1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија со дронови и војска ќе се штити од илегални бегалци

Ж. Ацеска
17 август 2017

Во борбата против нелегалната миграција, Бугарија планира масивно обезбедување на границата кон Турција со дополнително ангажирање војска и техника за надгледување, најави министерот за одбрана Каракачанов.

https://p.dw.com/p/2iOFA
Bulgarien Grenze Grenzsoldaten
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Doychinov

Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов за германскиот весник „Велт“ изјави дека бугарско-турската граница ќе биде поделена во пет зони. „Во секоја од овие зони ќе биде испратена по една вооружена единица од формат на чета, чија задача ќе биде да го чува соодветниот граничен сегмент. Ќе бидат ангажирани и специјализирани борбени единици“, изјави Каракачанов. Предвидено е во граничниот појас да бидат присутни вкупно до 600 војници.

„Во пракса се докажа дека војската е многу поефикасна во обезбедувањето на границите отколку полицајците“, тврди бугарскиот министер. Каракачанов, освен тоа, најави граничната линија да биде надгледувана со помош на видео камери и дронови, за да се спречи влез на илегални мигранти. Тој критикуваше што Европејците досега не успеаја да ја затворат Медитеранската рута за мигрантите. „Не можеме да дозволиме и натаму во Европа масовно да стигнуваат нелегални мигранти. Во Италија и во Грција треба да ангажираме трупи од НАТО или од ЕУ и во краен случај - надворешните граници на Унијата да ги браниме и со силата на оружјето“, истакна Каракачанов. Заменикот бугарски премиер дополнува: мнозинството од оние кои стигнуваат во Европа преку Средоземното Море, се економски мигранти. „Тие не се прогонувани, не им е потребна никаква заштита на животот, тие единствено сакаат да живеат во богата западна земја“, гласи неговата проценка.

Организацијата за човекови права Про Азил остро ги критикуваше изјавите на бугарскиот министер за одбрана. Тие се косат со меѓународното право и со човековите права, изјави директоорт на организацијата, Гинтер Буркард во Франкфурт.