Последни обраќања пред изборниот молк
19 април 2019Ноќеска на полноќ за завршуваат сите изборни активности на претседателските кандидати и нивните тимови. Денеска (19.4.) е последниот ден во кој тие ќе им се обратат на гласачите и ќе ја побараат нивната поддршка пред првиот круг од претседателските избори што ќе се одржат в недела, на 21-ви април. Кампањата помина мирно и во бројни тв-дуели меѓу претседателските кандидати, со симпатични гафови на митинзите, но и со одредени изборни спотови кои беа под нивото на фер однесување.
Заедничко за тројцата претседателски кандидати кои во изборната трка влегуваат со епитетот „независни“, е што сите се универзитетски професори по правни науки.
Пендаровски: Не ни треба втор Иванов!
Во Охрид, градот каде што кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова ја започна изборната кампања, вечерва ќе се одржи централниот и завршен митинг на заедничкиот кандидат на СДСМ и 30 партии, Стево Пендаровски (56). Претходно тој ќе има средби и со граѓаните во Дебарца, Белчишта, Вевчани, Лабуништа, како и трибина во Струга. На синоќешните средби со граѓаните во Дојран и Богданци тој побара максимална мобилизација на изборите на 21-ви април, потенцирајќи дека кога станува збор за патот по кој треба да продолжи земјата, секој глас е важен.
„Ајде да излеземе масовно на гласање во недела и да избереме напредок. Заедно да победиме, заедно да одиме напред. Да го исполниме заветот на борците, пред чиј споменик стоиме и кои ни дадоа аманет- 'ние се втемеливме, вие градите'. Во изминативе две години сите сме сведоци на еден целосно нов пристап во односите со соседите, кој ги решава најтешките проблемите, и ги отвора портите на Северна Македонија кон напредок, сигурна иднина и кон светот“, рече Пендаровски.
Претходно се сретна и со жителите на Валандово, родното место на претседателот во заминување, Ѓорге Иванов. Ним им порача дека со гласот за Сиљановска заемјата може да се врати само назад, во времето на груевизмот и штетните политики на Иванов.
„Вашиот сограѓанин кој досега недостојно ја извршуваше функцијата претседател, работеше против граѓаните и поддржуваше само една партија. Ги кочеше сите проекти кои носат добро на народот и државата. Противкандидатката Сиљановска има амбиции да биде иста како него, и гласот за неа на изборите ќе значи и глас да продолжат политиките на Иванов. Но, знам дека граѓаните во Валандово и во целата држава нема да дозволат тоа да се случи“, порача Пендаровски.
Повеќе:
ДИК по изборите ќе бара одговор за падот на серверот
Иванов не може да помилува: законот и изборите му ги врзуваат рацете!
Сиљановска: Гласање против непотизмот и криминалот
Неговата противкандидатка, Гордана Сиљановска Давкова (63), која ќе го прослави роденденот на 11-ти мај, еден ден пред заминувањето на Иванов од функцијата, вчера од Кратово ја нагласи важноста на месецот мај.
„Мај е вистинскиот месец за промени, не само за пролет, туку за вулкански промени за македонската политика“, рече Сиљановска.
Потребата од промени ја посочи како неопходна, бидејќи, според неа, непотизмот, криминалот и корупцијата се вистинската одлика на власта.
„Тие немаат смисол, ниту имаат желба, ниту имаат знаење. Се фалеа дека ќе се борат со непотизмот, ама непотизмот е нивна политичка филозофија, нема министер кој не вработил некого од семејството и не се загрижени за тоа. Да не говорам за корупцијата и криминал. Тие, стимулирајќи ја и толерирајќи ја корупцијата и криминалот, го рушат суверенитетот на Македонија, ја прават Македонија слаба држава, ја прават Македонија пропадната држава. Процесот на одлучување наместо во силни и стабилни институции го лоцираат во во неформални структури и на неформален начин и одлучуваат за најважните национални прашања. Јас тоа ниту го поддржувам, ниту ќе го практикувам“, нагласи Сиљановска.
Се обврза дека ако стане претседателка ќе биде првата амбасадорка на сиромашните и ќе се откаже од дел од средствата, за да ги насочи за нив.
„Не може јас да се чувствувам добро, ако половина од граѓаните се чувствуваат лошо“, порача Сиљановска.
Таа побара поддршка и масовна излезност од граѓаните, со цел да може да ја реализира нејзината програма, да се врати владеењето на правото, а со тоа Македонија да оди напред на вистински пат - во Европската унија. Завршните пораки до граѓаните таа ќе ги испрати вечерва од последните митинзи во Пробиштип и Штип.
Река: За Република каде владее правото!
На изборен успех се надева и кандидатот поддржан од партиите Беса и Алијансата за Албанците, Блерим Река (58). На синоќешниот централен митинг во Тетово побара силна поддршка од граѓаните.
„Заедно со вас го финишираме патот на победата. Вечерва, ја пишуваме новата историја - за една Република за сите, со законот над сите! За Републиката каде владее правото, а не поединецот. Против заробената, приватната и правна држава, против корупцијата, непотизмот и селективната правда. Посебно против трговијата со гласови. Ова ваше присуство е најубедлив одговор кон тие што овие денови употребуваа говор на омраза. Но вечерва нема да се занимавам со нив, затоа што гласачите ќе им одговорат најдобро во недела. Заедно со вас финишираме кон патот на победата“, порача Река.
И во изминатите денови потенцираше дека очекува гласови не само од Албанците, туку од сите граѓани. Четирите главни цели за кои се залага, се деполитизација на судството, департизирана и професионална јавна администрација, реформи во секторот на разузнавање и контраразузнавање, и битка против корупцијата.