ЕУ може да ги казнува Унгарија и Полска
16 февруари 2022Владите во Будимпешта и Варшава сметаа дека ЕУ нема право да им ја запира финансиската помош поради нарушувањето на независноста на институциите во двете земји. Полска и Унгарија се големи приматели од фондовите на ЕУ, а во изминатите години беа остро критикувани поради нарушување на демократските принципи и вредности.
Пресудата беше очекувана со големо внимание од оние кои ги обвинуваат двете земји за демократско назадување и кои сметаат дека запирањето на финансиската помош е најпотентното оружје на ЕУ за превенирање на вакви случаи во Унијата.
Европската комисија најави дека ќе ја почека одлуката на судот пред да одлучи какви мерки ќе преземе против двете земји.
Унгарија и Полска во минатото одбиваа да ја прифатат таквата поврзаност, оценувајќи дека судот ја надминува својата надлежност со тоа што одобрува механизам кој не е запишан во основните договори на ЕУ. Тие сметаат дека поврзување на финансиската помош и законодавните одлуки на земјите-членки е уцена од Брисел.
Запрени милијарди евра помош
Полска и Унгарија со години наназад се предмет на критики поради ерозијата на правосудната и медиумската независност. Немоќна да го спречи ваквиот тренд, ЕУ се сврте кон користење на финансиските механизми за да го запре демократското назадување.
Во Унгарија, премиерот Виктор Орбан гради ткн. „илиберална демократија“, која за многу критичари значи задушување на демократијата. Во Полска, владејачката партијата на Правото и Правдата во повеќе наврати ги прекршуваше домашните закони со цел да ја преземе контролата врз судовите.
- Договор во ЕУ: Владеење на правото, па потоа европски милијарди
Унгарија и Полска првично се обидоа да го блокираат донесувањето на буџетот на ЕУ поради новиот механизам, но подоцна се согласија одлуката да му ја препуштат на Европскиот суд на правдата.
Европската комисија досега блокираше 36 милијарди евра за Полска, и 7 милијарди евра за Унгарија, од фондот за помош во пандемијата на коронавирусот.
Во првичната реакција по пресудата, унгарската министерка за правда Јудит Варга ја оцени како „политичка“ и ја обвини ЕУ дека ја злоупотребува својата моќ.
„Пресудата е уште еден обид за притисок врз нашата земја поради донесувањето на законот за заштита на децата минатото лето“, напиша Варга на Фејсбук.