1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последното танго на Берлин со Груевски

23 декември 2016

Вчерашната анализа на фондацијата „Конрад Аденауер“ е јасен сигнал дека ВМРО-ДПМНЕ веќе нема поддршка од водечките конзервативни сили во Европа и дека нејзиниот меѓународен рејтинг го допре дното.

https://p.dw.com/p/2Unfi
Angela Merkel und Nikola Gruevski PK in Berlin
Фотографија: dapd

Внатрепартиски реформи и признавање на волјата на мнозинството. Овие насоки кои вчера можеа да се прочитаат во анализата на германската фондација „Конрад Аденауер" потпишана од шефот на канцеларијата во Скопје, Јоханес Реј, предизвикаа бран реакции во македонската јавност. Пораките кои се испратени до врвот на партијата која 10 години владее во Македонија притоа не треба да се толкуваат ни како опомена од сестринската Христијанско-демократска Унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел, а уште помалку како официјален став на сојузната влада во Берлин.

„Конрад Аденауер" е фондација која има нераскинливи идеолошки врски со ЦДУ, но не е нејзин гласноговорник. Фондацијата не се финансира од партијата на Меркел, туку најголемиот дел од средствата доаѓаат од германското сојузно министерство за економски развој, а во случајот на Македонија и од германското МНР. Факт е дека таа во рамките на своето делување во Македонија негува(ше) исклучително блиски односи со идеолошки блиската ВМРО-ДПМНЕ, но исто така треба да се забележи дека 80 проценти од стипендиите на фондацијата се насочени кон млади луѓе кои не се партиски членови.

Сепак, таквата позадина не ја намалува тежина и сериозноста на пораката која вчера стигна на адресата на најбогатата партија во Европа во „Белата палата" во центарот на Скопје.

Невообичаено (за досегашните анализи на „Конрад Аденауер") остриот речник кон партијата укажува дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното раководство ги губат и последните сојузници меѓу т. н. сестрински партии во Европа. Токму на тие сојузништва се повикуваше Груевски кога во пресрет, а и во текот на кампањата, замина во посета на Берлин, или кога во Скопје ги примаше шефовите на дипломатиите на Австрија и Унгарија. Но, постизборно, честитка за победата стигна само од Будимпешта, од унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Idomeni Grenze Polizei Flüchtlinge
Груевски и ВМРО-ДПМНЕ уживаа премолчена поддршка сѐ додека се сметаа за гарант на стабилност во земјата, во светло на бегалската криза. Фотографија: Getty Images/AFP/B. Kilic

Фактор на стабилност

Факт е дека до пред самите избори, ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште уживаше премолчена поддршка од својата сестринска партија, која поаѓаше од претпоставката дека Груевски ќе биде сигурен победник на изборите и во него гледаа гарант за стабилноста поради стравот од нова бегалска криза. Изјавата на пратеникот на ЦДУ, Торстен Фрај за ДВ во ноември годинава е најдобриот показател за тоа. По посетата на Скопје, Фрај, кој е и поранешен известувач на Бундестагот за Македонија, на својата интернет-страница ги сумираше впечатоците од средбите со оценка дека „Груевски ќе биде старо-новиот македонски премиер по изборите". На прашањето на ДВ од каде таа сигурност во победата на ВМРО-ДПМНЕ, Фрај се повика на впечатокот кој го стекнал при посетата на земјата.

„Независно од испитувањата на јавното мислење, според мене, ВМРО-ДПМНЕ има најсилна поткрепа во општеството. Тоа се должи на многу добриот економски развој и пред сѐ на прозападниот курс", ќе рече Фрај на 11 ноември годинава.

По нешто повеќе од еден месец, откако исходот од резултатите беше познат, веќе беше забележлива промената во оценките. „... една националконзервативна партија која дејствува сѐ поавторитарно и која во последните години паѓаше в очи со корупција и злоупотреба на власта", беше оценката на Клаус Бремиг од ЦДУ за „сестринската" ВМРО-ДПМНЕ по изборите.

Ваквата промена во наративот не е резултат на некакво задоцнето освестување на германските политичари, затоа што оценката дека партијата на Груевски владее авторитарно и е длабоко корумпирана можеше да се прочита и неколку години претходно во тајните извештаи кои германската влада ги презентираше пред парламентарната комисија за надворешна политика. Таа е многу повеќе одраз на проценката дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ веќе не можат стабилно да владеат во Македонија, особено од аспект на можната нова бегалска криза која е и главната грижа на германските и европските политичари. Дополнително, јавно манифестираните ставови на партијата против работата на СЈО и блокадата на реформите предложените во Извештајот на Прибе од претходно ги намалија „симпатиите" кон ВМРО-ДПМНЕ.

Прогласот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, прочитан лично од Груевски, беше само последната во серијата грешки кои ѝ ставија крај на можноста, тој и неговата партија да се надеваат на каква било поддршка од надвор.

„ Со објавата на Прогласот и говорот на Груевски пред седиштето на ДИК минатата сабота се попречуваат ДИК и Управниот суд, нивните членови се дезавуираат, и се затвора вратата за меѓународната заедница", констатираше во анализата фондацијата „Конрад Аденауер". 

Надолна линија

Надолната линија во односите на официјален Берлин и сѐ уште актуелната владејачка коалиција во Скопје е забележителна со години наназад, но особено се засили по откривањето на скандалот со прислушувањето во 2015 година. Почна добро со посетата на Груевски на Меркел уште во 2006 година, непосредно по преземањето на премиерската функција. Продолжи со поддршката на самитот на НАТО во Букурешт и подоцна со добиената препорака за почеток на преговори со ЕУ. Хронолошки падот веќе може да се забележи од 2013 година наваму по посетата на тогашниот шеф на германската дипломатија Гидо Вестервеле на Скопје, а подоцна во ноември и средбата на Меркел со посредникот во спорот за името, Метју Нимиц.

Nikola Gruewski in Deutschland
Груевски беше примен со највисоки почести во Берлин, во октомври 2006 година, по преземањето на функцијата. Фотографија: AP

По откривањето на аферата со прислушкувањето, во јуни 2015 година германското МНР излезе и со намалена оценка за билатералните односи меѓу двете земји кои тогаш беа оценети како „задоволителни".

Во јули 2015 година канцеларката Меркел ја заобиколи Македонија за време на нејзината балканска турнеја.

Следуваа серија официјални критики од кои најсилната беше онаа на Штајнмајер од април 2016 во која го обвини шефот на државата Иванов дека им нанесува штета „на стандардите на правната држава и на правниот мир" со одлуката за амнестија.

Испраќањето на амбасадорот Јоханес Хајндл како медијатор во политичката криза на дело ја покажа загриженоста на Берлин за иднината на земјата и подготвеноста да се помогне, дури и по цена да се ризикува судир со Европската Комисија.

Од последната официјална изјава на Штајнмајер по одржаните избори, видливо отсуствуваше било каква честитка до победникот на изборите. Наместо неа, доминираа барања за итно спроведување на реформи и непречена работа на СЈО.

Анализата на „Конрад Аденауер“ само стави точка на долгогодишниот негативен тренд. Пораката дека наместо да се бори за власт, ВМРО-ДПМНЕ треба внатрешно да се реформира е јасен сигнал за драматичниот пад на рејтингот на оваа партија во очите на странските поддржувачи. Нејзиното враќање во семејството на европските конзервативци во иднина ќе зависи од способноста да се реформира, пред сѐ кадровски, со луѓе кои не беа директно вовлечени во бројните скандали од изминатите години.