1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресвртни и брзи избори во Јужна Кореја

СН/ агенции
9 мај 2017

Под впечатокот на корупцискиот скандал на сменетата претседателка Парк, во Јужна Кореја се избира нејзин наследник. Оној кој ќе добие најмногу гласови, ќе стапи на функцијата веќе утре (10.05)

https://p.dw.com/p/2ceTy
Südkorea Präsidentschaftswahlen
Фотографија: Reuters/Kim Kyung-Hoon

Повеќе од 42 милиони граѓани на Јужна Кореја денеска гласаат на изборите за нов шеф на државата, кои се свикани предвремено поради корупцискиот скандал поради кој беше сменета претседателката Парк Геун Хје. Додека Парк се наоѓа во притвор и го чека судскиот процес, се очекува изборите за нов претседател да отворат ново поглавје во земјата по повеќемесечната политичка нестабилност. Политичките аналитичари очекуваат дека владејачката конзервативна партија ќе биде казнета од избирачите, кои на гласачките места можеа да излегуваат од  шест часот утрината по локално време.

Јасен фаворит

Се предвидува победа на либералниот кандидат Мун Џае Ин кој се залага за подобрување на односите со Северна Кореја.

Негов најсериозен ривал меѓу вкупно 13-те кандидати на изборите е Ан Чеол Су. Мун е јасен фаворит во земјата каде силните конзервативни сили се обидуваат повторно да се групираат по корупцискиот скандал поради кој во март беше сменета претседателката Парк Геу Хје.

Последната анкета објавена минатата недела покажува дека Мун, кандидат на Демократската партија, има околу 20 насто повеќе од двајцата главни ривали, кандидатите на центарот и конзервативците.

Südkorea Präsidentenwahl Moon Jae-in Kandidat
Мун Џае ИнФотографија: picture alliance/Photoshot/Y. Qilin

Неговата победа би ставила крај на речиси 10-годишното владеење на конзервативците, Парк и нејзиниот предходник Ли Мјунг Бак. За победникот на денешните избори, мандатот почнува веќе утре, со оглед дека нема втор круг на гласање.

На денешните избори се очекува поголема излезеност отколку во 2012 година, соопшти Националната изборна комисија (НЕЦ).

До 15 часот по локално време гласале речиси 64 отсто од 42,4 милиони луѓе со право на глас, што е, како што наведува НЕЦ, побрзо темпо на гласање отколку во 2012. година.

Јужнокорејското гласачко тело е длабоко идеолошки и генерациски поделено, а се оценува дека младите гласачи придонеле за поголема излезеност на почетокот на гласањето. НЕЦ проценува оти конечната излезеност на гласањето ќе биде околу 80 отсто, што е повеќе од 75,8 насто во 2012 година.