1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аселборн бара исклучување на Унгарија од ЕУ

ЕМФ/афп/ард13 септември 2016

Министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн бара исклучување на Унгарија од ЕУ поради повреди на основните права во ЕУ и третман на бегалците како животни. Аселборн директно го критикува и Орбан.

https://p.dw.com/p/1K100
Фотографија: picture alliance/Eventpress Stauffenberg

Луксембуршкиот министер за надворешни работи за весникот „Велт“ изјави: „Не можеме да прифатиме основните вредности на ЕУ да се повредуваат масивно.“ Според Жан Аселборн, оние кои како Унгарија градат ѕидови против воени бегалци или ги повредуваат слободата на печатот и независноста на правосудството, би требало привремено или засекогаш да се „исклучат од ЕУ“.

Унгарија, вели Аселборн, „денес не би имала шанса да стане членка на ЕУ“. Унијата не може да толерира „вакви погрешно однесување“, како во случајот на Унгарија. Исклучувањето би било „единствена можност за да се одржи Унијата и да се зачуваат нејзините вредности“, оценува министерот за надворешни работи на Луксембург.

Тој истовремено бара да се промени правилото во ЕУ-договорите дека кога станува збор за суспензија на членство е неопходна едногласна одлука. „Би било од помош кога правилата би се промениле така што во иднина не би била неопходна едногласност при одлучувањето за суспензија“, нагласи тој.

Grenze Ungarn - Serbien - Flüchtlinge
Аселборн остро ја критикува оградата на унгарската границаФотографија: picture-alliance/dpa/Z. Gergely Kelemen

„Ги третираат речиси полошо од диви животни“

Шефот на дипломатија со најдолг стаж во ЕУ ја обвинува унгарската влада за тешки грешки во односот кон бегалците: „Тука луѓето кои бегаат од војна се третирани речиси полошо од диви животни“. Аселборн истовремено остро ја критикува оградата на унгарската граница: „Оградата која ја гради Унгарија за да ги запре бегалците станува сѐ подолга, повисока и поопасна. Унгарија не е далеку од наредба за пукање врз бегалците.“

Шефот на луксембуршката дипломатија упати и лични критики на сметка на унгарскиот премиер Орбан: „Типови како Орбан нѐ ставија во непријатна ситуација ЕУ да има позиција во светот како Унија која си дозволува нанадвор да брани права, а внатре веќе не е способна да ги одржи тие права.“

Критиките на Аселборн доаѓаат на само неколку дена пред неформалната средба на шефовите на држави или влади на ЕУ во Братислава, на која нема да има претставник од Велика Британија. Таму 27-те членки ќе разговараат за иднината на ЕУ по брегзит.