Поразувачка политика на ЕУ
19 август 2017Повеќе од две години, тимови од организацијата „Лекари без граници“ се активни со спасувачки бродови на Средоземно Море. Подолго од една година и во бегалските логори во Либија, во кои бегалците живеат во човечки недостојни услови. Нашите тимови, значи, реагираат на две драматични хуманитарни ситуации: стотици илјади бегалци и мигранти во Либија се изложени на екстремно насилство и големи опасности, а во Средоземното Море само годинава се удавија преку 2.400 луѓе. Но, наместо да остане верна на своите принципи и да се грижи за заштита на луѓето на надворешните граници на Европа, ЕУ засилено се оградува и ги попречува организациите како „Лекари без граници“ во пружањето хуманитарна помош. Тоа се поразувачки податоци на Меѓународниот ден на хуманитарната помош.
Либиските служби на 11. август најавија воспоставување свои спасувачки зони и во широкиот појас на меѓународните води пред брегот на Либија, забранија пристап на бродови од хуманитарните организации. Либиската крајбрежна стража, која ЕУ наголемо ја помага, на спасувачите од хуманитарните организации им се заканува и со оружје и не им дозволува пристап во нововоспоставената спасувачка зона. Тоа е страшно.
Загрозени спасувачи
Цивилните спасувачки акции зачестено се пресретнуваат со непријателство расположение. Италија и ЕУ претставија кодекс на однесување за невладините организации, со кој делумно се оневозможува спасување на море. Италија дури испрати и воени бродови во либиските води. Целта е следната: ЕУ и нејзините земји-членки со своите либиски партнери работат на спречување на бегството на луѓето од Либија. Тоа е недопустлив атак на животот и достоинството на луѓето на кои итно им е потребна заштита.
Ако либиските власти и крајбрежната стража ги спроведат најавите, тогаш „Лекари без граници“ веќе не ќе можат да пружаат спасувачка помош во согласност со меѓународно признатите принципи и меѓународните договори за заштита на бегалци и пружање помош на море. Враќањето на луѓе во небезбедни подрачја е забрането. „Лекари без граници“ одбиваат да влезат во системот, кој луѓето по секоја цена сака да ги спречи во барањето заштита и безбедност.
Таквата политика има катастрофални последици за оние кои бегаат од прогон и екстремно насилство во Либија. Натамошното истиснување на спасувачките бродови на хуманитарните организации од Средозменото Море, ќе значи сѐ помала можноста за спасување на луѓе од смрт. Оние кои нема да се удават, се фаќани и испраќани назад во Либија, во земја на беззаконие, изложени на мачење и сексуално насилство.
Оградувањето пред заштитата
Билансот на политиката на ЕУ на Меѓународниот ден на хуманитарната помош 2017 година е поразувачки. Во изјавите радо се истакнуваат хуманитарните принципи, но во стварноста гледаме дека заштитата на бегалците често е подредена на оградувањето на Европа.
Европските шефови на држави или влади, на чело со германската канцеларка Ангела Меркел, уште со спогодбата меѓу ЕУ и Турција, создадоа модел за заштита на Европа. Последица е домино-ефектот на затворање на границите, кој доведе до тоа луѓето веќе да не можат да се засолнат од воените подрачја, како што е случајот со Сирија. Стотици илјади луѓе не се во можност да ги напуштат подрачјата и провизорните кампови во кои владеат нечовечки услови. Не се намалуваат страдањата на луѓето, само стануваат подалеку од европските граници, далеку од камерите на светската јавност.
Низ нашите проекти за бегалци и прогонети во преку четириесет држави, заклучуваме дека се итно потребни безбедни и легални патишта за луѓето во бегство од војна. ЕУ тука едвај помага. Тоа е доказ на слабоста на континентот, кој од лично искуство знае какви се страдањата на луѓето, кои се принудени да ги напуштат своите домови.