1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДИК по изборите ќе бара одговор за падот на серверот

18 април 2019

По изборите ДИК ќе побара да се истражи проблемот со падот на нивниот сервер. Опозицијата сомнежот го вперува во одредена апликација на СДСМ, оттаму велат - нема ништо спорно.

https://p.dw.com/p/3H0JU
Produktfoto IPhone X
Фотографија: picture-alliance/dpa/E. Novozhenina

Неколку дена пред првиот круг од претседателските избори, опозициската ВМРО-ДПМНЕ изрази сомневања околу регуларноста на изборите поради одредна апликација што ја користела СДСМ, а која според опозициските обвинувања служела за прибирање на лични податоци и мета-дата од телефони на сите што ја симнале апликацијата. Случајот го нарекоа „Големото око“, а како потврда на нивните сомнежи го посочија повлекувањето на апликацијата од сервисот на Гугл плеј и фактот дека таа веќе не може да се симне.

Џабир Дерала од невладината „Цивил“, која го набљудува изборниот процес, вели дека не е точно дека апликацијата е избришана или дека не може да се симне.

„Јас ја симнав и можам да кажам дека станува збор за вообичаена алатка за комуникација. Таа не бара никакви посебни податоци, и по тоа прашање оди од средно кон ниско ниво, вообичаено како и за многу други апликации. За илустрација, игрите за деца бараат многу повеќе податоци, како што е полн пристап до фото и видео галерии, нешто што во посочената апликација воопшто го нема. Сметам дека станува збор за класична лажна вест, вешто срочена и наменета за лица кои немаат технолошки познавања и не користат интернет и андроид платформи“, вели Дерала.

Google play Motiv
Не е точно дека апликацијата е повлечена или дека не може да се симне, вели Џабир ДералаФотографија: Google

Обвинувањата на опозицијата уште завчера енергично ги демантираа од СДСМ. „Лага е дека постои апликација што прибира лични податоци на граѓаните, матични броеви или други лични информации. Контрадикторноста и невистините се гледаат во тоа што во еден пасус тврдат дека постои апликација што се користи од страна на членови на СДСМ и која прибира податоци од сите што ја симнале (значи, членовите на СДСМ), а во друг пасус, пак, тврдат дека преку истата апликација се прибираат информации за интернет-активностите на сите граѓани“, реагираа од СДСМ.

Од таму појаснуваат дека партијата користела современ, иновативен начин на водење кампања преземен од сестринските партии од Шведска, поврзана исклучиво со работата на нивните активисти.

Повеќе:

Победуваме, или не?

Професорско дуо-трио

Серверот на ДИК

Но, од штабот на Гордана Силјановска вчера отидоа и чекор понапред во сомнежите.

„За нас остануваат отворени прашањата дали има поврзаност помеѓу падот на серверот на Државната изборна комисија, во исто време кога СДСМ ја подготвува и ја објавува апликацијата на Гугл плеј сервисот“, рече Горан Момировски, од тимот на претседателската кандидатка на опозицијата.

За ваквиот сомнеж побаравме одговор од претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

Mazedonien Zentrale Wahlkommission
Забелешките на опозицијата се однесуваат на лице кое во 2016 година работело на проверка на Избирачкиот список, вели Деркоски (фото: ДИК, 16.12.2016)Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Јас не сум ИТ-експерт и не можам да давам оценки за тоа. Како што кажаа стручњаците што работеа на решавање на проблемот, имало проблем со некаков крипто вирус. Набавена е заштита, и сега функционира. За да не го попречуваме сега процесот, решивме после изборите ДИК да пријави до соодветниот сектор во МВР за да се истражи за што се работи. Експерите велат дека трагите остануваат и ќе може да се утврди во што бил проблемот“, објаснува Деркоски.

Се бара одговор од институциите

Од штабот на Силјановска изразија и сомнежи поврзани за „претставник на СДСМ во ДИК, во екипата што работела на прочистување на избирачките списоци, а кое имало пристап до матичните броеви на сите граѓани.

„Се сомневаме дека можеби и во овој случај е направена некаква илегална активност која директно загрозува низа македонски закони, загрозува низа индивидуални човекови права, пред сѐ се разбира во контекст на изборното право“, рече Момировски.

Дерковски рече дека, како што бил информиран, забелешките на опозицијата се однесуваат на лице кое во 2016 година работело на проверка на Избирачкиот список, но не можеше да одговори каква би била неговата поврзаност со актуелните сомнежи и обвинувања на опозицијата.

Од штабот на Силјановска за сето ова го информирале и Јавното обвинителство.

„Очекуваме јавноста да биде информирана што точно се случило во овие 15-тина дена со помош на апликацијата на СДСМ. Навистина Македонија заслужува, особено овој период пред добивање на датумот за преговори за членство со ЕУ, да имаме еден фер, коректен изборен процес и дека навистина тоа ќе се случи. Меѓутоа тоа да се случи мора институциите да ги расчистат сите дилеми околу овој случај што ние го нарекуваме 'Големото око'“, рече Момировски.