1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Јужнокорејската претседателка мора да ја напушти фунцијата

СН/ агенции
10 март 2017

Во рок од 60 дена во Јужна Кореја треба да се гласа за нов шеф на државата. Уставниот суд го потврди импичментот на претседателката Парк Геун Хје. Со тоа судот ја следеше одлуката на парламентот од декември.

https://p.dw.com/p/2Ywrd
Südkorea Park Geun-Hye
Фотографија: Getty Images/South Korean Presidential Blue House

Уставниот суд на земјата денеска донесе историска одлука. Судиите едногласно, официјално ја потврдија смената од функцијата претседателката на земјата Парк Геун Хје поради корупциски скандал кој предизвика повеќемесечни политички превирања во земјата.

Против судската одлука избувнаа протести во кои загинаа две лица, од кои еден е 72-годишен маж, кој е повреден за време на протестот и починал во болница, пренесуваат светските новински агенции.

Со одлуката на судот е потврдена смената на претседателката Парк која парламентот ја изгласа на 9 декември минатата година, со што таа стана прв демократски избран лидер на Јужна Кореја кој е сменет од функцијата. Првата жена претседател на Јужна Кореја и ќерка на воениот диктатор од времето на Студената војна, Парк Чунг Хе, чии родители се убени, денеска не се појави во судот, а претседателската канцеларија соопшти дека таа денеска нема да ја напушти резиденцијата и нема да дава изјави во врска со судската одлука.

Според Уставот, претседателски избори треба да бидат одржани во наредните 60 дена. Вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја, Хванг Кјо Ан, денеска рече оти ја почитува одлуката на Уставниот суд и дека Кабинетот ќе ја стабилизира земјата за да спречи интензивирање на внатрешниот конфликт.

Südkorea Amtsenthebung Park Geun-Hye
Фотографија: Reuters/Yonhap

Парк Геун Хје е сменета поради скандал поврзан со корупција во која се вмешани јужнокорејски конгломерати, во момент кога се засилени тензиите со Северна Кореа и Кина. До смената доаѓа по повеќемесечна парализираност на земјата и демонстрациите во кои стотици илјади луѓе излегуваа на улиците во знак на протест против корупцискиот скандал поради кој и директорот на Самсунг заврши во затвор.

Парк (65) повеќе нема претседателски имунитет и сега би можела да се соочи со кривични обвинувања за корупција, изнудување пари и злоупотреба на функцијата во врска со наводите оти ковала завера со својата пријателка и советничка Чои Сунг Сил. Само неколку часа по одлуката на јужнокорејскиот суд, севернокорејските државни медиуми ја осудија Парк Геун Хје како „обичен криминалец“.