Полска: Политички цинизам среде пандемија
30 октомври 2020Полска е тешко погодена од пандемијата. Бројот на инфекции и на смртни случаи од коронавирусот достигнува рекордно ниво. Втор карантин е се’ поизвесен. Здравствените власти и здравствениот систем се преоптоварени. Тоа е драматичен развој.
Оттука, човек може да се праша зошто полскиот уставен суд токму сега одлучува по жалба за законот за абортус? Тешко може да се замисли дека тоа е случајност. И уште помалку дека тоа се случува без одобрение од најмоќниот политичар во земјата, Јарослав Качински.
Политичка калкулација
Не е тешко да се претпостави дека зад ова стои политичка калкулација. Една од причините може да биде намерата да се сврти вниманието од неуспехот на владата во борбата против пандемијата. Другата намера е собирање околу себе на десничарскиот конзервативен табор.
Повеќе:
-Моравјецки бара крај на протестите за правото на абортус
-Протести и апсења по заострувањето на забраната за абортус во Полска
Само пред неколку недели, десничарската владина коалиција на Качински беше под закана да се распадне поради Законот за заштита на животните. Темата за абортусот сега идеално соодветствува за воспоставување единство во сопствените редови и за „кратење на крилјата“ на се’ посилната екстремна десница.
Покрај тоа, Качински си обезбедува благодарност до Католичката црква, која со години бара апсолутна забрана на абортусот и при тоа со задоволство и’ обезбедува изборна помош на партијата на Качински.
Во однос на вледеењето и на партиската политика, ова се огромни предности. Но, по која цена?
Омраза, гнев, презир
Цената е натамошен раскол на општеството. Емоциите зовриваат. Се шири омраза, гнев и презир. За време на хаосот во полскиот парламент - Сејмот, политичарите на опозицијата го опколија Качински и му викаа во лице: „Ова е војна“. Тоа плаши.
Повеќе:
-Дали вирусот го убива национализмот?!
Политиката што се фокусира на раскол и на конфронтација, наместо на дијалог и на компромис, си игра со оган. Без разлика од која страна доаѓа.
Уште повеќе: Секој кој во време на пандемија ги провоцира луѓето да излегуваат на улица и да се собираат на протести, постапува неодговорно. Или пресметливо. Ако е така, наскоро ќе бидат посочени новите виновници за ширењето на коронавирусот. Тоа се жените кои протестираат против забраната за абортус. Каква цинична игра.