Полска, Унгарија и Чешка го кршат правото на ЕУ
2 април 2020Источноевропските држави Полска, Унгарија и Чешка со своето одбивање за прием на бегалци во 2015 година, ги прекршиле своите обврски кои произлегуваат од одлуката на ЕУ, досуди Европскиот суд со седиште во Луксембург.
Министрите за внатреши работи на ЕУ во септември 2015 година, наспротив отпорот на источноевропските држави, со мнозинство решија до 160.000 баратели на азил да бидат распределени низ целата ЕУ по принцип на квоти. На тој начин беше планирано растоварување на Грција и Италија. На крајот, од различни причини, според Европската комисија биле распределени само околу 35.000 бегалци, многу од нив во Германија. Унгарија, Полска и Чешка упорно одбиваа прием на луѓето, поради што ЕК, која меѓудругото има задача да го надгледува остварувањето на правото на ЕУ, во декември 2017 година поведе правна постапка против трите земји. Претходно, во септември 2017 година Судот ја одби жалбата на Унгарија и Словачка против одлуката за распределба.
Повеќе:
Бегалска криза: Спасете ги конечно децата!
Источна Европа контра планот на ЕУ за бегалците
Аселборн бара исклучување на Унгарија од ЕУ
Европскиот суд во денешната пресуда не наведе казна, за таа цел Европската комисија ќе треба уште еднаш да се обрати до него и да побара финансиски санкции, по што Европскиот суд ќе ја дреди висината на казната. Притоа ќе бидат земени во предвид тежината на прекршокот, но и економската сила на земјите. ЕУ со години е во конфликт поради политиката на азил. Државите како Грција, Италија и Шпанија на јужната граница бараат реформа на т.н. Даблинско правило, според кое за барањето за азил е надлежна државата каде барателот првпат стапнал на европско тло. Држави како Унгарија, Полска или Австрија категорично одбиваат обврска да примат баратели на азил. ЕК планира наскоро да предложи нов „миграциски договор.“