босанската војна, но истовремено и симбол на рамнодушноста и игноранцијата на западните земји.
Сребреница испровоцира сериозни морални дилеми секаде во светот, освен во Србија. Резолуцијата на ОН, да се признае геноцид во Сребреница, е обид да се воспостави заеднички историски наратив и да се востанови ден на сеќавање на Сребреница. Многу држави го прифатија тоа, но одреден број земји беше воздржан во тој поглед, првенствено Русија и Кина.
„Се жртвуваа за српското дело“
Додека Босна и денес упорно се обидува да избори функционална и плурална држава, во Белград се рехабилитираат сите обвинети злосторници во Хаг, вклучувајќи го и Ратко Младиќ, кои се третираат како национални херои кои се жртвувале за „српското дело“. Потврдената пресуда за Ратко Младиќ, најсвирепиот воен злосторник, нема да има посебна перцепција и одек во Србија. Интерпретацијата на распадот на Југославија, која постои во Србија, неминовно наметнува и различно сфаќање на одговорноста.
Радикална трансформација на општеството не е можна сѐ додека српската елита не се соочи со вистината и не одговори на одредени прашања:
Дали е спремна да признае дека колаборацијата на институции како ЈНА и службите за безбедност беа извршители на државната политика на Милошевиќ?
Да признае дека постоеја депортации и масакри на цивилно население, идентификувани поименично, заедно со нивните културни или религиозни афилации?
Да признае дека постојат докази за делоцирање на убиените (т.н. секундарни и терцијарни масовни гробници) и нивно осакатување, а понекогаш и нивно спалување?
Дека намерно било уништувано културното и религиозно наследство, за да се затре идентитетот на другите заедници и уште многу други работи?
Да признае дека отсуството на политичка волја кај политичките и културни елити, со одговорност да се пријде кон обработката на минатото, е значајна опструкција во отворањето на европскаа перспектива на Србија?
Да признае дека ориентацијата кон релативизација на одговорноста за неодамнешните војни е пречка за нормализација на односите во регионот?
Да признае дека таквиот однос исто така е уште еден дополнителен елемент на затворање на српското општетсво во аутистичен и ретрограден систем на вредности?
Да признае дека принципот на казнивост е едно од клучните прашања за воспоставување на правната рамка и систем во Србија?
Без соочување со Ратко Младиќ и неговите злосторства, Србија не може да конституира сопствено модерно општество, ниту да ја обнови довербата во регионот.
Соња Бисерко е еден од најистакнатите борци за човекови права во Србија, од 1994 година е на чело на Хелсиншкиот комитет на Србија.