Прегласување и бојкот: Македонија пред нови тензии
21 декември 2016Одлуката на Управниот суд за прегласување на едно избирачко место во Општина Теарце, како и најавениот бојкот на прегласувањето и непризнавањето на тие изборни резултати што го најави ВМРО-ДПМНЕ, ја внесува Македонија во нова неизвесност. Во моментов никој не може да предвиди какви процеси може да продуцира бојкотот на прегласувањето. Дипломатите се воздржуваат од проценки, но велат дека официјален Брисел и Вашингтон будно ја следат состојбата. Американскиот Стејт департмент вчера изрази загриженост за зголемената политичка напнатост во Македонија по изборите од 11-ти декември.
„Ја осудуваме потпалувачката реторика од некои политички лидери, напаѓајќи ги демократските институции и амбасадорите акредитирани во Македонија. Ги повикуваме политичките лидери да престанат со нападите, да ги почитуваат демократските процеси и да дозволат формирање на кредибилна и стабилна влада, која ќе биде одговорна и ќе ги почитува владеењето на правото и фундаменталните слободи. САД се подготвени да ѝ помогнат на таквата влада да ги оствари долготрајните цели на Mакедонија за евроатлантска интеграција“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби на прес-конференција во Вашингтон.
Изјавата доаѓа откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ преку партиски Проглас ги обвини амбасадорите дека се мешаат во внатрешните работи на Македонија, приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ се појавија со транспарент „Бејли тргни ги рацете од Македонија“, а на интернет се појавија погребни фотографии на американскиот и на повеќе европски амбасадори.
ВМРО-ДПМНЕ: Противправна одлука на судот
Неизвесноста за развојот на состојбите се зголеми откако Управниот суд вчера ja уважи тужбата на СДСМ за гласањето на избирачкото место 2011 во Општина Теарце, во Изборната единица 6, со што гласањето во тоа избирачко место е поништено. Оваа одлука на Управниот суд е спротивна на одлуката на ДИК, која пред три дена одлучи дека е неоснована жалбата на СДСМ за нерегуларности на тоа избирачко место. Управниот суд ја прифати и тужбата на ВМРО-ДПМНЕ за приговорот од „Беса“ дека на гласачот Фатиме Сулејмани не и било дозволено да го оствари избирачкото право, бидејќи некој друг гласал во нејзиното име на гласачкото место 0396/1 во општина Гостивар.
По ваквите одлуки на Управниот суд, прегласување ќе има само на избирачкото место 2011 во Општина Теарце. Во Изборната единица 6 разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е 307 гласови предност за ВМРО-ДПМНЕ, па прегласувањето на ова избирачко место може да донесе пресврт во бројот на освоени пратенички мандати.
Но, оваа математика може да биде ирелевантна. Откако Управниот суд ги објави резултатите, Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција повтори дека „партијата останува на ставот искажан во Прогласот на Извршниот комитет“, кој лидерот на партијата Никола Груевски јавно го обзнани во саботата.
„Доколку и Управниот суд подлегне на влијанијата од страна и ги потврди незаконските одлуки на ДИК, а со тоа се одзеде победата на ВМРО-ДПМНЕ и се фалсификува слободно изразената волја на граѓаните на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ објавува дека нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите од тоа прегласување. Нема да дозволиме аболицираниот криминалец Зоран Заев да формира Влада со фалсификувана волја на граѓаните на Република Македонија“, обзнани Груевски.
Според Никола Тодоров, судиите од Управниот суд кои гласале за уважување на тужбата на СДСМ донеле противправна одлука водена од политички мотиви, а како доказ за тоа го посочи фактот дека во образложението не биле наведени конкретни законски основи заради кои е доносена одлуката, туку само општа формулација - дека се случувале низа неправилности.
„Ова е дел од поголемото сценарио за фалсификување на волјата на граѓаните и на изборите, на кои мнозинството од 455 илјади граѓани гласаа за ВМРО-ДПМНЕ и 'Коалицијата за подобра Македонија'. Едноставна е математиката. СДСМ на ова гласачко место може да ја украде победата на ВМРО-ДПМНЕ, само и исклучиво преку овој таканаречен изборен инженеринг. Сценариото за кражба на изборната победа нѐ прави поцврсти, поодлучни и поединствени во нашата намера да ја одбраниме демократијата, затоа што ние сме на страната на народот, правдата, правото и вистината“, порача Тодоров.
СДСМ за стабилна влада
По обвинувањата од Тодоров дека „СДСМ и нивните налогодавачи срамно продолжуваат со обидот за кражба на кристално чистата победа на ВМРО-ДПМНЕ“, со соопштение се огласи СДСМ.
„Тоа што го носат промените го избезумува Никола Груевски. Затоа, де тој се заканува, де го праќа Тодоров да плаче. Над 600.000 граѓани се изјаснија дека повеќе нема место во политиката за ликови како Никола Груевски, нема криминали, нема крадења избори како што тоа го правеле од ВМРО-ДПМНЕ. Демократските процеси се почнати и назад нема. Тоа го знае и Груевски. ВМРО-ДПМНЕ оди во опозиција“, се вели во соопштението на социјалдемократите, со став дека „Република Македонија ќе добие Влада на своите граѓани“.
Можноста за коалицирање со цел формирање стабилна влада и реформските приоритети, биле дел од темите за кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од генералниот секретар, Оливер Спасовски, вчера разговарал на средба со партнерите од коалицијата.
„Партнерите се согласни дека на изборите победи концептот на заедништво, наспроти концептот на поделби, бидејки над 600.000 граѓани дадоа поддршка за живот, против режимот. Се разговараше и за реализацијата на првите приоритети што ќе донесат добар живот за граѓаните, како и за реализацијата на реформските приоритети од Извештајот на Прибе што ќе ги отворат перспективите на Македонија кон светот. На средбата стана збор и за отворање можности за коалицирање со цел формирање стабилна Влада“, соопшти СДСМ по средбата.
Од партијата не откриваат дали и со кои партии се водат разговори за коалицирање.