1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија: Изјавите на Орбан во историските учебници

Даниел Нолан/бг9 септември 2016

Учениците во Унгарија во иднина по предметот историја ќе учат и говори на актуелниот премиер Виктор Орбан. Вклучувањето на анти-имигрантските настапи на премиерот ги разлути историчарите.

https://p.dw.com/p/1Jyod
Фотографија: DW/D.Nolan

Новиот учебник по историја кој вклучува и говор на премиерот Виктор Орбан за мигрантската криза предизвика контроверзи во Унгарија на почетокот на новата учебна година. Орбан е многу позитивно портретиран во поглавјето 8 од историјата, кое го покрива историскиот период од 1945 година до денес. Орбан е застапен во повеќе текстови,поглавја и фотографии, вклучително и неговата средба со Папата Јован Павле втори. Политичарот е опишан како „основачка фигура на модерна Унгарија“.

Меѓу најпроблематичните делови од книгата, од која осмоодделенците веќе почнаа да учат, е прашањето: „Зошто мислите дека западните држави со нивните поранешни колонии имаат поинаков став кон мигрантите?“ Точниот одговор на прашањето се содржи во говорот кој Орбан го одржа пред Европскиот парламент минатата година. „Ние мора да ги разбереме овие земји за кои тоа е проблем. Како поранешни колонизатори, тие секогаш го прифаќаа империјалистичкиот начин на размислување, според кој, нормално е народите од поранешните колонии да доаѓаат во нивните земји. Тие се подготвени на тоа и таква е нивната култура. Унгарија никогаш не била таква земја, таа нема никогаш да стане таква земја. Се придржуваме до фактот дека унгарската хомогена култура, начин на размислување, цивилизациски навики се вредности. Сметаме дека тоа е важно, и не сакаме да го жртвуваме“.

Ungarn Schulbuch Viktor Orban
Учебникот вклучува и фотографија од средбата на Орбан со папатаФотографија: DW/D.Nolan

Агнес Куњалми, претседавач со парламентарниот комитет за култура и пратеник на Социјалистичката партија, вели: „Дојдовме до точка во автократијата во која Орбан е претставен во учебници со неговото мислење за мигрантите. Каква влада ја става сопствената кампања на омраза во историски учебници?“, прашува таа.

Реагира и Ласло Миклоши, претседател на независното Здружение на учители по историја. „Можеме ли да ги наречеме актуелните настани, како говорот на Орбан, историја? Секоја нова книга има грешки, но ова издание е најпроблематично досега, и отвора прашања и за принципите и за уредништвото“. „Оваа книга има грешки кои се повеќе од вештачки“, додава Миклоши. „Орбан се претставува како активна, позитивна личност, на пример, преку фотографија од приемот кај папата. Неговиот ривал, поранешниот премиер Ференц Ѓурчани е претставен како пасивен, партиски чиновник сликан покрај логото на својата партија. Ѓурчани е опишан како учесник во приватизацијата, а за Орбан нема никаков опис. Тоа е многу пристрасно“, вели Миклоши.

Нов курикулум

Издавачот на книгата Јозеф Капоши ја брани содржината на книгата. Вклучувањето на Орбан било неопходно, затоа што владата го сменила курикулумот во 2012 и го вклучила и периодот од 1945 до денес.
Според Владата, новиот курикулум „ги сменил границите на историски ери и вклучил нова рамка која се придржува до тоа“.

Ungarn Schulbuch Viktor Orban
Новите учебници по историја за 8 одделениеФотографија: DW/D.Nolan

Петер Бенчик, коавтор на сличен учебник за осмо одделение го поддржува изданието. „Искрено не можам да разберам зошто е диктаторски доколку некој кој е жив е вклучен во историски учебник. Од претходно знаевме дека и други премиери од минатото ќе мора да се научат“.

Спорно во новата книга е и описот на концептот на десницата и левицата. Учениците учат дека „најважната карактеристика на радикалната десница е конзерватизмот, а на левицата- радикалноста“.

Од освојувањето на власта во 2010, Орбан кој ја започна својата кариера како либерал, ја прогласи Унгарија за „илиберална демократија“ и е постојано критикуван поради нарушување на демократските институции и системот на контрола и рамнотежа. Во недостаток на кредибилна опозициска партија, учителите станаа највокални противници на режимот на Орбан. Минатата учебна година тие ја завршија со серија штрајкови и масовни протести поради неговата образовна политика, здружени во движењето Танитанек - „Јас ќе предавам“.

Viktor Orban
Виктор Орбан е на власт од 2010 годинаФотографија: T. Charlier/AFP/Getty Images

Владата одби да одговори на прашањата на ДВ за новиот учебник, а ни Орбан досега не се изјаснил за него. „Феноменот е силен потсетник на визијата на Орбан за оваа земја, како и за видот на закана кој во моментов постои во владините кругови“, вели Куњалми.