1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правната разврска на кризата е услов за стабилна влада

Костадин Делимитов
28 декември 2016

Македонија нема алтернатива во која било политичка влада ако таа не е способна да ја реши кризата и тоа во корен, предупредуваат експертите. Сѐ поинаку, само би водело кон уште едни брзи предвремени избори!

https://p.dw.com/p/2UwPb
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Правна разврска или продолжена криза. Македонија е пред клучна крстосница за политичката иднина на земјата. Финалето од годината ќе донесе мандатар за состав на нова влада, но дали и извесност за политичка стабилност? „Пол позицијата“ што ја доби ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски по тесната изборна победа е предност, но повеќе на хартија ако се имаат предвид сите опции што се на маса или заткулисно се заговараат. Но во играта на се` во која безмалку секој типува на секого за добивање на потребните 61 пратенички мандати, една работа е клучна. Дали новото парламентарно мнозинство ќе формира и Влада која би била способна или би имала волја за вистинско решение на кризата?

Гаранции за правна разрешница

За експертската јавност се чини помалку е битно кој и со кого би ја формирал новата влада. Клучно според повеќето од нив е таа да донесе и одредена извесност но и гаранции за правна разрешница на она што значи корен на кризата:

„Без правна разврска на причините кои доведоа до оваа политичка криза и предвремени избори многу е тешко да се очекува дека Македонија би добила нова влада која би била политички стабилна и способна да работи на клучните приоритети. Затоа е многу битно да се најде правна разврска, а потоа и политичка разврска на целата криза која само во такви услови би можела да води кон решенија дури и од типот на голема коалиција. Во таа смисла е многу важно да созрееме, пред сѐ политички и оваа ситуација да има разврска. Без тоа која и да е влада, па и голема коалиција не би имала придонес до основната суштина во моментов како да се разреши кризата. Мора да се најде рамка за правна разврска а дури потоа и можност за евентуални политички коалиции“, коментира универзитетскиот професор и поранешен амбасадор во Германија Горан Рафајловски. 

Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski

Рамката за правна разврска и политичка извесност според експертите мора да биде пополнета со јасно утврдена волја за реализација на приоритетите. Не само оние нотирани во извештајот на Прибе, туку и делот што се однесува на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и потребните услови за негова функционалност и непречено работење:

„Она што во моментов е клучно е формирање на нова влада која би била функционална и би ги исполнила ургентните стратешки цели со договорот од Пржино и секако Специјалното јавно обвинителство. Тоа се стратешките приоритети. Од она што го гледаме е очигледно дека ВМРО ДПМНЕ купува време во очекување на Доналд Трамп и официјално да ја преземе функцијата, а СДСМ смета дека е потребно брзо да се реагира со формирање на влада која ќе биде функционална и ќе работи на јакнење на правото. Очигледно е дека Груевски сака и купува време но тоа е залудно и многу наивно да се очекува дека работите со Трамп ќе станат подобри за нив“, коментира политичкиот аналитичар Нано Ружин.

Епилог по Нова Година

Какво е расположението и реалната поддршка за Груевски и неговиот тим според Ружин доволно отсликува последната јавна опомена од страна на фондацијата Конрад Аденауер:

„После толку години реформи, обид за демократизација на општеството и  истакнување на суштинските вредности на конзервативизмот во Конрад Аденауер се дојде до заклучок дека ВМРО ДПМНЕ треба да прифати реформи, да признае пораз, што особено се однесува на онаа малечка елита предводена од Никола Груевски. Тој и неговата посрамотена и криминогена екипа за која веќе никој не само во Германија туку и кај останатите сестрински партии во Европа не сака да чуе, да се повлечат. Затоа велам дека клучот е кај нив, доколку дојде до повлекување а потоа и реализација на судските процеси и владеење на правото. Во такви услови тогаш не гледам зошто не би се направила и широка коалиција со СДСМ“, смета Ружин.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во вакви услови се чинат второстепени пазарењата или т.н. условувања што се заговараат во албанскиот политички блок околу нивните клучни максималистички приоритети. Лидерот на ДУИ Али Ахмети синоќа во гостување на ТВ Алсат М објави дека без унапредување на правата на Aлбанците може и да не се формира влада. Притоа тој остави и простор за каолицирање со било кого порачувајќи им на Aлбанците во земјата дека конечната одлука ќе ја изразува нивната волја. Сепак ваквите негови, но и ставовите на останатите политички субјекти во албанскиот блок според упатените повеќе се гледаат како на појак збор отколку на содржина и не треба да значат ништо во дадената ситуација. Посебно ако не бидат исполнети потребните предуслови кои би гарантирале стабилност. Секоја поинаква опција би водела кон уште едни брзи предвремени парламентарни избори. Но она што е клучно е што декларативно, сите во албанскиот политички блок се за продолжување на мандатот и непречено функционирање на СЈО. Во меѓувреме законската процедура си тече. Денеска Државната изборна комисија треба да им ги додели мандатите на пратениците. Веројатно во петок, а најдоцна во сабота 31 декември треба да биде свикана и конститутивна седница на парламентот. За епилогот, или почетокот на епилогот на кризата ќе мора да се почека новата година.