Прогласот на Груевски: Опасен потег на очаен губитник!
18 декември 2016Прогласот од пет точки што го донел Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а кој на протест пред седиштето на ДИК синоќа го прочита партискиот лидер Никола Груевски, внесе нови тензии и неизвесности на македонската политичка сцена. Неговата содржина отвори сомневања дека Груевски планира сериозна меѓународна изолација на Македонија и отворена диктатура. Социјалните медиуми вивнаа од коментари. „Груевски планира да ја скара Македонија со целиот свет“, „Крајната цел е воведување вонредна состојба, за која уште еднаш ќе биде употребен Иванов“. „Целосно изгубил контакт со реалноста“, „Очаен алиби говор за да го покрие поразот“... се дел од коментарите на јавноста која бара промени. Од партискиот атар на ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат исклучиво честитки за Прогласот и пораки на храбрење: „Време беше да им ја покаже вратата на странците“, „Напред Никола, крст за амбасадорите и за соросоидите“. Дел од пораките не се за цитирање, поради изобилство од изрази на омраза, вулгарности и навреди кон странските дипломати, кон домашни политичари и етнички заедници.
Слон во продавница за порцелан
Аналитичарите не се изненадени од точките во Прогласот и посочуваат дека тоа се истите позиции од кои Груевски десет години ја урива демократијата во Македонија, поради што и кулминираше кризата. Но, изненадени се од речникот со кои беа обвинети „некои амбасадори дека премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата и дека тоа мора да запре“.
„Дипломатијата е уметност која се потпира врз деликатноста на изразот и зборот, која култивира дискреција наместо агресивност и рационалност наместо емоции“, укажува поранешниот македонски амбасадор Нано Ружин.
„Кога овие златни правила на високата дипломатија која се однесува на комуникација меѓу амабасадори, партиски лидери, премиери и претседатели ќе ги споредиме со реториката на Груевски со амбасадорите на САД и на ЕУ, неговото дипломатско комуницирање асоцира на однесување на избезумен слон во продавница за порцелан“, вели Ружин. Како пример за тоа го посочува и партиското соопштение од средбата со амасадорот на САД, на која Груевски „држел лекција“ каква е улогата на еден амбасадор.
„Како да се протолкува овој дипломатски имброглио на Груевски? Барајќи спас од оваа состојба, Груевски очајно ќе настојува да спроведе некое поинакво сценарио: по секоја цена да влезе во некоја евентуална голема владеачка коалиција, или да направи највисок степен на автаркија со несогледиви последици за државата и по демократијата. Со недипломатскиот јазик кон амбасадорот на САД веројатно се надева дека новиот председател Трамп ќе го повлече Бејли од Скопје и ќе го поддржи западнобалканскиот 'мал Орбан' да продолжи со својот авторитарен популизам. Оние што ја следат надворешна политика на САД се свесни дека преку ноќ не се менува ни таа, ни амбасадорите. Дали Груевски е жртва на неинформираност од страна на неговиот министер за надворешни работи и на амбасадорите во Брисел и Вашингтон? Можно е дека овие уплашени дипломати за да не го повредат чувствителниот Груевски и да ги сочуваат своите позиции, ги шминкаат нивните депеши, исто како во времето на еднопартизмот“, вели Ружин. Се сомнева и дека му ги преведуваат написите во европските медиуми како „Монд“, „Шпигел“, „Стандард“..., каде се цитира изразот на ЕУ за РМ како 'заробена држава', држава на корупција, авторитарност, клиентелизам, партизирано судство...
И Мајскиот договор е хибрид!
Она што посебно ја тангира домашната јавност се точките од Прогласот кои најавуваат крај на решавањето на внатрешните политички проблеми со помош на странски медијатори и крај на „хибридните решенија“.
„Ова укажува на сложена ситуација во раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кое е соочено со губењето на тлото под нозете и со губење на поддршка внатре во партијата, па обраќањето практично е насочено кон последните поддржувачи кои и самите не гледаат излез од состојбата“, вели професорот и поранешен министер за образование на ВМРО-ДПМНЕ, Ненад Новковски.
Во Прогласот на партијата тој лоцира повеќе недоследности.
„Се тврди дека ако Управниот суд под притисок ги потврди незаконските одлуки на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите. Со тоа прејудицира нечие друго влијание, но остава простор под влијание на владејачката партија да се донесе одлука што ќе им одговара. Посебно е нејасен ставот дека нема да учествува во прегласување и нема да ги признае рзултатите, што би можело да се оствари со откажување на мандатите на пратениците од соодветната изборна единица или на сите избрани во овој изборен циклус“, констатира Новковски.
Според него, нејасна е и изјавата дека ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на состаноци и преговори со други партии во кои учествуваат амбасадори, странски посредници или претставници на други држави.
„Ова ја става партијата во позиција на помалку значаен политички субјект, затоа што преговорите во рамките на Договорот од Пржино ги вклучуваат најрелевантните политички партии. Но, тоа не ја ослободува од досега презeмените обврски кои мора во целост да бидат почитувани. Индикативно е дека ова напуштање на форматот на преговори не е условено со ништо, ниту се објaснува како последица на некоја од досегашните постапки на некој учесник во преговорите. Очигледно е дека се работи за необмислен и контрапродуктивен чекор, кој е во спротивност со веќе отпочнатиот процес на преговори. Може да се заклучи дека оваа изјава е дадена повеќе во насока на охрабрување на членството да го поддржи актуелното раководство на партијата, отколку како целесообразен одговор на актуелната политичка ситуација“, смета Новковски.
За најчудно го смета тврдењето дека партијата нема да прифаќа хибридни решенија доколку истите ги нема во други земји-членки на ЕУ.
„Токму оваа партија под водство на Груевски го прифати решението од Мајскиот договор за формирање влада од два субјекти кои ќе бидат победници во македонскиот и албанскиот блок. Такво решение не постои некаде во ЕУ, ниту пак било обврска од Охридскиот договор“, потенцира Новковски.
Слободата на здружување е неприкосновена
Со Прогласот голем удар е најавен за граѓанските организации кои критички ја опсервираат работата на Владата, а кои власта со години ги третира под името „соросоиди“.
„Ќе се бориме за десоросоизација на Македонија и за јакнење на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и невладините организации по теркот на најнапредните демократии во светот“, обзнани вчера Груевски.
Андреја Стојковски, претседател на невладината Македонски центар за европско образование (МЦЕО) вели дека демократските држави не затвораат невладини организации.
„'Никој не може да ти стори толку лошо, колку што можеш самиот себеси'. Според оваа максима, Груевски синоќа го одржа последниот свој говор. Тој им објави војна на сите и со овој говор само направи терен за своето заминување од политиката. Нема таква прозападна партија која затвора невладини организации. Слободата на здружување е неприкосновена и основна вредност на демократските системи, но Македонија одамна не е изборна демократија. Нема демократска држава која ги жигосува НВО како предавнички поради критика на власта, ниту таква која истите ги затвора. Ова нема да биде ништо друго, освен најава во која ќе бидат злоупотребени последните механизми на државна моќ во последните денови. Груевски само создава впечаток дека е моќник, иако тој е еден многу уплашен човек, кој знае дека волците од неговата глутница се веќе околу него и го меркаат неговото место“, вели Стојковски.
Заев: Заврши времето на Груевски!
Со четири гласа „за“, четири „против“ и еден воздржан, ДИК синоќа го отфрли и последниот приговор на СДСМ, кој се однесуваше на гласачкото место 2011 во Теарце, во шестата изборна единица. За одлуката не гласаше претставникот на ДУИ во ДИК, Субхи Јакупи, кој претходно рече дека експертите треба да одлучат за последниот предлог и се иззеде од гласањето.
Изминатите денови ДИК прифати само еден приговор од движењето „Беса“ и поништи гласање на едно избирачко место во Гостивар. Сега на потег е последната инстанца - Управниот суд, пред кој политичките партии имаат право да се жалат на одлуките на ДИК.
СДСМ оцени дека со одлуките што ги донела ДИК покажала дека не е ниво на сериозната задача што ја има во врска заштитата на сите аспекти од изборниот процес. А, по прогласот на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на СДСМ ги повика граѓаните да не дозволуваат никакви провокации.
„Од одлуките на ДИК и на Управниот суд не зависи кој ќе формира Влада, но тие се важни заради вистината и фактите. Повикувам на трпение и воздржаност. Повикувам на одговорност кон државата и граѓаните. Времето на Груевски заврши, Македонија ќе оди напред“, порача Заев.